Средба со д-р Ферид Мурад, добитник на Нобелова награда од областа на медицината и клиничката фармакологија
Понеделник, 13 Јуни 2011   

altПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими д-р Ферид Мурад, добитник на Нобелова награда од областа на медицината и клиничката фармакологија.

На срдечната средба, д-р Мурад ги поздрави напорите на граѓаните на Република Македонија за развивање и негување на соживотот во едно мулти-културно општество и се заложи да го искористи својот углед во американското општество да лобира за Македонија за што поскоро остварување на стратегиските цели на земјата - членство во ЕУ и НАТО. Д-р Мурад се интересираше за состојбите во здравството и медицинското образование во Република Македонија, идентификувајќи ги сферите на можна идна соработка.

Претседателот Иванов му честита на д-р Ферид Мурад за сите досегашни постигнати успеси, изразувајќи надеж дека и понатаму неговите истражувачки проекти ќе придонесуваат кон унапредување на медицината и фармакологијата насекаде во светот. Претседателот Иванов воедно ја искажа и својата благодарност кон фактот што д-р Мурад своите успеси ги припишува и како успеси на Република Македонија.

На средбата се разговараше за евро-атлантските интеграции на Република Македонија, нејзината улога на меѓународен план, како и за проблемот со името со јужниот сосед кој ги отежнува тие процеси.

Универзитетскиот професор и истражувач д-р Ферид Мурад кој потекнува од Гостиварско, а живее и работи во Хјустон, Тексас е добитник на бројни награди и признанија за истражувања во областа на медицината. Најзначајното достигнување во неговата научна и истражувачка дејност е добивањето на Нобелова награда за медицина и физиологија во 1998 година за откритието поврзано со примената на нитричкиот оксид како сигнален молекул во кардио-васкуларниот систем.
 

  Back<<Назад