Говори и обраќања
PRM_ZOK
Обраќање на Претседателот Иванов, по повод одбележувањето на Денот на ЗОК
Вторник, 17 Октомври 2017

Почитуван началник на Генералштабот на АРМ,

Господа генерали,

Припадници на Министерството за одбрана и на Генералштабот на АРМ,

Воени претставници акредитирани во Република Македонија,

Почитувани припадници на Здружената оперативна команда,

Претставници на медиумите,

Почитувани гости,

Дами и господа,

Денес е голем ден. Ден на кој во 1878 година нашите храбри предци востанаа како поборници на слободата и го подигнаа славното Македонско-Кресненско востание. И токму овој ден стана празник на Здружената оперативна команда на АРМ.

Во изминативе дваесет и пет години, Здружената оперативна команда има дадено значаен придонес во развојот на АРМ, продолжувајќи го континуитетот на поранешната Команда на копнената војска, која со започнувањето на темелните реформи во АРМ за приближување кон НАТО, се преструктурира во Здружена оперативна команда.

Како врховен командант можам да констатирам дека Здружената оперативна команда чекори смело кон исполнувањето на сите мисии и задачи, оставајќи силен белег во достигнувањето на високите стандарди на Армијата.

Со ефикасноста во командувањето и контролата со потчинетите единици, како и планирањето и реализацијата на модерна обука со персоналот, Здружената оперативна команда се наметна како еден од главните столбови на кои се потпира Генералштабот на АРМ.

Почитувани присутни,

На сите генерации припадници на АРМ, кои во изминатите дваесет и пет години биле дел од Здружената оперативна команда, им оддавам признание за нивната посветеност, професионализмот и упорноста во извршувањето на задачите, но и во изградбата на капацитетите со кои денес оваа команда располага.

Како и досега, очекувам припадниците на Здружената оперативна команда со нивните успеси да ја трасираат иднината на штабното работење во АРМ. Во оваа пригода, посебно сакам да го истакнам придонесот што како команда го давате во подготовката и во водењето на мисиите предводени од НАТО, Европската Унија и Обединетите Нации, но и во реализацијата на голем број вежбовни активности во земјата и во странство.

Сонот на Димитар Поп Георгиев Беровски, Дедо Илјо Малешевски и востаниците за слободна Македонија е исполнет, а ваша постојана обврска е да продолжите по патот на успехот.

На крајот, на сите вас, припадници на Здружената оперативна команда, ви го честитам денот на Здружената оперативна команда со искрени желби за постигнување нови успеси во задачите и во предизвиците кои стојат пред вас.

ДА ЖИВЕЕ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!

ДА ЖИВЕЕ АРМИЈАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!

PRM_ZOK_2

samit_100
ЕУ да ја стави Македонија на мапата на големите европски инфраструктурни проекти-обраќање на претседателот Иванов на Самит 100
Понеделник, 16 Октомври 2017

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Ми претставува особена чест и задоволство како Претседател на Република Македонија да ви посакам топло и искрено добредојде во Македонија во која можете да го почувствувате нашето традиционалното македонско гостопримство.

Со моите колеги од регионот се навикнавме пред секој политички самит на Процесот „Брдо Бриони" да учествуваме на Бизнис-самитот 100. Тоа е добро соочување со реалноста за најважното нешто за нашите држави и за нашиот регион – економскиот просперитет и успех за нашите граѓани. Во изминативе години трипати учествував на Самит 100. Ме радува што успеавме да го поврземе Самит 100 со Процесот „Брдо Бриони". Но, иако овојпат се временски одвоени, овие два важни форума се меѓусебно суштински поврзани.

Целта на овој самит е да биде силен глас што ќе го привлече и задржи вниманието на политичарите од регионот. Преку овој самит, бизнисмените зборуваат во еден глас за основните приоритети на нашиот регион. А приоритет над приоритетите е поврзаноста – connectivity.

Од поврзаноста зависи дали нашиот регион ќе се вброи меѓу развиените европски региони. Сè повеќе доаѓа до израз моќта на вмреженоста, моќта на поврзувањето. Нашите економии, сами по себе се мали, слаби и ранливи на глобалните текови. Затоа, да се насочиме на она што нè обединува, наместо на она што нè раздвојува.

Но, на овој пат, економиите и бизнисмените од регионот се соочуваат со три големи предизвици.

Прво, мали пазари за големи компании. Дел од големите компании беа димензионирани за потребите на поранешната заедничка држава. Како што границите на Балканот се разгрануваа, така граничните премини се мултиплицираа, а пазарите се ситнеа. Тоа го забави растот и развојот на бројни компании кои преку ноќ станаа заложници на новата балканска политичка реалност.

Вториот предизвик е големиот одлив на стручен кадар. Како држави ние успеавме да го затвориме Балканскиот мигрантски коридор за илегалните мигранти од третиот свет. Но, никако да успееме да ја спречиме миграцијата на нашите млади. По сè изгледа дека илегалните мигранти и нашите млади имаат едно нешто заедничко, а тоа е нивната дестинација. И едните и другите сакаат да стигнат во најразвиените европски центри за таму да ги реализираат своите бизнис-идеи и да ги остварат своите животни планови. Нашиот регион се празни. Си заминуваат оние кои со своите таленти, образование и вештини создаваат реална вредност. Цената за овој егзодус ја плаќаат и државите и компаниите.

Третиот голем предизвик е застарениот начин на функционирање на дел од компаниите. Иако веќе сме во првиот век на третиот милениум, некои од компaниите во регионот сè уште функционираат според правилата од вториот милениум. Со застарен начин на функционирање, тие тешко се ориентираат и снаоѓаат на глобалниот пазар. Ризикуваат да станат некомпетентни, а со тоа и неконкурентни.

samit_100_1

Дами и господа,

Како да се одговори на овие три големи предизивици пред кои се исправени економиите и бизнисмените од нашиот регион?

Прво, за да се надмине фрагментираноста на Балканот, неопходна е политичка и безбедносна поврзаност преку членството во Европската Унија и во НАТО.

