|
Континуирана поддршка од Унгарија - средба со претседателот Шмит во Монако
|
|
Четврток, 27 Октомври 2011
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на маргините на Петтиот меѓународен форум „Мир и спорт“ во Монако оствари средба со претседателот на Унгарија, Пал Шмит. Двајцата претседатели изразија задоволство од зачестените средби во изминатиот период и можноста за продолжување на конструктивниот политички дијалог и севкупната соработка меѓу двете земји. Претседателот Иванов изрази благодарност за отворената и континуирана поддршка од страна на Унгарија за евро-интеграциските процеси на Република Македонија, особено за време на унгарското претседавање со Европската унија. Тој на својот унгарски колега му ги пренесе очекувањата таа поддршка да продолжи и во наредниот клучен период, во пресрет на декемврискиот состанок на Европскиот совет. Македонскиот претседател потсети дека единствената пречка на евро-интеграцискиот пат на Македонија останува спорот за името со јужниот сосед, нагласувајќи дека моделот кој би овозможил движење на земјата низ интеграциските фази и паралелно решавање на билатералниот спор ќе биде единствениот праведен. Македонскиот претседателот подвлече дека со тоа не само што ќе се потврди кредибилитетот на ЕУ проширувањето, туку ќе се поттикне и целосната фокусираност на Република Македонија на реформите и ќе се даде позитивен импулс за земјите од регионот. Претседателот Шмит подвлече дека јасен европски интерес е Македонија да го продолжи интегративниот процес во ЕУ, и нагласи дека на тој план Република Македонија може да смета на принципиелна поддршка од Унгарија. Според претседателот Шмит, билатералните прашања не смеат да бидат пречка во интеграциите, и Унгарија ќе се залага Македонија час поскори да ги отпочне преговорите со ЕУ.
|