Говори и обраќања
rotator_ilinden_novo
Поради македонскиот идентитет ни се оспорува правото на просперитет- обраќање на претседателот Иванов по повод Илинден
Среда, 02 Август 2017


ilinden1Почитувани граѓани на Република Македонија,
Почитувани потомци на нашите знајни и незнајни херои кои своите животи ги положија за татковината Македонија,

Ви го честитам овој светол ден Илинден. Ден на светлината и слободата. Нашиот прв Илинден започна во херојско Крушево. Иако слободната република траеше само десетина дена, сепак, споменот за неа тлееше цели четири десетлетија. Сè до вториот, победоносен и државотворен Илинден. Сè до АСНОМ. Во темелите на таа наша државност е вградено името на Методија Андонов-Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ. Првиот претседател на Македонија.

Но, денес, нема да зборувам за неговото учество во НОБ и во АСНОМ. Нема да ги спомнувам неговите бројни заслуги, придонеси и жртви за Македонија. Наместо тоа, одлучив да зборувам за неговите пораки упатени до нас, за неговите последни денови.

На почетокот на јули, 1957 година, пред точно 60 години, Методија Андонов- Ченто на своите синови започнал да им ги диктира своите последни зборови. Тие зборови, запишани во неговата недовршена автобиографија се неговото последно автентично сведоштво за борбата за слобода и државност на Македонија.

Последната случка што успеал да ни ја пренесе е неговата последна средба со Кузман Јосифовски-Питу. Ченто ни кажува дека во септември 1943-та Кузман му пратил писмо во кое го канел на средба во Скопје. Веќе на 24 септември 1943 година, тука, во окупирано Скопје, Ченто тајно се сретнал со Кузман. Разговарале до доцна во ноќта. На средбата, Кузман долго го убедувал Ченто да се вклучи во борбата, да стане партизан, за да може подоцна да биде и член на Главниот штаб и претседател на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Притоа, Кузман го потсетил Чента на неговите сопствени зборови дека „за нашата слобода само ние, сами, и обединети можеме да се избориме и дека моментот за тоа е сега".

Во зборовите на Кузман, Ченто го препознал повикот на татковината. Соочен со изборот да зачекори напред или да се повлече, Ченто се согласил да замине во партизани. И веднаш потоа ја читаме последната реченица на Ченто во неговата незавршена автобиографија. Цитирам: „Кога разбрав дека Кузман загинал, ми беше многу жал и многу тешко, зашто загубив голема потпора, загубив чесен и верен другар и истомисленик".

ilinden6Драги сограѓани,

Ова се можеби последните зборови на големиот Методија Андонов-Ченто, запишани на неговата смртна постела.
Со овие зборови, Ченто како да го вперува прстот и недвосмислено ни покажува дека Кузман е идеологот и водачот на македонската Народноослободителна и антифашистичка борба.
Дека Кузман е Гоце Делчев на НОБ.
Дека Кузман е визионерот на АСНОМ и идејниот автор на неговите државотворни документи.
Дека Кузман е движечката сила на фронтот за слобода на Македонија.

Ченто како да посведочува дека без Кузман Јосифовски-Питу, АСНОМ не ќе беше можен. А со тоа ниту, 8 септември, и независна и суверена Република Македонија.
Без Кузман Јосифовски-Питу, ние денес, ќе бевме само фуснота во нечија туѓа интерпретација на историјата.

На овој ден, Илинден, кога се поклонуваме пред спомениците на основоположниците на нашите два Илиндена, славејќи го нивното дело, се потсетуваме и ги спомнуваме нивните стремежи, надежи, но и принципи. За оваа вистина најгласно зборуваат трите принципи на Кузмановата борба, кои станале принципи и на Ченто, а со тоа и на АСНОМ.

Првиот Кузманов принцип е континуитетот со Илинден. На Преспанското советување одржано на 2 август 1943-та, Кузман меѓу другото вели: „Многу од своите најдобри синови загуби Македонија за време на славниот Илинден. Но, тие жртви не станаа гробови. Нивните херојски подвизи засветија над Македонија, станаа ѕвезда водечка на измачениот македонски народ. Тие го осветлуваа патот и во срцата на сите чесни Македонци и херои како вечен спомен. Од Илинден до денес многу знаени и незнаени херои загинаа во борбата за Македонија. Следејќи го славниот пат на своите дедовци и татковци, денеска многу млади Македонци, многу нови борци, најдоа херојска и маченичка смрт во борбата со денешните, последни поробувачи. Коските на сите овие жртви, развеани по сите полиња и градови на Македонија, сраснаа со македонската земја и се претворија во гранитен темел на утрешната слобода..."

Читајќи го денес овој негов реферат, се прашуваме дaли Кузман всушност не го позајмува христијанскиот наратив за да проповеда политичко ослободување на Македонија. Кузман зборува за вистината и слободата, за патот и светлината, за борбата и жртвата. Зборува за смртта и за животот, за празни гробови и темелници, за маченици од првиот и следбеници од вториот Илинден. Маченици и следбеници кои тој ги поврза не само на збор, туку и на дело. Благодарение на Кузман, меѓу АСНОМ-ците се најдоа Брашнаров, Влахов, Шатев и Гермов, илинденци од стар ков.

