|
Претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили, д-р Ѓорге Иванов, денес одржа годишна координативна средба за активностите со македонските одбранбени претставници во странство. На средбата присуствуваа Министерот за одбрана д-р Фатмир Бесими, воениот претставник на Армијата на Република Македонија во Мисијата во НАТО во Брисел, генерал Бранко Дракалски и македонските одбранбени претставници во Соединетите Американски Држави, Турција, Британија, Германија, Франција, Австрија, Грција и нерезидентниот воен претставник за Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
На работната средба, Претседателот Иванов беше информиран од одбранбените претставници за нивните активности во земјите каде се акредитирани. Претседателот Иванов на македонските одбранбени претставници им даде насоки за работа во 2012 година, како и насоки во пресрет на претстојниот самит на Северноатланската Алијанса во Чикаго.
Претседателот ги изнесе своите очекувања од воената дипломатија, во функција на реализација на стратегиските цели на Република Македонија, и во таа насока побара засилен ангажман, подобра организација и координација во претстојната година. Претседателот Иванов, Министерот Бесими и другите присутни на средбата заклучија дека е потребно дополнително засилување на одбранбената дипломатска мрежа на Република Македонија.
|