Говори и обраќања
OhridskoLeto2018
Обраќање на свеченото отворање на 58. издание на фестивалот „Охридско лето“
Четврток, 12 Јули 2018

Почитувани вљубеници во уметноста,

Годинава, по 58. пат Охрид и Македонија ќе бидат домаќини на стотици уметници. Тие уметници со себе ќе го донесат светот, за потоа со себе во светот да го понесат Охрид како македонско огледало на европската култура. Од денеска па натаму светот е во Охрид и Охрид е во светот. И ова взаемно пребивање вечерва ќе го започнеме со музика.

Со музика започнала и една вечера на пријатели од повеќе балкански држави кои се сретнале во еден балкански ресторан. Таму чуле позната народна љубовна песна. Секој од нив започнал да ја пее на својот мајчин јазик и набргу настанала кавга поради себичното присвојување на таа песна за љубовта. Обидувајќи се да го разбере парадоксот на песната со различни стихови но идентична музика, најљубопитната и најхрабрата од нив ја открила вистината дека музиката е универзалниот јазик на човештвото.

Тој јазик не се преведува, бидејќи секоја душа непосредно го разбира. Моќниците низ историјата попусто се обидувале да го сведат тој јазик на средство за остварување на своите себични цели. Попусто се обидувале преку уметноста на лагата и политичката коректност да го поробат човекот. Музиката и уметноста секогаш му помагале на човекот и кога е слаб да биде силен, и кога е сиромашен да биде богат, и кога е во пранги да биде слободен, и кога е исплашен да се охрабри. Во тој јазик на вистината нема простор за лагата. Во тој јазик на љубовта, нема простор за омразата. Впрочем, и двете најпознати песни во историјата на светот се посветени токму на љубовта. Песната над песните, напишана од старозаветниот Соломон, и химната за љубовта составена од новозаветниот Павле.

И не случајно еден од татковците на Европа, Жан Моне рекол дека ако Европа треба одново да се создава, тогаш треба да се започне со културата, со уметноста. Оваа мисла на Моне се однесува не само на Европа, туку и на сите геостратегии што се кројат во светските центри на моќ, особено имајќи предвид дека годинава се слават 70 години од Универзалната декларација на човековите права. А едно од тие права е и правото на учeство вo културата и уживање во уметноста.

И во таа смисла, со пораката светот во Охрид и Охрид во светот како Претседател на Република Македонија го прогласувам 58-то издание на фестивалот „Охридско лето" за отворен!

obrakjanje
Обраќање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Среда, 13 Јуни 2018

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Дозволете да ве информирам дека денеска за прв пат на увид ми беше доставен постигнатиот договор меѓу премиерите на Република Македонија и на Република Грција.

На средбата што изутринава ја имав со премиерот Заев и министерот Димитров, им кажав дека ова е нивен личен договор, нивна лична одлука и нивна одговорност.

Им укажав дека овој штетен договор претставува напуштање на досега изградените суштински државни позиции, а кои беа потврдени и на последните две лидерски средби. Тоа се: неменување на Уставот и неприфаќање на име за севкупна употреба, или ерга омнес.

Ваквиот штетен договор, кој е единствен во историјата на човештвото, за мене е недостоинствен и неприфатлив. Со него се крши Уставот, Законите и се рушат државните институциите. Нема да легализирам политички дивоградби.

Владата не смогна сила и храброст да изградиме заеднички став и да се постигне национален консензус. Целиот овој преговарачки процес се одвиваше несериозно, неодговорно и нетранспарентно, за што сведочи и крајниот резултат.

Почитувани граѓани,

Текстот на договорот е поразителен за Република Македонија.

Со него не се предвидува само промена на уставното име, туку промена на преамбулата, како и на сите членови од Уставот каде се споменува името и термините, произлезени од името Македонија.

Дали е патриотизам да се менува преамбулата и да се избрише државно правниот континуитет на Република Македонија, Крушевската Република и АСНОМ?

Дали е патриотизам бришење на членот од Уставот за заштитата на македонското малцинство во соседните земји?

Дали е достоинствено да се информираат сите членки на Обединетите Нации дека сте го промениле уставното име?