Вториот Кузманов принцип е антифашизмот. Кузман знаел дека борбата против фашизмот е борба за слобода. Тој потсетувал дека „македонскиот народ се наоѓа во најсудбоносните дни на својата мачна историја и дека спасот е во славната општа борба против фашизмот". Како и Ченто, и тој бил свесен дека само ако сам се ослободи од фашизмот, македонскиот народ ќе го стекне правото на самоопределување. Благодарение на Кузман, антифашистичката стана и Народноослободителна борба на македонскиот народ.

И тука доаѓаме до третиот Кузманов принцип, а тоа е дека борбата за слобода подразбира широк македонски фронт. Иако, и самиот бил член на Комунистичката партија, Кузман не признавал ниту партиски, ниту етнички, ниту, пак, верски клуч. На теснопартискиот концепт на Комунистичката партија втемелен врз идеолошка послушност и подобност, тој го спротивставил широкиот граѓански концепт. Концепт што ги опфаќал сите слоеви на македонското општество.
Наспроти притисоците од партијата, тој постојано и упорно инсистирал дека „во Македонскиот национален фронт треба да стапат сите чесни Македонци, без разлика на досегашната определба, народност, вера и пол". Се залагал на клучните позиции да дојдат луѓе кои по убедување не се комунисти, туку пред сè македонисти. Така и Ченто стана првиот претседател на Президиумот на АСНОМ.

Но, зошто сево ова е важно? Бидејќи трите Кузманови принципи, кои станаа и принципи на Ченто, извираат од една единствена вредност. А таа вредност е слободата.

ilinden3Драги сограѓани,

Целиот свој живот, Кузман Јосифовски-Питу се борел за национално и за социјално ослободување на Македонија. И сета смисла на човечкото живеење ја гледал во борбата за национална и социјална слобода.

Во таа негова животна цел, ние ги препознаваме двете лица на слободата. Прва е негативната слобода од ропство. Втора е позитивната слобода за просперитет.

Кузман многу добро знаел дека слободата од ропство е само половина слобода. И како една половина од целото, таа сама по себе е недоволна и неодржлива. За тоа најгласно сведочат сите буни, востанија и револуции во човековата историја кои завршиле со нови режими, диктатури и тирании. Бидејќи, еден народ може да биде формално-правно и политички слободен, но економски и културно зависен. И со тоа суштински поробен и неспособен да зачекори напред. За да биде одржлива, неопходна е и втората половина на слободата. А тоа е позитивната слобода за самоидентификација, самоостварување и просперитет. И таа се стекнува многу потешко. Бидејќи позитивната слобода со папочна врвка е врзана за вистината.

Треба да знаеме кои сме за да знаеме што сакаме да бидеме.
Треба да знаеме каде сме за да знаеме каде сакаме да бидеме.
Треба да знаеме што имаме за да знаеме што сакаме да стекнеме.

И ако денес Кузман и Ченто би ја погледнале својата татковина, нашата татковина, тие секако би се радувале на 26-годишната независност, сувереност и самостојност. Бидејќи, тоа беа целите на борбата за национална слобода на Македонија. Но, истовремено, верувам дека Кузман и Ченто би биле огорчени што сè уште ни се оспорува слободата за самоидентификација, самоостварување и просперитет.

Мотото на Кузман, кое стана мото на АСНОМ беше: слободна Македонија на слободен Балкан. Денес, и Република Македонија и Балканот се слободни од надворешни освојувачи и поробувачи. Империите исчезнаа, а диктатурите и тоталитарните режими пропаднаа. Но, ниту Република Македонија, ниту целиот Балкан се докрај слободни да го градат својот просперитет. Бидејќи, ниту Република Македонија, ниту целиот Балкан се дел од Европската Унија. А Европската Унија е единствената сила што ги мотивира нашите држави и општества доброволно да се трансформираат. Затоа, сè уште недостасува втората половина на слободата, а тоа е европска Македонија во европски Балкан.

За да создаваме услови за просперитет во нашиот глобализиран свет, неопходно е да бидеме дел од Европската Унија и НАТО. Токму членството досега требаше да ни овозможи конечно да ја достигнеме целата слобода. Но, на тој пат, ние, како држава сме уценети. А цената е висока, премногу висока.

Нам, во сиве години на независност, ни се скратува правото на просперитет. Иако ги исполнувавме критериумите за членство во НАТО и за почеток на преговори со Унијата, кон нас беше направена неправда. Ниту една земја членка на својот европски пат не се соочувала со прашањата на кои ние секојдневно трошиме време, енергија и трпение. Од ниту една друга земја членка не се бара она што се бара од нас – негирање на правото на човечко достоинство и на самоидентификација. Ова не е алиби за грешките и за пропустите што сме ги направиле досега. Но, додека ние бевме преокупирани со неправдите кои ни се нанесуваа, со негирањата и двојните стандарди, светот околу нас се промени.

Почитувани сограѓани,

Во изминативе пет години, двајца сега веќе поранешни претседатели на две соседни држави, членки на Европската Унија и на НАТО, кажаа една иста работа. Првиот нè предупреди дека со македонизмот вратите на НАТО и на Европската Унија ни се затворени. Вториот, пак, рече дека Македонија треба да влезе во Европската Унија, но не и македонизмот. Двајцата навидум добронамерно нè советуваа да ја соблечеме наметката на македонизмот и да ја оставиме пред прагот на евроатлантскиот дом.