Европската Унија беше најуспешен мировен проект што ги мобилизираше државите и општествата од Балканот. Ние доброволно се менуваме поради трансформирачката моќ на Унијата. Но, заморот од проширувањето кај нас создаде замор од чекање и наместо да се бавиме со реформи, ние почнавме да се бавиме со самите себе. Затоа, неопходно е Европската Унија час поскоро да ги започне преговорите за членство со Македонија. Со секое затворено поглавје, земјата се европеизира и се приближува кон посакуваните европски демократски стандарди. Целта е еден ден нашите држави да бидат дел од европскиот пазар во кој компаниите од нашиот регион ќе можат слободно да се натпреваруваат и да постигнуваат успеси.

Второ, за да се надмине одливот на кадарот, неопходна е економска и транспортна поврзаност. Кога нашите држави и економии ќе се поврзат, тогаш нашиот регион ќе стане една економска зона, со многу повеќе можности за нашите млади кадри. Истовремено, интернетот придонесе цената на производите и услугите да се стреми кон нула. Високите транспортни трошоци во нашиот регион ги прави нашите производи сè поскапи и помалку конкурентни.

Драго ми е што со нас денес е и еврокомесарот за транспорт, г-ѓа Виолета Булц. Република Македонија сака да биде дел од Европската Унија во која постои слободен проток на луѓе, стоки, услуги и капитал. Но, за рамноправно да се вклучиме во европскиот економски простор, неопходно е да сме рамноправен дел и од европските патни, железнички и енергетски коридори. Очекуваме Унијата да ја стави Македонија на мапата на големите европски инфраструктурни проекти.

Кога се гради нова инфраструктура, се менува и географијата, а со менување на географијата, се менува и иднината. Јадранско-јонската магистрала, железницата Минхен – Истанбул, брзата пруга Будимпешта-Белград што преку Македонија треба да продолжи кон Пиреја, Коридорот 8 и каналот Вардар–Морава–Дунав ќе им овозможат на државите од Југоисточна Европа да бидат меѓусебно цврсто поврзани, со што ќе се зголеми компетитивноста на економиите од регионот за странски инвестиции.
Тоа неповратно ќе ја промени географијата на регионот, ќе ги брише предрасудите и поделбите, ќе ја унапредува соработката и ќе ја гради европската иднина на сите држави во регионот.

Трето, лекот за застареното функционирање е дигитална трансформација. Повеќето од нас припаѓаат на генерацијата Х. Но, сега на сцена е генерацијата Y позната како милениумската генерација. Веднаш по нив доаѓа и најмладата генерација Z која знае да работи на iPad пред да научи да оди и зборува. На интернет се снаоѓа како риба во вода и не познава свет без дигитална технологија.

Во светот што многу бргу се менува, милениумците и постмилениумците имаат многу поразлични потреби и надежи од нашите. Сè повеќе млади ги задоволуваат потребите без посредство на државите. Преку facebook, twitter, instagram, linkedin, светот стана поврзан како невронска мрежа.

Нашата филозофија беше конзумеризам. Милениумците имаат сосема поинаква филозофија, а тоа е филозофија на споделување (sharing philosophy). Sharing philosophy подразбира и sharing economy, во која младите го споделуваат пристапот кон производите или услугите, наместо да бидат нивни индивидуални сопственици.

На пример, благодарение на online апликации, во развиените земји во просек дури девет лица да споделуваат еден ист автомобил. Преку Crowdfunding и crowdsourcing, младите претприемачи наоѓаат фондови за нивните услуги или проекти од голем број интернет-корисници. Преку Crowdworking, фриленсерите и вработените од различни организации и компании ги споделуваат трошоците за споделен работен простор. Sharing economy ги намалува трошоците, им овозможува на луѓето да користат услуги и производи кои не би можеле сами да си ги дозволат.

Сето ова е дел од новата парадигма на одржливиот развој и новиот економски живот чие срце чука со поинаков ритам. Нивниот најмал заеднички содржател е што сите функционираат како нехиерархиски социјални мрежи.

За да се приспособиме кон оваа нова реалност, потребна е дигитална трансформација на компаниите, универзитетите и политиката.

Дигиталната трансформација на компаниите ќе им овозможи да се приклучат кон глобалниот пазар и да се приспособат на новите генерации кои функционираат дигитално, односно се дигитални корисници кои живеат во дигитален свет во кој речиси се е online. Конзументот на дигиталната ера сака да стане независен. Исчезнуваат границите меѓу физичкото, дигиталното и биолошкото. Едноставно кажано, компаниите се соочуваат со четвртата индустриска револуција: роботика, вештачка интелигенција, автономни возила, уберизација, теслаизација, дронови, клауд сервиси, нано технологии, 3Д принтери, биотехнологии, квантна информатика, дигитални валути...

samit_100_2Дигиталната трансформација на универзитетите создава услови за персонализирани студиски програми, преку технолошките паркови овозможуваат да се создаваат кадри за четвртата индустриска револуција. Ова е револуција на паметни фабрики кои носејќи самостојни одлуки ги доведуваат производните процеси до совршенство.
Паралелно со технолошката еволуција од паметни телефони, преку паметни фабрики до паметни градови, ќе бидеме сведоци на темелна трансформација на цели системи на производство, менаџмент и управување.

И конечно, дигиталната трансформација на политиката ќе ѝ овозможи на државата да ја преземе стартап-филозофијата и да создаде услови и амбиент за стартап економија и стартап менталитет. Со други зборови, преку дигитализацијата, државата се повеќе ќе се трансформира во стартап-нација која ќе биде подготвена и способна за иновативност и претприемништво. Државите се повеќе ќе ги потикнува универзитетите да создаваат кадри за потребите на стартап економијата преку стартап инкубатори и акселератори. Во нив ќе се препознаваат и подржуваат новите идеи од студентите додека студираат и со државни гаранции ќе се потикнува приватниот капитал да ги подржува во нивната реализација. Тоа е концептот на стартап-држава која создава амбиент и услови за развој и благосостојба во дигиталната ера.

Но, сепак, некои работи не се дигитализираат. Не можете да ги дигитализирате водата и храната, бидејќи од нив сите ние живееме, но, и лековите, бидејќи сите ние со текот на времето старееме.

Да резимирам. Политичката, безбедносната, економската, транспортната и дигиталната поврзаност ќе ни помогнат нашите компании да бидат поконкурентни на глобалниот пазар, нашите држави поуспешни во создавањето услови за просперитет на младите, а нашиот регион поатрактивен за директни странски инвестиции.

