Стратегијата за развој на креативни индустрии се спроведува - Отворена изложба за современ накит од млади креативци
Недела, 18 Март 2012   

Во Националната галерија на Македонија – „Мала станица“, вечерва беше отворена изложба на современи и инвентивни парчиња накит на кои диминира оригиналност, креативност и богатство на идеи. Изложбата е резултат на творечката енергија на 20 млади креативци кои во текот на изминатата недела, под менторство на реномирани експерти за изработка на накит од Холандија, учеа и се усовршуваа во рамки на првата креативна работилница за изработка на современ накит.

Во своето обраќање на отворањето на изложбата, министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека оваа работилница е практична примена на Стратегијата за развој на креативни индустрии, која пред три години ја изработија еминентни професори во соработка со невладиниот сектор. Меѓу авторите на Стратегијата, како професор, беше и претседателот д-р Ѓорге Иванов.

Тој истакна дека пред неколку години ова беше идеја и замисла на една група интелектуалци, предводени од проф. Антоанела Петковска, а кога како резултат на едно истражување беа согледани потенцијалите што ги нуди нашето општетство во оваа сфера, тоа истражување го преточија во текст кој стана Стратегија за развој на креативните индустрии.

„Вечерва радува што она што беше идеја пред неколку години денес е реалност и е пример за сите млади и креативни луѓе во Македонија, пример кој треба да го следат и да видат како можат нивните идеи и замисли да бидат нешто од кое можат да ја обезбедат својата егзистенција. Тоа може да биде и препознатлив бренд за нашата држава и поттик за сите оние кои не се осмелуваат своите идеи да ги материјализираат, да го сторат тоа,“ порача претседателот Иванов.

„Стратегијата за развој на креативните индустрии е од особена важност за Република Македонија, затоа што токму креативните индустрии кои се во фокусот на многу европски земји се оние промотори и носители на културниот идентитет кои играат непроценливо важна улога во поттикнувањето на културната разновидност. Практичната примена на оваа Стратегија ќе овозможи нови вработувања, мобилност во економската размена и афирмација на претприемачкиот дух, рече министерката Канческа Милеска.

Изложбата „Презентација на изработени парчиња современ накит“  се реализира во рамките на тематската работилница која од 12 до 18 март се одржа во Скопје и е првата од трите предвидени работилници како дел од проектот на Министерството за култура за унапредување на културните индустрии во нашата земја. Во јули и септември е предвидено да се одржат работилници за изработка на мебел и амбалажа.


  Back<<Назад