Двајцата поаѓаат од претпоставката дека таа наметка е нешто туѓо, крадена стока што некој ни ја подметнал или ни ја продал на црно. Тие тврдат дека македонизмот е лага со која ја криеме вистината за тоа кои навистина сме.

Нивниот совет би бил на место, доколку навистина стануваше збор за лажна прекривка. Но, не е така едноставно. Македонизмот е македонството. Тоа е дел од она кои сме. Македонството е нашиот образ и нашиот идентитет, она по што другите нè препознаваат и она по што и ние самите се препознаваме во огледалото на историјата. Македонството е нашето име и творештво, нашата култура и традиција, нашиот македонски јазик, нашиот 7/8 музички такт, нашиот македонски модел на соживот и на почитување на различноста. Македонството е нашиот автентичен светоглед што нè прави она што сме. Македонството е израз на нашата самоидентификација.

Eдинствениот начин како да го послушаме нивниот совет е со една метафорична пластична хирургија да го отстраниме од нас ова парче кожа за да бидеме непрепознатливи. Тоа подразбира да се одречеме од вистината за која се бореле и се избориле нашите предци, нашите илинденци, нашите АСНОМ-ци.

ilinden4Драги сограѓани,

Да не се залажуваме. Без македонството на македонските преродбеници од 19 век, немаше да го имаме првиот Илинден.
Без македонството на македонските партизани, немаше да го имаме вториот Илинден.
Без македонството на македонските граѓани, немаше да ја имаме независна и суверена Република Македонија.
Бидејќи без македонството, Македонија е само форма без суштина. Без македонството, македонскиот народ го сведуваат на аморфна маса што може да се моделира според желбите на туѓинците. Борбата за национална и за социјална слобода на Македонија нужно подразбира македонство. Затоа, споменот за нашите борци и херои го негуваме и преку спомениците кои ги гледаме околу нас на овој плоштад, во овој град. Бидејќи, без помнење, нема иднина.

Но, македонството не се само празниците и спомениците посветени на нашите херои. Македонството е многу, многу повеќе од тоа. Македонството е доследно почитување на нивното дело, чекорење по нивниот пат, ширење на нивните вредности, кои досега требаше да бидат и наши вредности: вистината, правдата, солидарноста, слободата на совест и мисла, демократијата, човековите права, сплотеноста околу државните интереси, и пред сè, љубовта кон Македонија. Проблемот е што не останавме доволно верни на нивниот завет. Скршнавме од патот и залутавме во меѓусебни обвинувања и погубни реваншизми. Се доведовме во состојба како држава да бидеме уценувани. А цената е висока, премногу висока.

Поради нашиот македонски идентитет, нам ни се оспорува правото на просперитет.
И во такви услови, две прашања ја тревожат јавноста. Прво е прашањето за името со Грција. Второ е прашањето за Договорот за добрососедство со Бугарија.

Драги сограѓани,

Повеќе од 20 години со соседна Грција водиме разговори за разликата околу името. Верувам дека можеме да дојдеме до заемно прифатливо, достоинствено решение за двете страни. За тоа е потребна политичка волја и стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите. А тоа се резолуциите на Обединетите нации, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Ако разговорите ја надминуваат рамката, ќе биде многу тешко да дојдеме до решение. Затоа, потребно е почитување на меѓународното право и доследност кон меѓународно преземените обврски.

Република Македонија и натаму ќе учествува во процесот што се води под покровителство на Обединетите нации. Бидејќи е потребно да се создаде позитивен амбиент со цел подобро разбирање и почитување.

Ја поздравувам конструктивноста во мерките за градење доверба меѓу двете држави. Истовремено, повикувам на нивно проширување со нови содржини. Македонската страна со години дава континуиран конструктивен придонес и иницијативи во насока на градењето доверба меѓу двете држави и општества. Неопходно е да се даде дополнителен импулс од двете страни во надминување на ова прашање, кое има суштинско значење за стабилноста и за просперитетот на целиот регион.

ilinden5

Почитувани сограѓани,

Второто прашање е поврзано со Договорот за добрососедство со Бугарија.

Од првиот ден на мојот прв мандат се залагам за унапредување на добрососедските односи со сите соседи, и тоа врз основа на принципите за заемно почитување, помош и поддршка. Затоа ја поддржав иницијативата за преточување на Декларацијата за добрососедство од 1999 во Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија. Верувам дека како соседи, ние сме природно упатени на меѓусебна соработка. Уште тогаш предложив како да се пристапи кон двата клучни аспекта: заедничката историја и карактерот на Договорот.

Искуството покажа дека сите проблеми на Балканот настануваат тогаш кога политичарите се занимаваат со историја, а историчарите со политика. Некој ќе каже, Претседателе, па и овој ваш илинденски говор е посветен на историјата. Но, јас не зборувам за историјата. Јас зборувам за принципите и вредностите врз кои се темели нашата борба за слобода, и тоа со неоспорливи историски факти. Моја должност како Претседател е да ги штитам придобивките за кои се бореле и се избориле нашите предци. А тие придобивки нужно ја вклучуваат и вистината за нашето минато, како основа за нашата сегашност и иднина.

Ако започнеме да ги отвораме старите рани, лесно ќе најдеме причини за кавги. Затоа, уште на почетокот јасно посочив дека со Бугарија треба да ги славиме само светлите датуми од заедничката историја на нашите две соседни, суверени и рамноправни држави.