Но, кога веќе сите пловиме на ист глобален брод, неопходно ни е сидро што ќе ги заштити нашите економии и држави од бродолом. А, тоа сидро се трите принципи на секоја успешна економија, што важат и за успешната политика: Ако која било земја или компанија ги имплементира меритократијата, прагматизмот и чесноста – ќе успее.

Со меритократијата ги избираме најдобрите да бидат лидери.
Со прагматизамот учиме и го користиме најдоброто од другите.
Со чесноста се трудиме да нема корупција.

Впрочем, поставувањето и придржувањето на овие три принципи му овозможија на Сингапур да стане една од најбогатите држави во светот, глобален трговски и финансиски центар, со најголеми девизни резарви по глава на жител, иако нема ниту еден природен ресурс..

Некој можеби ќе ми замери што зборувам за футуристички теми кои не соодветствуваат со балканската реалност оптоварена со минатото. Некој ќе рече дека во нашиот регион имаме недостаток на можности и вишок на предизивици.

Мојот одговор на ваквиот приговор е следен: Оптимистите ги гледаат само можностите, додека песимистите ги гледаат само ризиците. Кога доѓаат силни ветрови некои градат ѕидови, други ветерници (за струја). На Балканот ние сме оптимисти со искуство, односно, реалисти. А реалистичниот поглед на нештата ни овозможува да ги согледаме и предизвиците и можностите.
Нашите држави се мали играчи во големата игра.
Нашите популации се помали и од статистичката грешка во кинескиот попис.
Нашите економии се само капка во морето на глобалната економија.
Но, малите држави и компании имаат една голема предност. А, тоа е дека стојат врз рамената на економските џинови. И затоа, понекогаш, помалите држави и компании гледаат подалеку отколку поголемите. Имаме можност да бидеме пофлексибилни, поприлагодливи на постојаните промени.

Имаме можност слободно да носиме одлуки, да соработуваме, да се поврзуваме, заедно да настапуваме на трети пазари.

Никој од вас не учествува на овој самит под принуда. Сите вие сакате да освоите нови пазари каде ќе ги продадете вашите производи и услуги. Улогата на нашите држави е да создаваат услови за слободен пазар каде вие ќе можете да се натпреварувате, да соработувате и, конечно, да заработувате.

Но, притоа, треба да бидеме свесни за една работа. Слободата е единственото нешто што се троши ако не се користи. Ако слободата не се користи, тогаш голема е веројатноста да се случат две нешта. Или државата ќе навлезе да го регулира просторот, или конкурентските корпорации ќе навлезат за да го заземат просторот. Ако негативната слобода не се трансформира во позитивна слобода, ако не го покриеш просторот што си го освоил со свои производи и услуги, тогаш некој друг ќе го направи тоа наместо тебе.

За да бидете поуспешни, поврзувајте се, дигитализирајте се, транформирајте се, за да бидете во чекор со времето. Приспособувајте се на потребите на новите генерации на дигиталната ера. Бидејќи, од вашиот успех во овој потфат во голема мера ќе зависи и успехот на нашиот регион.

Како Претседател на Република Македонија, ви посакувам нови идеи за подобра соработка што ќе донесе многу успех.

Ви благодарам.

MANU_akademija1
Обраќање по повод 50-годишниот јубилеј од основањето на МАНУ
Понеделник, 09 Октомври 2017

Почитувани,

Денес славиме педесет години од основањето на Македонската академија на науките и уметностите.

Долго време размислував дали моето обраќање да го започнам со делото на светите Кирил и Методиј или со св. Климент и Наум Охридски. Можев да се осврнам на нашите преродбеници Зографски, Димитар и Константин Миладинов, Жинзифов, Прличев, Пулевски, Цепенков, Шапкарев, Чуповски. Но, наместо тоа, решив да започнам со човекот за кој малкумина знаат дека е визионерот на Македонската академија на науките и уметностите. А тоа е кодификаторот на реалноста на македонскиот литературен јазик – Крсте Петков Мисирков.

Во 1903-та година, Македонците го подигнале своето славно, но неуспешно Илинденско востание. Рефлектирајќи за причините, Крсте Петков Мисирков ја обвинил македонската интелигенција за три нешта: неединство, дистанцираност од народот и избрзани одлуки за кои цената ја платил народот. Мисирков со огорченост констатирал дека народот бил изневерен од своите интелектуалци и дека македонската интелигенција сноси голема одговорност за неуспехот на востанието.

Во тој период на превирање и на катарза бил потребен нов почеток и нова доверба меѓу народот и неговата народна интелигенција.

И токму Мисирков ги исцртал контурите на новиот завет меѓу македонската интелигенција и македонскиот народ.

Тој напишал дека „науката и литературата се најважниот фактор за развивањето на еден народ како народ. По степенот на развивањето на науката и литературата кај еден народ се мери неговата култура." Интелектуалците, според Мисирков, треба да бидат жива народна енциклопедија во која ќе има точни и проверени информации од сите научни области и уметнички дисциплини. Работата на интелектуалците е да ги разјаснуваат најважните прашања за народот, особено оние поврзани со самоидентификацијата и самоостварувањето. Единствениот мотив што треба да ги води во тој потфат е исполнување на нивниот морален долг. А моралниот долг не е ништо друго освен морална одговорност кон народот и кон татковината од кои произлегуваат.

Големиот Блаже Конески, кој во очите на македонските граѓани беше вториот Мисирков, ќе ја препознае историската важност на овој повик и ќе се надоврзе на својот претходник. Како прв претседател на МАНУ, свечено отворајќи ја првата седница на Академијата на 10 октомври 1967 година, Конески го рече следново:

„Чувството на одговорност е основното чувство што сега нè исполнува. Македонската академија на науките и уметностите излегува пред вас и пред целокупната јавност готова да се заложи за тоа што се очекува од неа".

Преку Конески, заветот на Мисирков е вграден во темелите на МАНУ. Тоа е завет меѓу Македонската академија, македонските граѓани и македонската држава.