Дали е достоинствено да ги прифатите сите грчки барања и ултиматуми?

Дали е лидерство да се прифати текст на договор во кој нема никаква правна сигурност и гаранции за македонската страна?

Со ваков договор се отвораат многу повеќе прашања и проблеми, отколку што се затвораат. Прашања со несогледливи последици по македонската држава и македонскиот народ.

Грција успеа да ги исполни своите максималистички барања. Одговорно тврдам, дека тоа што го направи со Македонците во Грција, сега преку овој договор, настојува да го направи со Македонците во Македонија.

Со ваков договор не се јакне македонскиот идентитет, туку се деградираат веќе стекнатите права кои ги имаме во Обединетите Нации. Се погазува заветот на нашите предци, на оние кои со чисто срце го создаваа вековниот идеал и стремеж за наша една и единствена Македонија. Се погазува 73 годишното право на самоопределување и државност на македонскиот народ, се брише 27 годишната историјата на независната македонска држава. Се што е свето за Македонија е погазено, а правото и гордоста на неродените да бидат Македонци им се ускратува.

Република Македонија ја губи својата суверена еднаквост што произлегува од Повелбата на Обединетите Нации.

Повикувам да престане да се злоупотребува остварувањето на нашите стратешки цели и определби. Европската Унија и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор, кој ќе предизвика несогледливи и штетни последици по државните и националните интереси на Република Македонија.

Ваквиот договор не го обединува општеството, туку дополнително го поларизира.

Како Претседател на Република Македонија, како и досега, така и во иднина, ќе се залагам за изнаоѓање решение кое нема да го наруши достоинството на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија.

На крај, го повикувам македонскиот народ каде и да се наоѓа да не се плаши. Не ја губете вербата во себе. Чувајте го и негувајте го нашиот многувековен идеал на непокорот.

Мојот став е конечен и нема да ме поколебаат со никакви притисоци, уцени и закани. Нема да поддржам и потпишам ваков штетен текст на договор.

Ви благодарам.

konferencija_geoinzinjeri_01
Обраќање на претседателот Иванов на 16. Европска подунавска конференција за геотехника
Четврток, 07 Јуни 2018

Почитувани присутни,

Дами и господа,

Како претседател на Република Македонија, чест ми е да бидам покровител на 16. Европска подунавска конференција за геотехника. Фактот дека оваа значајна конференција се одржува кај нас е признание за Република Македонија, и затоа им честитам на домашните и странските организатори.

Наредниот месец ќе се одбележат 55 години од катастрофалниот скопски земјотрес. Точно 5 секунди беа доволни за да остават 150 000 луѓе без покрив над главата, да нанесат немерлива човечка и огромна материјална загуба. Но, нашиот главен град беше обновен благодарение на солидарноста на светот и професионалноста на геотехничките инженери. Геотехничките инженери беа меѓу најодговорните за поставувањето на здравите темели на новиот и поотпорен град.

Денес, Република Македонија се поврзува со европските транспортни коридори. Се градат патишта, тунели и мостови, се развиваат индустриски капацитети. Се разгранува и продлабочува протокот на луѓе, стоки, капитал и услуги. И сето тоа има една цел, а тоа е повисок економски раст и развој за македонските граѓани.

Но, за економскиот раст и развој да биде одржлив, повторно ни е неопходна експертизата на геотехничките инженери.

Нашиот регион, за жал, не е имун на катастрофите. Сето она, што сме го наследиле од претходните генерации, сето она, што нашата генерација го создава може да исчезне за само неколку секунди. Драстичните климатски и метеоролошки промени што се на повидок ќе го зголемат ризикот од хидролошки непогоди во Европа.

Сложеноста на природата сè уште ги надминува тесните теориски и научни модели на човекот. И покрај сиот научен и техничко-технолошки развој, ние како човештво сè уште не можеме да ги спречиме сите непогоди. Но, она што можеме да направиме е да спречиме тие да прераснат во катастрофи. А, тоа ќе го постигнеме ако ги зајакнеме нашите институции со знаења, капацитети и ресурси, кои се неопходни за ефективна и за ефикасна превенција, одговор и ублажување на последиците во согласност со Рамката од Сендаи. За да ја градиме нашата инфраструктура врз цврсти и здрави темели можете да ни помогнете само вие, геотехничките инженери. Со ваша помош ќе можеме да му предадеме побезбедна иднина на нашето потомство.

