Новоименуваниот амбасадор на САД, Пол Волерс ги предаде акредитивните писма
Вторник, 13 Септември 2011   

altПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес (13 септември) ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Македонија, Н.Е. г-дин Пол Волерс.

На средбата одржана по свеченото предавање на акредитивите, Претседателот Иванов ја искористи можноста да му посака срдечно добредојде на амбасадорот Волерс, истакнувајќи дека неговото добро познавање на Македонија и на регионот ќе биде од големо значење во успешното извршување на одговорната функција. Претседателот Иванов истакна задоволство од исклучително високото ниво на односите меѓу двете држави и од цврстината на долгогодишното стратегиско партнерство меѓу САД и Македонија. Претседателот Иванов и амбасадорот Волерс ги разгледаа можностите за натамошно продлабочување на соработката, како на билатерален план, така и во меѓународните кругови. Двајцата соговорници се согласија дека партнерските односи засновани врз заедничките споделени вредности се потврдија и во заедничкото дејствување на вооружените сили на двете земји во мировните мисии во Ирак и Авганистан.

Претседателот Иванов на средбата се заблагодари за постојаната и цврста поддршка што Соединетите Американски Држави ја даваат за реализирање на евро-атланските интеграции на Македонија. Претседателот истакна дека интеграциите на Македонија ќе бидат од голема полза како за земјата така и за регионот, и за функционалноста и кредибилитетот на НАТО и на Европската Унија. Претседателот Иванов на амбасадорот Волерс му ја афирмираше подготвеноста на Македонија, да работи, низ конструктивни разговори со Република Грција, кон отстранување на пречките кои Грција ги поставува пред македонските интегративни процеси.

Амбасадорот Волерс на средбата изјави дека Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ја поддржуваат евро-атланската интеграција на Македонија. Амбасадорот воедно изрази задоволство што повторно ќе работи во Република Македонија, во насока на развојот на пријателството и партнерството меѓу Македонија и САД.

 

  Back<<Назад