Основањето на МАНУ е момент на заокружување на една етапа на развојот на македонската наука и култура, и почеток на нова фаза. Македонската академија на науките и уметностите е основана со големи очекувања дека ќе придонесе кон научниот и културниот развој на Македонија и дека ќе биде главен канал за учество на Македонија на полето за културен натпревар меѓу народите.

Ценети присутни,

Од тогаш до денес минаа точно педесет години. Во овие педесет години, Македонската академија на науките и уметностите остана верна на заветот.

Како врвна самостојна научна и уметничка установа, МАНУ даде голем придонес во изградбата на современата македонска држава. Континуирано ја поттикнува и ја развива научната мисла и работи на негувањето и на унапредувањето на уметностите. МАНУ има врвни достигнувања на полето на лингвистиката, литературата и уметноста, општествените науки, медицината, техничките, природно-математичките и биотехничките науки. Опусот на Академијата е повеќе од импресивен и претставува македонски придонес кон светската наука и уметност.

Многу често, академиите се плод на независноста. Но, во нашиот случај, Академијата не само што ѝ претходеше, туку и создаде услови за независноста на Република Македонија. Академијата поттикнува и врши проучувања на прашања од битно значење за македонската национална култура и за општиот развој на нашата држава.

Но, денес, заветот меѓу МАНУ и македонските граѓани е повторно актуелен. Нашата држава и нашето општество се исправени пред два големи предизвика.

Првиот предизвик е трката со времето. Ние веќе ја ситниме втората деценија на третиот милениум. Ако од академскиот граѓанин на минатото се очекувало да знае по нешто за секоја област и сè за една област, денес тоа е речиси невозможно. Од стеблото на знаењето никнуваат нови научни дисциплини за кои нашите претходници не можеле ниту да сонуваат – нанотехнологија, биотехнологија, квантни компјутери... Соочени со ваквата забрзана специјализација, универзитетите сè повеќе наликуваат на мултиверзитети, а професорите кои секојдневно треба да учат нови работи наликуваат на студенти.

Како човештво се наоѓаме на прагот на четвртата индустриска револуција која прави симбиоза на физичкиот, дигиталниот и биолошкиот свет. Ова е револуција на паметни фабрики кои носејќи самостојни одлуки ги доведуваат производните процеси до совршенство. Додека технологијата сè повеќе комуницира без посредство на човекот, човекот сè помалку комуницира без посредство на технологијата. Додека зборуваме се води сериозна глобална дебата за границите на вештачката интелигенција. Некои се уверени дека од исходот на таа дебата ќе зависи и иднината на човештвото. Има потенцијал за зголемување на квалитетот на животот, но и опасност од сè поголема нееднаквост и социјални тензии.

Паралелно со технолошката еволуција од паметни телефони, преку паметни фабрики до паметни градови, ќе бидеме сведоци на темелна трансформација на цели системи на производство, менаџмент и управување. Талентот и знаењето ќе бидат новиот капитал неопходен за производството. Но, прашањето што денес се наметнува е дали ќе бидеме активни учесници или само пасивни набљудувачи на овие неминовни процеси.

Едно е јасно, неопходен е интегриран одговор што ќе ги вклучува сите чинители – и науката и државата и општеството.

Задачата на МАНУ е да биде двигател на овој процес во Македонија за да нè бидеме затечени од промените што неминовно доаѓаат.
Задачата на МАНУ е да подготви млади генерации кои ќе ја подготват Македонија за овие нови текови.
Во МАНУ треба да биде центарот на интердисциплинарноста во Македонија.
Во МАНУ треба да биде нашата порта кон четвртата индустриска револуција.

Но, во сиот овој процес на трансформација не смееме да го изгубиме она што фундаментално нè прави луѓе – слободата на совест, комуникацијата со луѓето и креативноста. Да не заборавиме дека уметноста е душата на македонското општество. Македонската уметност, пак, е нераздвоен дел од културната ДНК на целото човештво. Затоа, неопходно е да се грижиме за богатото културно наследство.

Верувам дека ова не е невозможна мисија за МАНУ. Знам со каков човечки капитал располага оваа врвна академска институција и уверен сум дека Македонската академија на науките и уметностите е дорасната за оваа голема задача.

Но, свесни сме дека Македонската академија тоа не може да го прави сама. Одржливиот развој на нашето општество е возможен само со инвестирање во истражувањето и развојот од страна на нашата држава.

Дами и господа,

Вториот предизвик е поврзан со првиот. Човекот никогаш немал толку многу знаење, а толку малку мудрост. Поради итноста на моментот, сè почесто одлуките се носат со секавична брзина, честопати без доволно промислување и анализа.

Во нашето општество во кое политичарите честопати размислуваат само до следните избори, на академиците е да промислуваат за наредните генерации. Затоа, неопходно е функционално партнерство меѓу државата и науката, меѓу носителите на одлуки и експертите, со цел носење мудри одлуки и креирање политики втемелени врз научна основа. Или, како што тоа МАНУ го дефинира: „зголемување на влијанието на мудрите и мудроста на влијателните".

Пред точно десет години, академик Цветан Грозданов рече дека МАНУ не смее да биде само декоративен украс на државноста на Република Македонија. Како Претседател на Република Македонија целосно се согласувам со неговиот став. Затоа, во изминативе неколку години, кога Република Македонија се соочуваше со мигрантската и политичката криза, честопати имав средби со претседателството на МАНУ. Тие средби беа важен дел од процесот на формирање и носење политики и одлуки што ги спроведовме како држава. Како Претседател и врховен командант црпев мудрост од луѓето присутни во оваа сала и за тоа сум им многу благодарен.

Одговорност на МАНУ е да настојува преку научната мисла да придонесува за унапредување на севкупниот развој на Република Македонија и за процут на целото македонско општество.

Но, истовремено, одговорност на државата е да ја консултира Македонската академија на науките и уметностите за суштинските прашања поврзани со социоекономскиот, политичкиот и културниот развој. Бидејќи, тоа е целата смисла на постоењето на оваа и на секоја друга академија: да биде совет на мудреци, жива енциклопедија што непристрасно ќе ги разјаснува најважните прашања за општеството и за државата. И тоа веќе го прави.