Како покровител на оваа значајна Меѓународна конференција, уверен сум дека ќе придонесе во изнаоѓањето на неопходните практични и применливи решенија на овие геотехнички предизвици. На самиот крај, ви посакувам успешна конференција и убав и пријатен помин тука, во Република Македонија.

Ви благодарам.

konferencija_geoinzinjeri_02

Brandl
Обраќање по повод доделувањето Медал за заслуги за Македонија на Хајнц Брандл
Среда, 06 Јуни 2018

Почитувани присутни,
Дами и господа,

Создаден со потреба и самиот да создава, човекот придонесува кон градењето подобар свет за идните поколенија. Но, од сите градителски подвизи на човекот, од древните населби до најсовремените мегалополиси и паметни градови, опстануваат само оние кои се добро втемелени.

Геотехничките инженери имаат клучна улога во процесот на изнаоѓање на балансот меѓу физичките ограничувања на природата и човековите стремежи да ги надминат тие бариери. Тие треба со отворен ум да размислуваат надвор од шаблоните, да изнаоѓаат нови и иновативни решенија за предизвиците на природата.

Денес со нас е еден од врвните геотехнички инженери во Европа и светот, професорот Хајнц Брандл. Тој е теоретичар и практичар кој придонесува кон поместување на границите на возможното. Со неговата креативност и иновативност, професорот Брандл е инспирација и пример за многу луѓе од неговата струка.

Но, за неговите заслуги зборува не само значајниот научен придонес, туку и несебично споделување на знаењето што е карактеристика на вистинските лидери. Бидејќи само вистинските лидери сакаат да мотивираат и да охрабрат што повеќе луѓе. Тој им овозможил на многу наши магистранти и докторанти студиски престој на престижниот Технички универзитет во Виена. И со тоа им помогнал тие знаења да ги пренесат и применат кај нас, во Република Македонија.

Принципиелно заложувајќи се Друштвото за геотехника на Македонија да стане полноправна членка во меѓународната асоцијација за геотехника, тој покажа дека науката не прифаќа двојни стандарди. Тоа е лекција што некои носители на политички одлуки во Европската Унија и НАТО треба да ја научат.

Како еден од основачите на подунавско – европските конференции за Механика на почви и геотехничко инженерство тој се заложи Република Македонија да биде домаќин на оваа престижна конференција. Со тоа, професорот Брандл ја става Република Македонија на европската мапа на геотехничкото инженерство.

И затоа, за сето она што во изминатите децении го има направено за унапредување на геотехниката во нашата држава, чест ми е како Претседател на Република Македонија да му доделам Медал за заслуги за Македонија.

Ви благодарам.

OA1
Обраќање на свечената академија по повод јубилејот „1000 години Охридска архиепископија“
Недела, 27 Мај 2018

Почитувани присутни,

Годинава одбележуваме еден милениум од новелата на византискиот император Василиј II посветена на славната Охридска Архиепископија. Но, славејќи го овој голем јубилеј, треба да бидеме свесни за едно нешто. А тоа е дека одлуката на Василиј е констатирање на реалноста дека во Македонија веќе постоела организирана Црква со црковна ерархија. Црква која произлегувала од верниците христијани. Црква произлена од народот и која постоела заради народот.

Охридската архиепископија во 11 век не била нова садница на македонската почва, туку само една гранка на постарата народна црква на Самоиловата држава. А таа народна црква ја сочинувале учениците на првиот словенски епископ, свети Климент Охридски. Тој најголем ученик на светите Кирил и Методиј го заокружил неколкувековното ширење на христијанството во Македонските склавинии.

Но, и тоа не е почетокот на Црквата во Македонија. И тоа е само една гранка од разгранетото христијанско стебло.

Во 535 година, , тука, во Македонија, императорот Јустинијан I ја воспоставил архиепископијата Јустинијана Прима, и и го доделил третото место меѓу црквите во светот, веднаш по Рим и Цариград.