Таа заедничка историја започнува на 15 јануари 1992 година, кога Република Бугарија, под водство на Претседателот Жељу Желев, прва ја призна независноста на Република Македонија. Со тоа, Желев го отвори патот за меѓународно признавање на Македонија и ги разби мрачните сценарија за нови поделби на Македонија. Затоа, предложив заеднички да го славиме 15 јануари – денот на признавањето на независноста. Бидејќи тоа е почетокот на нашата заедничка историја.

Кога, пак, на 19 декември 2009 година стапи на сила визната либерализација за македонските граѓани, заедно со поранешниот бугарски претседател Прванов ги кренавме рампите на граничниот премин Деве Баир – Ѓуешево. Со тоа симболично го кренавме меѓникот што ја делеше Европа на два дела. Затоа, предложив заеднички да го славиме и 9 Мај – Денот на Европа. Бидејќи, таму е насочена нашата заедничка иднина.

Ме радува фактот што Договорот за добрососедство предвидува прослава токму на овој неспорен период.

Но, има луѓе од цивилизациско значење кои треба заеднички да ги слават не само Македонија и Бугарија, туку и сите словенски земји, како светите браќа Кирил и Методиј.

Вториот аспект е поврзан со карактерот на Договорот.

Од самиот почеток на процесот, инсистирав Договорот да биде симетричен. Што значи тоа? Добрососедството е двонасочна улица. Овој договор подразбира дека истите правила важат и за левата и за десната страна на улицата. Она што важи за Македонија, важи и за Бугарија. Придржувајќи се до принципите на рамноправност и реципроцитет, затвораме едно отворено прашање што ги оптоваруваше нашите односи. И, истовремено, отвораме врата за градење меѓусебна доверба и соработка.

Договорот е резултат на компромиси кои не можат секого да задоволат. Вакви договори се израз на компромис што треба да се гледа од аспект на иднината, а не на минатото.

Ги повикувам двете влади да придонесат кон исполнувањето на целта на Договорот, вклучително и преку мешовитата комисија, која треба да работи на градење доверба и пријателство.

ilinden0

Драги сограѓани,

Веќе неколку месеци имаме нова влада, со која имаме споделени надлежности. Во таа насока, сакам да посочам неколку работи.

Прво, Уставот нè упатува да соработуваме на полето на надворешната политика. Во согласност со Законот за надворешни работи, како досега, така и во иднина, учествувам во креирањето на надворешната политика во соработка со Владата.

Очекувам унапредување на координацијата меѓу надлежните институции задолжени за надворешни работи, со цел македонската дипломатија да зборува со единствен, јасен и добро аргументиран глас. Кај мене ќе поминат само оние предлози за амбасадори кои ќе ги исполнуваат критериумите за професионалност, стручност и искуство. Од сегашните и од идните амбасадори очекувам засилен ангажман во насока на реализација на поставените стратегиски цели на Република Македонија. А тоа се: евроатлантските интеграции, добрососедските односи, регионалната соработка и отвореноста кон сите добронамерни партнери. Мора да ги зајакнуваме постоечките и да создаваме нови пријателства и партнерства на билатерален и мултилатерален план.

Второ, со ребалансот на Буџетот, новата влада прави обид за финансиска консолидација во Република Македонија. Сакам да потсетам дека претставувањето, безбедноста и одбраната на државата не се луксуз, туку потреба. Буџетот за претставување на државата не е трошење, туку инвестирање во нови пријателства и партнерства за Македонија. Буџетот за безбедноста и одбраната не е трошење, туку инвестирање во услови за нормално функционирање на државата. Разузнавањето е првата линија на одбраната, а столбот на одбраната е Армијата на Република Македонија. Армијата не само што си ја исполнува уставната обврска да го штити територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија, туку честопати ги извршува и задачите на други институции. Оперативната средина се менува. Сè почесто ќе се справуваме со непогоди и со неконвенционални закани. Затоа, Армијата треба да биде подготвена, а за тоа ѝ е потребен зголемен буџет.

Трето, ги поддржувам системските реформи на субјектите на системот за национална безбедност во согласност со уставните надлежности на Советот за безбедност на Република Македонија.

Четврто, врвен приоритет на секоја влада е со успешна економска политика да придонесе кон економски просперитет за македонските граѓани.

Конечно, кохабитацијата подразбира дека треба заедно да работиме на решенија за доброто на граѓаните кои нè избрале. Решенија кои нема да бидат оспорени и нема да предизвикаат штетни последици. Решенија не само до наредните избори, туку и за наредните генерации. Затоа, подготвен сум да кохабитирам за сите закони кои ќе го градат европското лице на Македонија.

Почитувани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци,
Почитувани христијани, муслимани, Евреи, атеисти,
Почитувани сограѓани,

Целта на нашите илинденци, партизани и АСНОМ-ци беше слободата од ропство. Целта на нашата генерација е слободата за просперитет.

Членството во Европската Унија и НАТО неминово бара жртва. Но, за секоја жртва е потребен широк национален и државен консензус. Да внимаваме да не го жртвуваме она за што нашите предци се жртвувале. Да не го жртвуваме идентитетот.

Како Ченто, така и ние сме исправени пред повикот на татковината. Треба да одлучиме дали ќе се повлечеме или храбро ќе зачекориме напред. Но, притоа, да не ги изгубиме од пред вид трите Кузманови принципи.

