|
Унапредување на соработката меѓу Македонија и Монако - средба со принцот Алберт Втори
|
|
Четврток, 27 Октомври 2011
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во рамките на Петтиот меѓународен форум „Мир и спорт“ во Монако оствари средба со Неговото Височество Принцот Алберт Втори, кој што е покровител на форумот „Мир и спорт“.
Претседателот Иванов ги поздрави напорите и посветеноста на Принцот Алберт во поддршка на мирот, преку спортот и покровителството на форуми како овој, во кој учествуваат високи претставници на држави и организации од целиот свет.
Принцот Алберт и претседателот Иванов разговараа за можностите за унапредување на билатералната соработка меѓу двете држави, во сите области од заеднички интерес. Претседателот Иванов го запозна Принцот од Монако со актуелните состојби во Република Македонија и регионот, со клучните стратешки цели на земјата за евро-атлантска интеграција, како и со предизвиците на тој пат.
На средбата, Претседателот Иванов го информираше Принцот Алберт дека Република Македонија инвестирајќи во спортот, преку изградба на спортските објекти и инфраструктура, придава големо внимание и го сфаќа значењето на спортот во унапредувањето на мирот и промовирањето на позитивни вредности.
Двајцата соговорници се согласија дека во иднина активностите треба да се насочат кон изнаоѓање конкретни форми за интензивирање на економската соработка. Сферите на идна соработка, кои македонскиот претседател ги посочи, се културата и туризмот.
Претседателот Иванов на Принцот Алберт му ги претстави туристичките потенцијали на Македонија, како земја во која со векови се вкрстувале цивилизациите и која изобилува со исклучително историско, културно и духовно наследство. Земајќи го предвид интересот на Монако за подводни истражувања, тој го покани Принцот од Монако на соработка во истражување на богатата ендемска флора и фауна во Охридското езеро, како едно од најстарите и второ по длабочина во светот.
|