Но, ниту Јустинијана Прима не е стеблото што ја држи Охридската архиепископија. Бидејќи и Јустинијана Прима била создадена за потребите на христијаните во Македонија. Христијани кои биле дел македонските епископии чии епископи учествувале на Вселенските собори на кои го бранеле Христијанството од разните ереси.

Но, ниту тие епископии кои постоеле во времето на симфонијата меѓу црквата и империјата не се стеблото од кое никнала Охридската архиепископија. Бидејќи ним им претходела прогонуваната Црква, онаа пред Миланскиот едикт од 313 година. Црква која во тајност се собирала во катакомбите и пештерите.

И во тоа време на најжестоки прогони од страна на Римската империја, тука, во Охрид, во Македонија, дејствувал Св. Еразмо Лихнидски дојден од Антиохија. Во време кога да се биде христијанин било еднакво на смртна пресуда, тој го проповедал покајанието засновано врз воскресението на Исус Христос и кон црквата придобил 20.000 верници христијани. Потомците на тие христијани се покрстувале во крштелницата и заедничареле во монументалната базилика на Плаошник.

Но, и маченичката генерација на Св. Еразмо е само една гранка од разгранетото христијанско стебло.

Бидејќи историјата многу јасно сведочи за следново. А тоа е дека Христијанството во Македонија не го донесе ниту Василиј, ниту Самоил, ниту Климент и Наум Охридски, ниту Кирил и Методиј, ниту Јустинијан, ниту Еразмо Охридски... Христијанството во Македонија го донесе апостолот Павле.

И сето тоа не враќа на стеблото што ги држи сите гранки, од апостолите во првиот век, па се до нас во 21 век. А тоа стебло, таа вистинска лоза е Исус Христос.

И токму поврзаноста и зависноста на гранките од лозата ја објаснува издржливоста, жилавоста и истрајноста на Христовата Црква во Македонија до ден денес.

OA2
Низ вековите, Црквата во Македонија се соочувала и со прогони и со просперитет. Носела различни имиња. Нејзиниот статус бил унапредуван и смалуван. Епархиите и биле придодавани и одземани. Нејзината диецеза била проширувана и стеснувана. Разни владетели ја потврдувале и ја забранувале. Опстојувала и во време на императори-пагани, цареви-христијани и султани-муслимани. Но, без разлика на сето тоа, таа била и останала плодоносна гранка на вистинската лоза, на Исус Христос. Гранка која низ вековите ја пренесувала надежта за вечност со Бог.

И токму поради таа надеж, луѓето, независно од нивната етничка, социјална, јазична припадност биле толку многу приврзани кон својата црква. Толку приврзани што ниту најмоќниот човек на најмоќната империја на 11 век, византискиот император Василиј II, не се осмелувал да ја укине. Туку ја потврдил, ја проширил и ја заштитил. И тоа е чинот што ние денес го празнуваме. Денес ја празнуваме потврдата на постоењето на црквата во Македонија во ликот на народната Охридска архиепископија.

Таа црква била засолниште за верните, но и замена за изгубената Самоилова држава. Во нејзините епархии имало народни кујни, сиропиталишта, старечки домови, болници за телото и за душата, или, она што ние денес го нарекуваме социјална и здравствена заштита. Нејзините манастири биле и просветни центри.

Многу од нејзините архиепископи се грижеле и за духовните, но и за световните потреби на луѓето. Јован Дебарски грижливо го чувал народниот карактер на црквата. Како еден од најголемите мислители на своето време, Теофилакт Охридски придонел архиепископијата да биде надалеку почитувана. Димитриј Хоматијан, еден од најпознатите црковни и световни правници, им делел правда на луѓе од целата православна екумена. Константин Кавасила бил голем поборник за мир во време на војни. Наспроти притисоците за ромеизација, Прохор храбро ја поттикнувал словенската книжевност. Во времето на Николај II црквата ги достигнала своите врвни архитектонски и уметнички дострели. Атанасиј I бил голем дипломат и борец за слобода, кој ја крстосувал цела Европа, од Шпанија до Русија, од Неапол до Прага. Се среќавал со европските цареви и кралеви и барал поддршка за ослободување на Балканот од Отоманската империја.