Прво, да го задржиме континуитетот со првиот и со вториот Илинден, со Крушевскиот манифест на соживот и АСНОМ-ските документи за државност.

Второ, да ја продолжиме борбата против новиот фашизам, против исклучивоста, ксенофобијата и омразата, против радикализмот, екстремизмот и тероризмот.

Трето, да создадеме широк македонски фронт во кој ќе има место за просперитет на сите чесни Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци, независно од идеолошката или политичката припадност. Да ги оставиме по страна меѓусебните обвинувања и погубните реваншизми. Да се сплотиме околу државните и националните интереси на Република Македонија. Затоа што само сплотени ќе успееме да изградиме европска Република Македонија. И со тоа конечно да го изодиме патот до слободата.

Нека ни е за многу години Илинден!
Да ни се вечни слободата, независноста и сувереноста!
Да живее Република Македонија!

Ohridsko_leto
Обраќање по повод свеченото отворање на 57. издание на фестивалот „Охридско лето“
Среда, 12 Јули 2017

Почитувани вљубеници во уметноста,

Пред повеќе од шест милениуми, некаде во срцето на Евроазија, некои од првите уметници го употребиле од Бога дадениот капацитет и слобода за да свират, пеат, танцуваат и сликаат. Околу нив била собрана првата публика. Еден човек од публиката својот восхит од творечката умешност и моќ на првите уметници го изразил со еден едноставен збор. А тоа е зборот - маг. Низ вековите, овој протоиндоевропски збор преку јазикот пропатувал низ многу народи, култури и цивилизации. Бил запишуван на глинени плочи, папируси, пергаменти и хартија. Попатно, ја менувал и формата и содржината, примајќи различни значења се додека не пристигнал и до нас како зборот - магија.

Денеска, кога се подготвуваме да зачекориме на патот кон магијата, добро е да се потсетиме дека всушност чекориме по патот кон моќта. Но тоа не е онаа себична моќ да се доминира и контролира, туку алтруистичка моќ да се креира и споделува. Тоа е моќта на уметноста.

Веќе 57 години фестивалот Охридско лето е дел од нашиот пат кон моќта на уметноста. По тој пат секоја година минуваат бројни уметници од Македонија, Европа и светот, кои несебично ја споделуваат својата креативност и го задоволуваат нашиот длабок копнеж по убавина, добрина и слобода. Оттука, нема подобар начин да го започнеме нашето патување освен преку џезот, чие второ име е слобода.

Со таа мисла, го прогласувам фестивалот Охридско лето за отворен!

Kran_Montana_Forum
Обраќање на 28-та сесија на Форумот Кран Монтана
Среда, 05 Јули 2017

Ваши екселенции,
Почитувани присутни,
Дами и господа,

Задоволство е да се учествува повторно на форумот „Кран Монтана" – формат за кој во секоја пригода велам дека е одлична можност за размена на мислења и ставови, особено што мотото на форумот – да се изгради похуман и поправичен свет станува поважно од кога било досега.

Дополнителна тежина на оваа денешна средба даваат и немилите настани кои се случија неодамна во неколку земји, а кои за жал покажуваат дека и покрај сите напори за борба против тероризмот, оваа модерна Хидра сè уште постои и ги разјадува сите општества, без оглед на нивниот политички или вредносен систем. Она што за Блискиот Исток претставува реалност веќе подолго време, полека станува дел и од вистинскиот живот во Европа.

Имајќи го предвид овој и другите предизвици со кои се соочува светот денес, изградбата на одржлива стратегија за стабилност и напредок станува можеби не невозможна, но со сигурност сложена мисија која бара многу заеднички труд, посветеност, доза на самокритичност и целосна искреност.

Дами и господа,

Минатото нè учи дека човештвото честопати знаело да задоцни, секоја задоцнета реакција и пропуштен миг за дејствување значеле назадување или во најмала рака, празен од. Сепак, предноста на сегашноста е што ни дава можност да учиме од минатото, со цел никогаш повеќе да не задоцниме кога влогот е нашата и иднината на нашите млади.

Ова го велам во поширок контекст – политички, општествен, економски, културен, па ако сакате и спортски. Време е да се ослободиме од предрасудите за големи и мали земји и да се свртиме кон нивната стратегиска реалност и профил кој во денешни категории претставува комбинација на геополитика и способност успешно да се фати чекор со новото време и сите негови предности и ризици.

Како поткрепа, секако, би го споменал примерот на мојата земја, Република Македонија и начинот на кој таа успешно се справи со само еден од низата предизвици во изминатиот период.
Имено, мигрантската криза ги увери и најголемите скептици во две нешта: прво, дека мала територија не значи и неважна територија и, второ, дека мала земја не значи и мала улога во глобалните процеси.

Таканаречената Балканска рута на бегалци и мигранти од Блискиот Исток, Азија и Африка покажа дека Балканот, но, пред сè, Македонија е мост помеѓу Истокот и Западот и најбрз пат до земјите од Западна Европа како крајна дестинација во потрагата по среќа на овие луѓе.

Не смее да се заборави дека токму Македонија и Балканот се раскрсницата каде во форма на мирен и вековен соживот природно се соединуваат најдобрите карактеристики на овие навидум спротивни светови. Начинот на кој една земја одбира да се справи со вакви и слични предизвици е најдобар и највидлив одраз на нејзиниот придонес кон изградбата на подобар свет за идните генерации. Од тој избор зависи дали и онака кревката стабилност ќе се влоши или, пак, ќе зајакне.

