| Средба со Министерот за надворешни работи на Турција д-р Ахмет Давутоглу | |
|
|
На срдечниот разговор, кој доаѓа по неодамнешните средби на Претседателот Иванов со Министерот Давутоглу во Минхен и во Киев, беше истакната добрата соработка на двете земји издигната на ниво на стратегиско партнерство на Балканот. Претседателот Иванов истакна дека соработката меѓу двете земји, која претставува пример за сите држави од регионот и од Европа, треба постојано да се продлабочува и унапредува во сите сфери. Иванов истакна дека добрите односи на двете земји се детерминирани од принципите на мирно решавање на споровите со политички средства, почитување на етничката и културната коегзистенција, економската меѓузависност и загарантираната безбедност за сите држави. Министерот Давутоглу, од своја страна, изјави дека секој успех на Република Македонија го смета за успех и на Република Турција. Министерот изјави дека освен на геополитички, Република Македонија е исклучително значајна земја и на геокултурен план. Според министерот, Република Македонија има модел на интеграција кој треба да претставува пример не само за регионот туку и пошироко. Министерот Давутоглу потенцираше дека Република Турција отсекогаш го поддржувала и ќе го поддржува напредокот на Република Македонија, истакнувајќи ја тука цврстата поддршка за полноправно членство на Македонија во НАТО. На средбата беа разгледани повеќе области на соработка меѓу двете држави, како што се економските инвестиции, културната и трговската размена.
|