Во време кога вирусот на етнофилетизмот полека почнал да се шири во православниот свет и да ги зафаќа помесните цркви, Охридската архиепископија одолеала и останала верна на својата улога на народна црква. Црква на сите нејзини верници, независно од нивната етничка и јазична припадност. Таа останала верна на мандатот да им помага на луѓето да го запознаат Бога на најавтентичен начин – а тоа е преку нивниот мајчин јазик.

И токму во тоа се состоел нејзиниот грев - што дозволувајќи служба на разбирлив народен македонски јазик, таа не дозволила однародување на верниците. Со секоја одмината деценија, притисокот врз архиепископијата се зголемувал, се до 1767-та, кога таа жива гранка на христовата црква во Македонија била поткршена. Тоа е време кога дошле "владици Грци, лицем светци, срцем волци", како што ќе ги опише Григор Прличев.

Со тоа започна можеби најмрачниот период од историјата на македонскиот народ. Период на асимилација, присилно однародување и преименување. Со распадот на Османлиската империја, православните милети станаа девлети, диецезите на помесните Балкански цркви станаа граници на новите Балкански држави. Крстот, наместо симбол на безусловна љубов и пожртвуваност, стана симбол на надмоќност и сила.

Стотици словенски натписи беа избришани, илјадници словенски ракописи беа уништени, стотици илјади верници беа принудно преименувани а нивните идентитети насилно менувани. Она што опстана беше однесено во странските архиви, библиотеки и музеи. Но и во тие мрачни периоди, живата црква изнедри бројни духовници и преродбеници како Кирил Пејчиновиќ, Јоаким Крчовски, Теодосиј Синаитски, Партениј Зографски...

И сето тоа се промени со формирањето на современата македонска држава. Од поткршената гранка на Охридската архиепископија никна нова фиданка, која даде богат плод.

Минатата 2017 година прославивме 50 години од возобновувањето на Охридската Архиепископија во ликот на Македонската Православна Црква. Со тоа започна нова епоха. Конечно ја добивме првата Библија на современ македонски јазик. Се возобновија старите и се изградија многу нови храмови. Македонските цркви се исполнија со верници а македонските манастири со монаси и монахињи.

Но, паралелно со тој нов процут, црквата се соочуваше со предизвици. За време на животот во поранешната заедничка држава, власта ја ограничуваше црквата само како религиска заедница.

Од денот на независноста, Македонската православа црква го преживуваше сето она низ што минуваше и низ што се уште минува Република Македонија. Тоа се години исполнети со блокади, изолации и непризнавње кои создаваат кризи. Тие кризи предизвикуваат поделби, наместо сплотеност, цинизам наместо добронамерност, сеирџиство наместо солидарност и омраза наместо љубов. Се изгуби умереноста, трпеливоста, чесноста, добрината, човечноста.

Во вакви сложени услови Македонската православна црква се соочува со двоен предизвик.

Првиот е да остане верна на изворната христова порака. За жал, сведоци сме на горчливите плодови на етнофилетизмот во соседството. Затоа, Црквата во Македонија треба да се грижи пред се и над се за духовниот идентитет на луѓето што извира од верата во Исус Христос. Бидејќи само духовно променети луѓе можат да го променат духот на нашето општество.

Вториот предизвик е црквата да биде општествено релевантна. Живееме во време кога некои велат дека црквата е анахрона институција која не соодветствува со духот на времето во кое живееме. Време на секуларизација, глобализација, дигитална трансформација, флуидност на идентитетите.

Република Македонија е секуларна држава. И како секуларна држава ние ја гарантираме фундаменталната човекова слобода на мисла, совест и вера. Но, има еден загрижувачки тренд. Се повеќе секуларни држави во Европа и светот стануваат секуларизирани држави кои се обидуваат да ја истиснат верата од јавниот простор и да ја ограничат на најмалиот можен простор. А тоа е просторот меѓу нашите две уши, држејќи ги притоа нашите усти затворени.