Изборот на Македонија беше хуманост, правичност и еднаков третман кога станува збор за хуманитарниот аспект на мигрантската криза; и одлучност и подадена рака за соработка кон сите засегнати, кога станува збор за нејзиниот безбедносен аспект.

Секако, мора да се има предвид дека мигрантската криза е само еден од серијата незапирливи глобални процеси со кои човештвото постојано ќе се среќава.

Почитувани присутни,

Наспроти сето ова што го кажав, стои еден контраст, една сосема поинаква ситуација. Република Македонија е школски пример кој го илустрира денешниот непоредок во светот, а ќе ви објаснам и зошто.

Во случајот со мојата земја, воопшто, не се почитува меѓународниот договор склучен со една наша соседна земја, а кој создава меѓународно правни обврски. Како тоа да не е доволно, имаме и пресуда на Меѓународниот суд на правдата во Хаг која сите ја игнорираат, небаре не постои. Македонија направи многу за безбедноста на Европа, а сè уште се третира како трета земја, па дури и пристапот кон одредени безбедносни инструменти на ЕУ ни е ограничен, иако станува збор за платформи за размена на податоци во корист на целиот континент. Македонија е пример за тоа како една земја може да биде предмет на двојни стандарди кои се граничат со лицемерие.

И покрај сè, останувам оптимист и се надевам дека и ЕУ и НАТО, како и земјите од нашиот регион ќе извлечат поуки од овој погрешен пристап кон Република Македонија.

Имајќи ја предвид темата за која зборуваме, не можам да видам ниту една друга одржлива стратегија за стабилност во услови на глобално непредвидлива средина освен враќањето кон единствениот вид поредок кој даваше стабилност – имено почитувањето, а не наменското толкување на меѓународното право и преземените меѓународни обврски. Ова оди рака под рака со максимална соработка, пред сè, во сферата на безбедноста и на борбата против главните предизвици – екстремизмот и тероризмот.

Екселенции,

Темелите на поредокот каков што го знаеме се сериозно разнишани и затоа сме во состојба што јас ја нарекувам глобален непоредок. ООН, како еден од тие темели, мора да се реформира и да се приспособи кон новата реалност. Ова се однесува и на другите меѓународни организации кои не смеат да си дозволат да останат заглавени во 20-от век, напротив мора да бидат пофункционални за да бидат вистински гаранти на стабилноста.

Времето за дејствување е сега. Од општествена, пак, гледна точка мора да се придвижиме кон систем на управување кој ќе води сметка за колективното добро, притоа не заборавајќи на експанзијата на секој од нас, поединечно. Новите технологии веќе ја даваат таа индивидуална можност, останува на нас да ја подигнеме свеста за нивното користење за позитивни цели.

Не смееме да заборавиме дека светот сè уште крвави од конфликти, војни, блокади и несогласувања, и дека никој не е имун на овие појави.
Клучот лежи во сознанието дека еден човек може да биде брат по вера, но и во спротивниот случај, тој останува рамен по човечност, со други зборови ја заслужува нашата почит, прифаќање и доверба.

Ова е најздравата основа врз која, со оглед на денешната реалност, може да се изгради светот кон кој тежнееме – свет на напредок, мир, стабилност и правичен третман кон сите.

Ви благодарам.

rakometari1
Обраќање по повод доделувањето „Медал за заслуги за Македонија“ за членовите на РК Вардар и признание „Повелба на Република Македонија“ на РК Вардар
Вторник, 06 Јуни 2017

Наши ракометни херои,
Почитувани гости,

Нека ни е честито освојувањето на Лига на шампиони во ракомет. Нека ни е честит најголемиот успех на македонскиот машки екипен спорт. Навистина имаме причина да се гордееме и да се радуваме на овој историски успех.

Во името на сите граѓани на Република Македонија имав задоволството и честа да донесам укази за доделување на високи државни признанија на нашите спортски идоли. Со својот подвиг ракометарите на „Вардар" апсолутно ги заслужија високите признанија. Од сè срце ви честитам на огромниот успех.

Со вашата желба, мотивираност, сплотеност и тимски дух ни покажавте дека не постојат искушенија и предизвици кои не можат да се надминат и врвови кои не можат да се освојат. Вие сте пример од кој ќе учат и ќе се мотивираат и сегашните и идните генерации.

Верувам дека овој Ваш успех ја обедини целата нација и дека ќе биде импулс и понатаму заеднички да веруваме и да навиваме, заеднички да прославуваме и да се радуваме, да бидеме сплотени и во победите и во поразите како составен дел од спортот и животот.

Почитувани,

Успехот на Ракометниот клуб „Вардар" не е случаен, тој не е дојден преку ноќ. Веќе четири години РК „Вардар" е во врвот на европскиот ракомет. Тоа секако се должи на инвестирањето во клубот, одличната организација, извонредниот стручен штаб, грижливата селекција на играчи и секако најдобрата публика. Освојувањето на лигата на шампионите е награда за една макотрпна, вредна и континуирана работа.

