Нашите земји имаат заедничко минато, но и заедничка иднина – претседателот на Црна Гора, Вујановиќ во официјална посета
Петок, 16 Март 2012   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска беше домаќин на претседателот на Црна Гора, Н.Е. г-дин Филип Вујановиќ, кој престојува во дводневна официјална посета на Република Македонија.

Макeдонија и Црна Гора немаат отворени прашања, имаат заедничко минато, но и заедничка иднина, констатираа претседателите на двете земји по денешната средба во Скопје. И двете држави имаат стратешка цел да бидат членки на Европската унија и НАТО.

„И најдолгиот пат почнува со првиот чекор. Македонија веќе тргна на патот кон ЕУ, не стоиме во место и тоа е позитивно. Можеме да разменуваме искуства, затоа што ние ги имаме искуствата од Словенија и Хрватска,“ истакна претседателот Иванов и додаде дека Македонија и Црна Гора заемно ќе си помагаат затоа што тоа е во интерес за целиот регион.

Претседателот Иванов, посочи дека Македонија веќе го прави првиот чекор, а тоа го прави и Црна Гора, и се очекува во јуни да почнат преговори за членство.

„Битно е да се почне, а потоа со секој исчекор се приближувате до целта. Го имаме искуството од другите земји и тоа ќе ни биде од корист побргу да завршиме. Точен датум никогаш не може да се даде во денешните услови во кои живееме,“ истакна македонскиот претседател.

Црна Гора, како што нагласи црногорскиот претседател Вујановиќ, очекува во јуни да добие можност за датум за преговори за членство во ЕУ и дека земјата вредно работи на тоа поле. Во однос на членството НАТО, тој нагласи дека Црна Гора ги има исполнето сите услови за членство во Алијансата, како и дека од Самитот во Чикаго треба да се очекуваат позитивни сигнали за двете земји.

Меѓу главните точки на разговор на средбата беше и економска соработка меѓу Македонија и Црна Гора. Претседателот Иванов, повикувајќи се на статистиката од минатата година, истакна дека Македонија во 2011 година оствари извоз во Црна Гора од 34 милиони, а увоз во вредност од два милиони долари. Очекувањата се дека суфицитот од македонска страна во скоро време ќе се избалансира.

Претседателите Иванов и Вујановиќ разговараа и за туристичката размена, која е отежната поради отсуството на соодветна инфраструктурата и недостатокот на редовната авионска линија меѓу Македонија и Црна Гора. Претседателите најавија дека во блиска иднина интензивно ќе се работи на подобрување на овие услови. Притоа беше потенцирано значењето на Јадранско-јонската магистрала, која ќе отвори нови пазари, поголема комуникација меѓу луѓето и размена на стоки.

Црногорскиот претседател Вујановиќ во текот на денот оствари средби и со претседателот на македонското Собрание, Трајко Вељаноски, и со премиерот м-р Никола Груевски.



  Back<<Назад