Фундаменталните човекови права и слободи и вроденото човечко достоинство се повеќе се девалвираат.
Бракот како заедница на еден биолошки маж и една биолошка жена и семејството како заедница на родителите и нивните деца се дезинтегрираат.
Во длабоката морална криза исчезнува граничната линија меѓу вистината и лагата, меѓу исправното и погрешното, меѓу убавото и грдото.
Новиот релативизам очекува од нас да го прифатиме како апсолутна вистина тврдењето дека нема апсолутна вистина. А без вистината нема ниту доверба ниту одговорност врз кои се темели секое слободно општество.

Во вакви услови црквата е исправена пред огромна задача. Таа треба да биде гласна совест на општеството и конструктивен критичар на државата. Да биде промотор на социјална правда, квалитетно здравство и воспитание и образование кои се мерило на успешноста на една држава.
Црквата треба да биде втемелувач на добрите навики на срцето, да ја брани светоста на бракот и уникатноста на семејството.
Во ера на пост-вистина, Црквата треба да биде столб и тврдина на евангелската вистина.
Во време на морален релативизам, Црквата треба бескомпромисно да опстојува на моралните и етичките апсолути.
Во период кога се обезвреднува човекот, Црквата треба се стави во заштита на непроценливата вредност и неотуѓивото достоинство на секој човек.

Но, црквата ќе биде општествено релевантна само ако е општествено контра-културна. Таа контра-културност не се состои само во чувањето на старите добри црковни традиции. Црквата треба да биде контра-културна, онака како што впрочем биле сите нејзини маченици, светители и просветители кои не се плашеле да застанат наспроти доминантните деструктивни струи на своето време.

За да ја исполни оваа голема задача, Македонската православна црква треба да црпи од богатата традиција на Охридската архиепископија, да се инспирира од големите архереи, од посветените монаси, од пожртвуваните маченици, од црковните отци, од светите апостоли, и пред се и над се, од вистинската лоза - Исус Христос.

Бидејќи само така, независно дали е признавана или не, Македонската Православна црква – Охридска Архиепископија ќе продолжи да биде дел од едната света, соборна и апостолска Црква.

Ви благодарам.

OA3

NMN2017web
Обраќање по повод доделувањето на признанието „Најдобар млад научник“ за 2017 година на Сретен Давидов
Среда, 16 Мај 2018

Почитувани присутни,
Дами и господа,

Како Претседател на Република Македонија ми претставува чест и задоволство да ви се обратам по повод доделувањето на признанието „Најдобар млад научник" со кое се вреднуваат врвни научни достигнувања во една календарска година.

Пред само четири дена го посетив Музејот „Рахми Коч" во Истанбул. Овој импозантен музеј на индустријата има збирка од илјадници и илјадници експонати, од игла до локомотива, кои сведочат за неверојатната иновативност и креативност на човековиот ум и дух.

Музејот е вистинско огледало на трите индустриски револуциии. Првата индустриска револуција која со парната машина го механизираше производството. Втората индустриска револуција која со електричната енергија и производната лента создаде масовно производство. И, третата информатичка револуција која го автоматизираше производството.

Шетајќи низ историјата на технологијата, можеме да увидиме дека секоја од трите индустриски револуции завршува со потреба од нов почеток, од нова револуција. Има и добра причина за тоа. Секоја од нив започнала со љубопитност, креативност, инвентивност и желба за знаење, а завршила со комерцијализација на иновациите и изумите.

Можеби нема подобар пример за оваа динамика од војната на струите што се водела кон крајот на 19 век. Иако во оваа војна победи изумот на Тесла – наизменичната струја, сепак, на крајот домнираше претприемничкиот дух на Едисон.

Нештата и денес не се променети. Многу од изумите на третата индустриска револуција веќе се комерцијализирани. Се има чувство дека плафонот е веќе достигнат, и дека актуелните производи и решенија се само варијации на иста тема од која најголема корист имаат корпорациите. Некои сметаат дека во Европа денес има премногу Едисони а премалку Тесли, што полека доведува до состојба на безидејност.