Победени се екипи кои се великани во машкиот ракомет со многу подолга традиција, поголемо искуство, со бројни трофеи, со звучни ракометни имиња и со буџети неколку кратно поголеми од оние на нашиот шампион. За овој спортски подвиг пресуди и Вашата борбеност, самодоверба и тимски пристап. Прекрасно е да се види како играчи кои доаѓаат од различни делови на Европа дури некои и од сосема друг континент да ги краси единството и вистинскиот тимски дух. Тоа е вредност што не е медал кој виси на градите и може да се освои, тоа е нешто што го имате или немате кај Вас. Затоа сме особено горди што имате големи срца и секогаш ги оставате на теренот.

Сега во сите Вас, нашите млади имаат идоли на кои ќе им се восхитуваат и по чии стапки верувам ќе сакаат да тргнат. Спортот како филозофија на живот треба да биде алтернатива на пороците на денешницата.

Благодарение на овој успех верувам дека сега и да нема дете во Македонија кое не се замислува како ракометар или спортист. Сите заедно да помогнеме овој моментум да резултира со раѓање на нови шампиони.

Драги пријатели,

Македонија живее за спортот и знае да се радува на спортските успеси. Нашиот народ е гладен за трофеи и успеси. За радост и славје, За заедништво и сплотеност. Посакувам и понатаму да има вакви светли мигови и нашите плоштади ќе бидат преполни со граѓани кои се радуваат на големи спортски успеси.

На крајот од ова мое обраќање би сакал уште една да ви се заблагодарам за сета радост што ни ја приредивте.

Ви посакувам уште многу победи и многу трофеи и животни успеси.

Ние сме тука секогаш да ве бодриме и со гордост да навиваме за вас.

Честито Вардар шампионе !

rakometari2

Orden_MOB
Обраќање по повод доделувањето Орден за заслуги за Македонија на Македонската опера и балет
Вторник, 09 Мај 2017

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Чест ми е да ви се обратам на 9 мај, денот на победата над фашизмот и денот на Европа.

Кога на 9 мај 1945 година оружјето замолкна во Европа, многумина се прашуваа дали музиката е возможна по ѕверствата на Втората светска војна. Дали по уништувањата, човештвото има морално право да твори уметност. Тоа секако ќе беше огромна загуба за сите нас, бидејќи е тешко да се замисли светот без музиката, танцот, песната, операта.

Секој љубител на операта знае дека успехот на овој голем уметнички потфат најмногу зависи од две нешта. Прво, од умешното свирење со музичкиот инструмент создаден од човекот. И, второ, од правилното користење на човечкиот глас како најсовршениот инструмент подарен од Бога. Балетот, пак, кон нив го придодава и танцот. Како симбиоза на музиката, зборот и танцот, операта и балетот се најтешките музички и уметнички форми. Оттука, стремеж на секое општество и култура е да се најде на светската оперска и балетска мапа.

Нашата македонска приказна започна во мугрите на македонската држава – само три години по АСНОМ, со основањето на оперскиот ансамбл во 1947 година и премиерата на Кавалерија Рустикана. Љубителите на класичната музика секако знаат дека ова е првото и најзначајно оперско дело на Пјетро Маскањи. Но не сите знаат како настанало.

Младиот Маскањи во последен момент дознал дека има конкурс за опера за млади композитори кои до тогаш не напишале ниту една опера. Во духот на реализмот, инспириран од еден расказ на Верга, Маскањи за помалку од два месеци го завршил делото. Сепак, младиот композитор не бил целосно задоволен од квалитетот на своето дело. Партитурата му ја пратил на својот пријател Пучини за второ мислење. Иако Пучини сметал дека оваа опера нема никаква шанса да победи на натпреварот, во знак на добра волја ја препратил кај својот издавач, кој операта на дебитантот веднаш ја отфрлил како безвредна. Обесхрабрен, Маскањи кренал раце. Но, не и неговата сопруга, која без негово знаење ја пратила партитурата на конкурсот. Во 1890 година, во конкуренција на 73 опери, Кавалерија Рустикана убедливо победила.

Неговата прва опера била премиерно изведена на 17 мај 1890 година. 57 години подоцна, новоформираната Македонска опера и балет дебитираа на македонската сцена со операта со која дебитираше и самиот Маскањи – Кавалерија Рустикана.

Orden_MOB_1Драги пријатели,

Верувам дека ова дело не било случајно избрано, бидејќи, начинот на неговото создавање во себе носи голема симболика.

Прво, зборува за младите. Свесно или не, доајените на младата македонска опера преку премиерата симболично го изразија потенцијалот на младите, се уште недокажани македонски уметници. Оваа институција и овозможи на цела наша плејада на талентирани и врвни музичари и истакнати солисти да се стекнат со неповторливо искуство.

Второ, добронамерната помош е добредојдена. Ние не секогаш можеме сами. Доволно е да се сетиме дека процутот на македонската опера и балет е тесно поврзан со маестро Ловро Матачиќ кој помогна во насочувањето на потенцијалот на македонските музичари.

Трето, неопходна е самодоверба. Во животот ќе има многумина кои ќе не обесхрабруваат. Доколку критичарите го имаа последниот збор, денес никој од нас овде немаше да знае за Маскањи и за Кавалерија Рустикана. Но, еден чекор на верба промени се.

Токму таков чекор на верба направија и уметниците кои пред 70 години ги поставија темелите на Македонската опера и балет.

Таков чекор на верба направивме и ние во 1991 година, кога прогласивме суверена и независна Република Македонија, тогаш кога некои се сомневаа во нас. И денес, кога повторно сме сведоци на разни сомнежи во нашата државотворност, ние не треба да се обесхрабруваме. Се додека идејата на слободата и независноста на Македонија е во нашите срца, нема да потклекнеме и да се откажеме.

