Претседателот Иванов присуствуваше на погребната церемонија на поранешниот чешки претседател Вацлав Хавел
Петок, 23 Декември 2011   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес присуствуваше на погребната церемонија на поранешниот претседател на Чешката Република, Вацлав Хавел.

Претседателот Иванов, во име на граѓаните на Република Македонија, ја изрази својата почит за Вацлав Хавел, поранешен Претседател на Чехословачка и на Чешката Република. Хавел, писател и активист против комунистичкиот режим во некогашна Чехословачка, беше признат за неговата заслуга за ширење на демократијата и слободата во неговата земја и во централна Европа. Во својата телеграма на сочувство до чешкиот Претседател Вацлав Клаус и до граѓаните на Чешката Република, Претседателот Иванов порача – “Вацлав Хавел, како борец против тоталитарната идеологија се стекна со голем углед и почит меѓу сите слободољубиви народи на Европа. Свесен за неправдите на тогашниот режим, Хавел го посвети својот живот на неговото уривање, и ја имаше среќата да го види своето животно дело остварено. Меѓу бројните награди со кои беше почестен, веројатно најзначајната е сознанието дека милиони луѓе во Европа денес живат во слобода, во демократија.”

На погребната церемонија, во катедралата Свети Вит во чешкиот главен град Прага, присуствуваа голем број државници од Европа и од светот, вклучувајќи го Претседателот на Чешката Република Вацлав Клаус и државниот врв на Чешка, Претседателот на Владата на Британија Дејвид Камерон, Претседателот на Француската Република Никола Саркози, поранешниот Претседател на Соединетите Американски Држави Бил Клинтон и државниот секретар на САД Хилари Клинтон, Претседателот на Европската Комисија Жозе Мануел Баросо, Претседателот на Европскиот Парламент Јержи Бузек и други.



  Back<<Назад