Но, токму во такви услови, одновно гледаме надеж. А надежта лежи во една посебна група на луѓе кои се присутни во секое општество и држава. Британскиот филозоф на историјата Арнолд Тојнби нив ги нарекува креативно малцинство. Улогата на креативното малцинство е да изнаоѓа иновативни решенија за предизвиците со кои се соочува нивното општество, нивната држава и цивилизацијата. Размислувајќи надвор од шаблоните креативното малцинство ја менува парадигмата на мнозинството и создава услови за нов начин на живот. Некреативното мнозинство, од своја страна, ги прифаќа и имитира овие идеи.

Почитувани пристуни,

Денеска сме собрани за да му оддадеме признание на еден млад член на тоа креативно малцинство од Република Македонија кој твори на полето на електротехниката. А тоа е д-р Сретен Давидов.

На мое големо задоволство дознав дека д-р Давидов се нафатил да придонесе кон решението за еден од најгорливите проблеми на нашиот град, а тоа е аерозагадувањето. Секоја година се гушиме во смогот кој е последица на човековата неодговорност кон себе и кон животната средина. Тоа е сериозен предизвик што не може да се реши само со конвенционални политики и процедури кои произлегуваат од старата парадигма на неодржлив развој. Овој предизвик подразбира промена на парадигмата, а со тоа и промена на начинот на живот. Креативното решение што д-р Давидов го нуди се електричните возила, односно, ползувањето на чистата енергија – електричната енергија која не ја загадува околината. Поконкретно, тој го обмислува оној суштински важен дел – а тоа е оптимално решение за избор на локации за поставување на станици за полнење.

За важноста од сево ова зборува фактот дека компанијата „Тесла" само во Европа има 1229 станици со 9623 брзи полначи. Од друга страна, „Анјонити", заедничката фирма на европските производители на 17 април ја отвори својата прва станица за полнење во Германија. Нивната цел е да воспостават мрежа на станици од Норвешка до југот на Италија, и од Португалија до Полска. И, за разлика од „Тесла", „Анјонити" користи стандардни, европски полначи кои со 350 киловати се за три пати посилни од Теслините.

Верувам дека ова ќе биде клучен чекор кон големата и неопходна трансформација на Скопје, па и секој град во Република Македонија во она што се нарекува smart city или паметен град. И, верувам дека д-р Давидов ќе се согласи со констатацијата дека најважното нешто за животот во smart city ќе биде што подолго да ви траат батериите на вашиот smart phone и вашиот електричен автомобил.

Како и повеќето добитници на ова признание, и д-р Давидов својата кариера ја гради надвор од Република Македонија. И тука морам да потенцирам нешто. Од една страна сме горди што како држава продуцираме врвни научници кои се барани во странство. Но, од друга страна, засрамени сме што како држава не успеваме да ги задржиме нашите научници. Најуспешни не се оние држави кои продуцираат високовалитетни кадри. Најуспешни се оние кои продуцираат вакви кадри и им овозможуваат да се вратат и останат во матичната земја.

Останува интензивно да работиме на подобрување на условите за работа. Треба да продолжиме да инвестираме во образованието, но и да работиме на подготвеноста на институциите и корпоративниот сектор да ги препознаат и прифатат младите таленти и да им овозможат натамошен напредок и развој.

Драги пријатели,

Како човештво веќе зачекоривме во четвртата индустриска револуција која прави симбиоза на физичкиот, дигиталниот и биолошкиот свет. Благодарение на нашите креативци, пред очи гледаме како некогашната научна фантастика денес станува фантастична наука. Многу од технологиите и уредите кои денес ги сметаме за апсолутно незаменливи, наскоро ќе се најдат на музејските полици. А, можеби д-р Давидов ќе помогне еден од тие експонати да бидат возилата на фосилни горива.

На самиот крај, им благодарам на членови на Комисијата и на рецензентите кои дадоа непроценлив придонес во процесот на избор на најдобар млад научник. Им благодарам и на оние медиуми кои информираат за овој настан и покажуваат дека и добрата вест може да биде вест.

Дозволете на крајот, на д-р Сретен Давидов, но и на сите други млади научници, кои беa дел од Конкурсот за избор на најдобар млад научник за 2017, да им посакам многу успех и долгогодишна плодна научна работа.

Ви благодарам.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 4 од 64