Средба со Шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за предвремените избори, Џулијан Пил Јејтс
Среда, 18 Мај 2011   

altПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими Шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ / ОДИХР за предвремените избори, г-дин Џулијан Пил Јејтс.

Од средбата произлезе заемната констатација за значењето на претстојните парламентарни избори. Избори кои треба да ја потврдат демократската зрелост на земјата и да го потврдат капацитетот на сите учесници во изборниот процес за спроведување на избори согласно највисоките демократски стандарди.

Претседателот Иванов нагласи дека ги почитува позитивните пораки од шефот на набљудувачката Мисија. „Изборите, како врвен демократски чин, се критериум и имаат особено значење за исполнување на нашите највисоки стратегиски цели - членство во ЕУ и НАТО. Силно верувам и очекувам натпреварот да биде конструктивен и да биде легитимен натпревар за власт, натпревар на предлози и идеи. Сакам да нагласам, дека кој и да помисли да предизвикува инциденти или нерегуларности на изборите, и со тоа да ни нанесе штета на сите нас како општество, ќе се соочи со најстрогиот можен институционален одговор,“ нагласи Претседателот Иванов на средбата со Шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ / ОДИХР.

Шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ / ОДИХР, Џулијан Пил Јејтс информирајќи го Претседателот Иванов за целите, надлежностите и одговорноста на неговата Мисија, посочи дека на изборите сите учесници треба да ја исполнат својата улога. Тој додаде дека мисијата ќе ги оценува изборите од аспект на усогласеност со принципите за демократски изборни процеси, преземените обврски од сите држави-членки на ОБСЕ, како и со националната законска регулатива. Набљудувачите ќе го анализираат спроведувањето на изборниот процес од повеќе аспекти како работата на ДИК и изборните органи, однесувањето на сите учесници во изборниот процес, мониторинг на медиумите, изборниот ден. Извештајот на набљудувачката Мисија ке биде реална оценка заснована врз факти, истакна Џулијан Пил Јејтс.

Претседателот Иванов потсети дека од почетокот на годината лично свика неколку лидерски средби со цел да го поттикне и олесни политичкиот дијалог, да придонесе кон намалување на жестоката реторика и анимозитетот во јавниот простор, кои се рефлектираат директно врз граѓаните.

„Јас од денот на распишувањето на изборите, но и претходно на повеќето лидерски средби кои ги организирав, постојано апелирам сите учесници во изборниот процес да се однесуваат соодветно на нивото на демократскиот развој на Република Македонија и остварените придобивки - исполнети критериуми за членство во НАТО, подготвеност да се почнат пристапните преговори со ЕУ. Очекувам политичките партии, нивните лидерства и членови, во изборниот процес да се придржуваат во рамките на јавната пристојност, и во нивното политичко дејствување да се водат од државните и интересите на граѓаните. Република Македонија и нејзините граѓани имаат докажано дека поседуваат капацитет за да обезбедат фер и демократски избори. Граѓаните на Република Македонија поседуваат голема политичка свест и зрелост за реализација на такви избори. Силно верувам дека тоа на 5 јуни уште еднаш ќе го докажеме,“ рече Претседателот Иванов.

Шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ / ОДИХР за предвремените избори, Џулијан Пил Јејтс искажа висока почит за ангажманот на Претседателот Иванов во овој контекст.
 

  Back<<Назад