Неодамна, Академијата ги издаде Приоритетите на идниот развој на Република Македонија. Првиот чекор кон решавањето на некој проблем е соочувањето со реалноста дека постои проблем. Но, наместо само да констатира, МАНУ оди чекор понатаму и предлага конкретни решенија. Овие решенија треба да помогнат во разививањето на демократската политичка култура, владеењето на правото, враќањето на јавната пристојност во јавниот простор, почитувањето на етничката, верската, јазичната и идеолошката различност, промовирањето на јавна употреба на умот. Решенијата можат да ни помогнат за да ја надминеме поларизацијата и длабоката поделеност на македонското општество.

Драги пријатели,

Додека го празнуваме овој ден, македонската држава и македонските граѓани се исправени пред големи предизвици за кои мора да бараме решенија. Но тие решенија не смеат да отстапуваат од принципите на нашето постоење и опстојување. Еден од тие принципи најдобро го изрази и големиот Блаже Конески, кој уште во 1986 година рече:

„За нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со сè што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина. Тој е заправо единствена наша комплетна татковина".

Не треба да изумиме дека преку Конески зборува и Мисирков, и сите просветители и преродбеници, градители и учители, научници и уметници, кои се вградиле во МАНУ.

Во овој период на предизвици, очите на македонското општество се свртени кон МАНУ. Очекувањата, Академијата да биде глас на разумот и на мудроста, се поголеми отколку кога било порано. Од МАНУ се очекува да го даде својот придонес кон изградбата на општество засновано на мудрост дефинирана како збир на знаења, морал и емпатија.

Длабоко верувам дека во годините и децениите што се пред нас, Македонската академија на науките и уметностите ќе остане верна на заветот на Мисирков. А тоа е да покаже единство во однос на суштинските прашања за државата, блискост и отвореност кон граѓаните, и мудри решенија и одлуки за важните прашања од кои зависи иднината на нашите потомци.

Ви благодарам.

MANU_akademija2

prm_konferencija_konfucij_ohrid_01
Обраќање на претседателот Иванов на третата Конференција на Кина и земјите од Централна и Источна Европа
Петок, 06 Октомври 2017

Почитувани присутни,

Дами и господа,

Драги пријатели,

Вистинско задоволство е да ве поздравам во нашата културна и духовна престолнина Охрид, каде идеите од Истокот се среќаваат со идеите од Западот. А преку нивните идеи, тука, во Охрид се среќаваат и двајца големи учители – кинескиот филозоф Конфуциј и словенскиот просветител св. Климент Охридски. Иако, ги делат околу 1 500 години и 8 000 километри, некои од нивните мудрости природно се надополнуваат.

Св. Климент Охридски кај Македонците ја всадил навиката да бидат добри домаќини кои ќе се престигнуваат во гостопримство. Конфуциј, пак, вели: „Зарем не е прекрасно кога ќе ви дојдат пријатели од далечни земји". Овие принципи на нашите учители се остваруваат при средбата на нашите два света, кои, иако се толку далечни и различни, денес стануваат блиски и поврзани.

Оваа конференција е дел од таа средба меѓу Истокот и Западот, меѓу Кина и Европа. Им честитам на организаторите од Кина, Македонија и Словенија и им благодарам на поддржувачите без кои денеска немаше да бидеме тука.

Дами и господа,

Доаѓајќи во Македонија, сигурно дознавте дека низ Охрид некогаш минувала Via Egnatia – европската гранка на стариот Пат на свилата што ги поврзувала Истокот и Западот. По тој пат со векови врвеле луѓе од разни цивилизации и религии кои ја збогатиле нашата култура и традиција.

Поради позитивното искуство од минатото, Република Македонија сака да биде дел и од новиот Пат на свилата. Затоа, како држава ја поддржуваме кинеската иницијатива „Еден пат, еден појас". Сметаме дека иницијативата придонесува кон мирот, просперитетот, отвореноста, иновацијата и поврзувањето меѓу цивилизациите.

Оваа иницијатива за нас е многу важна поради една едноставна причина: онаму каде што нема патишта, таму нема ниту трговија. Само таму каде што има развиена патна инфраструктура, има и развиена трговија и соработка.

Република Македонија сака да биде дел од Европската Унија во која постои слободен проток на луѓе, стоки, услуги и капитал. Но, за рамноправно да се вклучиме во европскиот економски простор, неопходно е да сме рамноправен дел и од европските патни, железнички и енергетски коридори. На ова поле се соочуваме со парадокс. Бидејќи Европската Унија сè уште не ги поддржува крупните инфраструктурни проекти, одлучивме со поволни кинески кредити од иницијативата „16+1" да градиме важен дел од европскиот Коридор 8.

Ќе го спомнам и проектот за брзата пруга од Будимпешта до Белград што низ Република Македонија треба да продолжи до Пиреја. Се залагаме и за обновување на проект за поврзување на реките Вардар, Морава и Дунав со Егејското Море.

Зошто инсистираме да бидеме дел од овие проекти? Бидејќи сме свесни дека кога се гради нова инфраструктура, се менува и географијата, а со менување на географијата, се менува и иднината. Инфраструктурните проекти во рамките на „Еден пат, еден појас" ќе им овозможат на државите од Централна, Источна и Југоисточна Европа да бидат меѓусебно цврсто поврзани, со што ќе се зголеми компетитивноста на економиите од регионот за странски инвестиции. Тоа неповратно ќе ја промени географијата на регионот, ќе ги брише предрасудите и поделбите, ќе ја унапредува соработката и ќе ја гради европската иднина на сите држави во регионот.

„Еден пат, еден појас" е комплементарна на европскиот проект за слободен проток на луѓе, стока, услуги и капитал, бидејќи конечно ќе отвори ново просперитетно поглавје за нашиот регион.

Но, ние сакаме не само инфраструктурно, туку и образовно, научно и културно поврзување.
prm_konferencija_konfucij_ohrid_02

Ценети присутни,

Од тука, од градот на УНЕСКО, сакам да ја поздравам одлуката Република Македонија да биде седиште на Центарот за културна соработка во рамките на на иницијативата „16+1". И тоа не е случајно.

На крајот на првиот милениум, тука дејствувала Охридската книжевна школа, чии ученици станале учители на целиот словенски свет. Изразено со терминологијата на денешната конференција, Климентовата школа била една од најважните инвестиции во човечкиот капитал во тоа време бидејќи довела до културно, духовно, а со тоа и социјално и економско издигнување на словенските народи во средниот век.