Водени од овие три нешта, нашите уметници самоуверено ги започнаа и „Мајските оперски вечери" кои годинава се одржуваат по 45-ти пат. Нашите уметници дебитираа на светските оперски и балетски сцени. Некои од нив станаа наши амбасадори на културата низ сите меридијани. Нивните настапи се сведоштво дека Македонија е татковина на извонредни креативци.

Затоа, на овој свечен ден, 9 мај, како Претседател на Република Македонија имам чест на Македонската опера и балет да и доделам Орден за заслуги за Македонија. Овој орден е признание за успешното промовирање на македонското и на светското творештво од областа на оперската и на балетската уметност.

Овој орден е признание за улогата што Македонската опера и балет ја има во победата на креативноста над деструктивноста и музиката над тишината.

Со таа мисла, на самиот крај, ви посакувам едно нешто: да имате се повеќе распродадени концерти и во Македонија и во светот.

Ви благодарам.

Orden_MOB_2

RSBSP
Обраќање на доделувањето на Повелба на Република Македонија на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата
Четврток, 04 Мај 2017

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Сообраќајот е нераздвоен дел од нашето секојдневие. Патиштата и пругите се артериите на нашата економија, без кои економскиот напредок е незамислив. Но, покрај бројните економски придобивки, сообраќајот носи и одредени ризици по безбедноста на неговите учесници – возачите, патниците и пешаците. Веќе 55 години со овој сериозен предизвик се бори Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот.

Пред малку чувме дел од постигнувањата и успесите на Републичкиот совет. На сето тоа ќе го додадам следното: сите стратегии, активности, мерки, кампањи, предлози и иницијативи на Републичкиот совет се сведуваат на едно нешто, а тоа е заштита на човечкиот живот.

Сепак, не можеме, а да не забележиме дека од година во година, задачата на Републичкиот совет станува сè посложена и тоа поради повеќе фактори.

Имаме сè поголем број возила на патиштата. Фреквенцијата на сообраќајот секојдневно се зголемува. Несовесното користење на современите технологии, а особено мобилните телефони за време на возењето е израз на ниското ниво на сообраќајна култура што многу често се плаќа со живот. Дополнително на тоа, политичките кризи, неизвесноста и непредвидливоста ги изложија граѓаните на постојан стрес.

Собрани заедно, овие фактори го намалија трпението и почитувањето на сообраќајните правила и го зголемува бројот на сообраќајните несреќи, кои за жал станаа наше секојдневие.

Секое утро се будиме со статистиките за тоа колку несреќи имало во текот на претходниот ден. Само во 2013 година во просек имало по 11 тешки сообраќајни незгоди секој ден. Во таа фатална година, секоја десетта жртва била дете! Годишно во Република Македонија меѓу 160 и 170 лица ги губат животите во сообраќајни незгоди. Бројот на повредените е многупати поголем. Тоа се многу предвреме прекинати животи, неискористени можности и неостварени соништа. Тоа е голема загуба за семејствата, за општеството и за државата.

Брзото возење, алкохолот, неносењето појас и телефонирањето или, уште полошо, праќање пораки за време на возењето се меѓу најчестите причини за овие страшни статистики.

Републичкиот совет неуморно и совесно се бори против овие тенденции. Со отрезнувачки кампањи ја будат јавната свест за потребата од одговорно учество во сообраќајот. Упорно укажуваат дека една секунда невнимание може да ги измени сите животни планови. Ја едуцираат јавноста, особено младите, за ризиците кои можат да ги чинат живот.

Во таа насока, Републичкиот совет ја имплементира и националната стратегија за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата. Целта на оваа стратегија е бројот на жртви во сообраќајни незгоди да се намали и да биде во рамките на Европската Унија.

Затоа, во годината кога Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот прославува 55 години од формирањето, ја имам честа, како Претседател на Република Македонија да доделам Повелба на Република Македонија. Повелбата е признание за постигнатите резултати во унапредувањето и во развивањето на сообраќајното образование, култура и етика, со што Републичкиот совет даде исклучителен придонес за подобрување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот на нашите патишта.

Но, истовремено, Повелбата претставува и обврска.

Минатата година на отворањето на Регионалната конференција за безбедност во сообраќајот реков дека ниту нови патишта, ниту нови закони, ниту повисоки казни и построги санкции, сами по себе, нема да ја намалат смртноста на патиштата ако истовремено не работиме на развивање на сообраќајната култура и етика. Таа култура и етиката треба да се гради и да се пренесува преку семејствата, училиштата, автошколите, сè додека не прерасне во општоприфатена општествена навика. Сите ние треба да работиме на создавањето на таа навика.

Но, за тоа е неопходен еднаков третман на сите пред законите. Потребна е соработка во рамките на системот, ангажирање на јавниот и на приватниот сектор, осигурителните компании, академската заедница, цивилното општество и медиумите. Бидејќи, само така ќе изградиме безбедност во сообраќајот.

Верувам дека, како и до сега, така и од сега, Републичкиот совет ќе има клучна улога во постигнувањето на оваа цел. И во таа насока, честитајќи им за признанието, ги охрабрувам да продолжат да го прават она за што постојат – спасување на човечкиот живот.

Ви благодарам.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 9 од 64