Денес, во третиот милениум, ние сакаме да бидеме дел од новите проекти за развој на човечкиот капитал. Преку интернетот и преку новите технологии, знаењето од целиот свет ни е на дофат. Ова е време на интердисциплинарни науки кои создаваат кадри за четвртата индустриска револуција. Потребни ни се нови профили, приспособени на новите потреби. Но, за да го постигнеме тоа, потребно е да инвестираме во истражувањето и во развојот, во технолошките паркови, во современите софистицирани технологии. Потребно ни е образование што ќе создава луѓе за третиот милениум.

Ова е особено важно бидејќи на сцена стапува генерацијата на милениумците. Во услови на економски кризи и безбедносни ризици, милениумците се можеби првата генерација во поновата европска историја која живее полошо од своите родители. Како најобразована и највмрежена генерација до сега, милениумците во Централна, Источна и Југоисточна Европа се соочуваат со голема конкуренција на непредвидливиот глобален пазар. Но, за разлика од европските, кинеските милениумци живеат подобро од своите родители.

И тоа не е случајно, бидејќи Кина повторно се приближува кон позицијата што ја имала пред два века, а тоа е да биде најголема економија во светот. Благодарение на тој напредок, Кина направи навистина голем исчекор на многу полиња.

Ќе спомнам само еден пример. Во нашиот урбан век, Кина е предводник на полето на пресоздавањето на градовите од старомодни во паметни градови. Со помош на дигиталната технологија, Кина им го подобрува квалитетот на животот на граѓаните во паметните градови. Тоа се градови во кои инфраструктурата е усогласена со современите потреби на луѓето, ефикасноста на јавните услуги е подигната на максимум, а неефикасната бирократија е сведена на минимум. Главна одлика на паметните градови е одржливо користење на постоечките ограничени материјални ресурси преку неограничениот ресурс – човековата креативност и иновативност. Затоа, се што ви е потребно во светот на Smart City е што подолго да ви трае батеријата на вашиот смартфон.
prm_konferencija_konfucij_ohrid_03

Дами и господа,

Се вели дека вистинскиот живот секогаш е средба. А, средбата може да биде продуктивна само доколку луѓето можат меѓусебно да се разберат. Секоја година има сè поголем интерес за изучување на кинескиот јазик во Институтот „Конфуциј" при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје. Големиот интерес зборува за желбата на македонските граѓани и компании директно да комуницираат со своите кинески пријатели и партнери. Македонското општество е отворено за соработка и за размена со пријателска Народна Република Кина.

Една мудрост вели: „Ако сакаш да патуваш брзо, оди сам; ако сакаш да стигнеш сигурно, патувај со други". Преку иницијативата „Еден пат, еден појас", Народна Република Кина ни овозможува заедно да стигнеме на посакуваната дестинација. Да ги развиваме и да ги поврзуваме нашите држави и општества, да напредуваме на полето на економијата, науката и културата.

Верувам дека оваа конференција е важен дел од тој пат што ќе го врвиме заедно.

Ви благодарам.

prm_konferencija_konfuci_ohrid_04

Manaki1
Обраќање по повод отворањето на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“
Сабота, 23 Септември 2017

Почитувани вљубеници во филмското платно,

Контрастот е основа за јаснотијата. А нема поголем контраст од оној меѓу темнината и светлината. Се вели дека темнината е само отсуство на светлина, како што злото е само отсуство на доброто. Вистинската мистерија, оттука, е што е светлината. Со векови научниците верувале дека светлината е електромагнетен бран што зрачи од изворот. Но, во 1905 година, Ајнштајн ја довел во прашање оваа парадигма. Тој тврдел дека светлината не е само електромагнетен бран, туку е и честичка.

Истата таа 1905-та година, кога некои од најголемите научни умови во Европа и во светот се обидувале да фрлат светло врз парадоксот на двојната природа на светлината, двајца браќа од Македонија ја купиле првата филмска камера на Балканот. Јанаки и Милтон Манаки не ги интересирала физичката природа, туку уметничката примена на светлината. Како први кинематографи на Балканот, тие успеале да ја уловат светлината на филмската лента и да ја прикажат на филмското платно.

Од тогаш до денес, многу кинематографи од Македонија, Европа и од светот ги споделија со нас своите врвни уметнички остварувања на нашиот меѓународен фестивал на филмската камера. Наспроти разликите, сите филмови имаат едно нешто заедничко, а тоа е контрастот меѓу темнината и светлината, и физичката, но и етичката. Затоа, кога ни се чини дека темнината натежнува и ситуацијата изгледа безнадежна, треба да се сетиме на зборовите на еден наш поет, дека ноќта е најтемна пред разденување. Светлината најјасно свети во најмрачните моменти. И ни дава надеж и сила да продолжиме да чекориме кон нејзиниот извор. Да продолжиме и да не се откажуваме.

Со таа мисла, како Претседател на Република Македонија, го отворам 38. издание на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки".

Manaki2

Rotator_Den_na_ARM
Обраќање на Претседателот Иванов по повод 18 Август – Денот на Армијата
Петок, 18 Август 2017

Rotator_Den_na_ARM

Den_na_ARMПочитувани припадници на Армијата на Република Македонија,

Почитувани присутни,


Драги сограѓани,

Чест ми е да ве поздравам и да ви го честитам 18 Август – Денот на Армијата на Република Македонија.

Денеска, кога го славиме овој голем јубилеј – 25 години од формирањето на Армијата, ние се потсетуваме и на минатото, но гледаме и кон иднината.

Сите ние добро се сеќаваме дека Армијата се формираше во време-невреме, за краток период, со малку опрема, но со многу љубов кон татковината.

Се сеќаваме на првите македонски војници кои на караулата „Рамна нива" го подигнаа знамето на Република Македонија.

Се сеќаваме на првите регрути кои ја дадоа првата свечена заклетва во касарната „Илинден". Уште тогаш, очекувањата од Армијата беа големи. Во тој драматичен период кога оружјето одново ѕвечкаше на Балканот, кога сè уште бевме негирани и уценувани, првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров истакна дека Армијата треба да биде во функција на одбрана на границите, територијалниот интегритет и суверенитет на нашата млада независна држава. Со тоа, пред четврт век, тој ги трасираше основните задачи на Армијата.

Во овие 25 години, Армијата на Република Македонија беше многупати проверувана.

Во мугрите на независноста, Армијата беше силен аргумент против оние кои  се сомневаа во нашата способност да опстанеме како суверена држава.

Чекорејќи на евроатлантскиот пат, со 27 ротации во ИСАФ, 6 ротации во „Одлучна поддршка", 22 ротации во АЛТЕА и 10 ротации во УНИФИЛ, нашата Армија стана најпроверувана армија во историјата на Алијансата.

За време на првиот мигрантски бран, Армијата ја заштити не само Македонија, туку и Европа од заканата од илегална миграција.

Во изминативе 25 години, Армијата ја зацврсти и националната безбедност. Безбедност што е неопходна за демократијата и за економијата, но и за македонскиот модел на соживот и на почитување на различноста.

Денеска, на 25-годишнината од формирањето на Армијата, со Орден за воени заслуги се заблагодаривме на три единици кои со своите постигнувања се покажаа како достојни амбасадори и на Армијата и на Република Македонија.

Прва е командата за обука и за доктрини. Оваа команда е заслужна за високата обученост на припадниците на Армијата како темел на борбената готовност на Армијата на Република Македонија. Многу генерации старешини и војници се изградија благодарение на оваа команда.

Тука е и четвртиот механизиран пешадиски баталјон. Во 2014-та, овој баталјон беше највисоко оценет во Борбената група на ЕУ. Минатата, 2016 година, четата на овој баталјон учествуваше на најголемата воена вежба на НАТО во источна Европа – „Анаконда". Баталјонот постигна највисоки резултати на годинешните вежби: платинест волк и платинест лав. Овој баталјон е и најактивно вклучен во гаснењето на пожарите низ Македонија.

Меѓу нас стојат и припадници на баталјонот што е присутен на секој свечен чин во нашата татковина. Учествува на пречекот на високите странски државни делегации, во подигнувањето на македонското знаме на јарболот, но и во свеста на македонските граѓани. Овој баталјон што ја популаризира Армијата е непосредна поддршка на врховниот командант. Затоа, на 25-годишнината од Армијата, со Орден за воени заслуги му укажуваме чест и на почесниот баталјон.

Благодарение на ваквата посветеност, нашата Армија стана синоним за патриотизам, лојалност и дисциплина.

Но, денеска нема толку многу да зборувам за тоа што сè Армијата направила во минатото. Нема да зборувам ниту за она што Армијата прави сега. Наместо тоа, ќе зборувам за тоа што Армијата треба да прави во иднина.

Den_na_ARM_02Почитувани присутни,

Армијата, но и сите чинители во системот за одбрана, треба да се приспособат на новите закани и на новата реалност.

Стратегијата за одбрана што треба да се донесе до крајот на оваа година треба да го дефинира поставувањето на системот за одбрана во услови на превенција, справување со закани и отстранување последици предизвикани од непогоди и загадувања.

Планирањето на одбраната не ги опфаќа само вооружените сили, туку и учеството на граѓаните, државните органи, приватните лица, цивилното општество, медиумите. Бидејќи наша споделена должност е да се грижиме за Република Македонија.

Планирањето на одбраната подразбира купување, развој и производство на технологии за одбранбени капацитети. Располагаме со ресурси и со капацитети кои се неискористени само затоа што не се вмрежени. Треба конечно да научиме да ги користиме домашните капацитети на научно- истражувачките институти и правни лица од областа на автоматиката, роботиката, ИТ комуникациите. Да ги користиме овие капацитети за сервис на дронови, производство на заштитна опрема за војници и заштита за возила и муниција. Мора да инвестираме во технологијата, бидејќи не можеме да се справуваме со неконвенционални закани користејќи конвенционални средства.

Повеќе од кога и да било порано на Македонија ѝ е неопходна воено-цивилна соработка. Оваа соработка е потребна за единство меѓу Армијата, државните органи, граѓаните и локалната самоуправа во одговор на заканите, непогодите и загадувањето со кое се соочуваме.

Армијата мора да се трансформира и правилно да се распореди во 8-те плански региони за да одговори на основната мисија и на идните задачи: Прво, мониторинг на подрачја зафатени со криза, непогоди и загадувања. Второ, постигнување на превенција со присуство на Армијата.

Почитувани сограѓани,

Сево ова е неопходно бидејќи оперативната средина се менува. Сè почесто ќе се справуваме со климатските екстреми на природата и со насилниот екстремизам на човекот.

Поради глобалните климатски промени, сè почесто ќе бидеме изложени на екстремни временски услови. Минатата година се соочивме со поплавите. Годинава, пак, беснеат пожарите. Многу од предизвиците можеа да бидат превенирани и соодветно адресирани. Но, не беа бидејќи кругот на одговорност не е затворен.

Поради глобализацијата на насилниот есктремизам и радикализам, сè почесто ќе се соочуваме и со заканите од илегална миграција и меѓународен тероризам. Веќе две години имаме прогласено кризна состојба за заканата од илегална миграција. Истовремено, речиси секојдневно сме сведоци на досега невидени терористички напади низ Европа, како и тој што беше неодамна во Барселона. Ова ни се случува бидејќи кругот на одговорноста не е затворен.

Поради глобализацијата на сајбер-заканите, сè почесто ќе сме сведоци на држави кои се жртви на напади, саботажи и воспоставување контрола врз нивните електродистрибутивни мрежи, комуникациски и банкарски системи. Многу држави се жртви на емитување вести и прилагодени пораки до определена публика. Употребата на лажни вести и планиран истек на податоци се две основни методи на управување со перцепција во остварување на субверзијата. Освен својата физичка, Македонија мора да ја брани и својата сајбер-територија. Но, ризикот за нас е висок, бидејќи и тука, кругот на одговорност не е затворен.

Ова се сериозни предизвици кои бараат сериозен одговор. Единствената институција што може најсоодветно да одговори е нашата Армија. Затоа, идната улога на Армијата ќе се состои во четири задачи.

Прво. Поддршка на кризниот менаџмент во справување со природни непогоди и загадувања. Сакам да ги потсетам органите на државната власт за нивната обврска да ја почитуваат законската оправданост за учество и за употреба на АРМ во отстранување последици во прогласена кризна состојба. Во недостиг на ресурси и време, сè почесто се случува Армијата без одлука на врховниот командант и без исполнети услови за прогласување кризна состојба да се ангажира за задачи кои се во надлежност на други институции. Повторувам, Армијата се ангажира без моја одлука и без исполнети услови за прогласување кризна состојба. Тоа е сериозна повреда на законот што нема да ја толерирам. АРМ троши свои ресурси за туѓи задачи кои се во надлежност на други институции. Мора да се затвори кругот на одговорност за тоа кој е надлежен за што, кога и како.

Втората улога на Армијата ќе биде поддршка на полицијата во борба против урбаниот тероризам во градовите со етничка и со верска различност. Урбанизацијата е предизвик. Идната сива зона се градовите и регионизацијата. Мора да ги земеме предвид научените лекции од превентивната мисија на УНПРЕДЕП од 1995 година во северозападна Македонија. Тоа се лекции за растечка закана од сепаратистички идеи и загрозување на територијалната целина на нашата држава.

Третата улога на Армијата ќе биде заштита на границите од илегална миграција. Веќе не е доволно податоците за миграциите да ги добиваме кога илегалните мигранти веќе ќе бидат на нашата граница. За навреме да реагираме, мора да бидеме присутни на изворот на илегалната миграција. Затоа, неопходно е АРМ да учествува во мировни операции на Обединетите нации во регионите од каде доаѓаат заканите. Илегалната миграција и меѓународниот тероризам се закани со кои ќе се соочуваме во иднина. Мора да ја обновиме воено-дипломатската и разузнавачка мрежа на териториите што се извор на закани, транзит, крајна дестинација, но и во центрите на моќ каде се носат одлуки.

Конечно, четвртата улога на Армијата ќе биде сајбер-одбраната. Со поддршка од државните органи, АРМ мора да изгради систем на превенција и заштита на критичната инфраструктура. Приоритет е развој на сајбер-одбрана и електронско војување во идна нелинеарна војна. Научените лекции од нелинеарно војување на секој против секого подразбира освојување  територии без жртви и без употреба на воени орудија. Во нашата сајбер-ера, Армијата ќе ја брани и македонската сајбер-територија.

Веќе осум години сум врховен командант на вооружените сили и најодговорно тврдам дека нашата Армија е дорасната на овие задачи.

Но, потребни се повеќе средства.

Како држава постојано ја нагласуваме нашата посветеност и подготвеност да бидеме дел од НАТО. Но, ако сакаме да ги користиме привилегиите, мора да ги поднесеме и одговорностите. Членството на Македонија во НАТО подразбира и буџет на Армијата соодветен на НАТО. А, тоа е минимум 2% од буџетот на државата.

Во изминатиов период ги обиколив сите касарни и лично се запознав со животниот стандард на војниците. Знам со што се хранат, во какви услови живеат и во какви униформи се облекуваат. Од прва рака сум запознат со предизвиците на нашите посветени и професионални војници. Крајно време е да се врати достоинството на македонскиот војник. Крајно време е да се зголеми буџетот на Армијата. Затоа што пред нашата Армија стојат големи предизвици и големи задачи.

Но, освен буџет, потребни се и реформи. Реформите во системот за национална безбедност мора да бидат во согласност со стратегијата за одбрана. Истата онаа стратегија што треба да се донесе до крајот на оваа година.
Den_na_ARM_03

Почитувани сограѓани,

Разузнавањето е прва линија на одбраната. Информативната моќ е основа за превенција и за справување со заканите. Научените лекции од мигрантската криза велат дека без навремена информација нема проактивност. Без навремена информација нема правилен распоред на силите за одговор. Потребни ни се стандарди кои се однесуваат на квалитетот и на квантитетот на информациите. Нам ни треба проактивно разузнавање, а не реактивно разузнавање.

Нема универзален систем за одбрана, сеопфатен текст на законите за модел  на национална безбедност. Секоја држава има закани и интереси кои треба превентивно и проактивно, самостојно, да ги менаџира. Ние сè уште сме во фаза на градење капацитети за одговор на заканите. Во изминативе 25 години ги учиме лекциите. Градиме знаење врз основа на грешки.

Но, и таа суштинска реформа мора да ги мине сите неопходни филтри. Сите реформи во системот за национална безбедност мора да поминат низ уставно надлежниот Совет за безбедност на Република Македонија. Бидејќи, само така конечно ќе го затвориме кругот на одговорност.

Зголемен буџет и реформиран систем со затворен круг на одговорност се формула за успех. Само така ќе создадеме услови за Армијата успешно да ги исполнува новите задачи што стојат пред неа. Задачи кои се неопходни за Армијата да ги обезбеди трите нешта кои се најважни за секој човек, а тие се: безгрижно детство, просперитетен живот и спокојна старост, тука, во нашата заедничка татковина, Република Македонија.

Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија,

На овој 25-годишен јубилеј симболично започнува ново поглавје за Армијата. Пред вас се големи предизвици, но и големи задачи. Овие нови задачи и улоги не сфаќајте ги како товар, туку како признание и израз на нашата доверба во вас, во вашиот професионализам и патриотизам. Бидејќи, вие, целосно ја оправдавте довербата на граѓаните и на татковината. Го одбранивте територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија.

Затоа, денес, на овој свечен ден посакувам само едно нешто. Посакувам на следниот голем јубилеј, на 50-годишнината од формирањето на Армијата, некој иден Претседател на Република Македонија и врховен командант да стои на ова исто место и да ги каже истите зборови: војници и старешини, вие целосно ја оправдавте довербата на граѓаните и на татковината – Република Македонија.

Ви честитам и ви благодарам за вашиот професионализам и за дисциплината во извршувањето на одговорната задача. Ви честитам и ви благодарам за вашата солидарност кон граѓаните и за безрезервната лојалност кон татковината.

Нека ни е честит празникот на Армијата, 18 Август!

Да живее Армијата на Република Македонија!

Да живее Република Македонија!
Den_na_ARM_05

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 8 од 64