Средба со Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров
Среда, 20 Април 2011   

alt

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес оствари средба со Министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Н.Е. Сергеј Лавров.

На средбата во Вила Билјана во Охрид, Претседателот Иванов и Министерот Лавров разменија мислења за нивото на односите на двете држави. Заедничка оценка на двајцата соговорници беше дека Република Македонија и Руската Федерација негуваат исклучително блиски и пријателски односи, кои се основа за понатамошно продлабочување на соработката во областите на економијата, енергетиката, културната и научната размена, туризмот.

Особено значаен дел од средбата беше посветен на перспективите кои се отвораат меѓу двете држави во поглед на планираното поврзување на Република Македонија на проектираниот гасовод Јужен Поток. Претседателот Иванов изрази уверување дека реализирањето на овој проект ќе овозможи значителен економски подем на Република Македонија, обезбедувајќи достапен и сигурен извор на енергенси. Претседателот Иванов и Министерот Лавров разговараа за досегашните успешни руски инвестиции во Република Македонија и за можностите за натамошно инвестирање, како и за пристапот на македонските производители до рускиот пазар.

Претседателот Иванов упати поздрави и ја афирмираше поканата до Претседателот на Руската Федерација Дмитри Медведев да ја посети Република Македонија, при што ќе може на највисоко ниво да се потпише Договорот за пријателство и соработка меѓу двете држави.

Претседателот Иванов искажа голема благодарност за принципиелниот став на Руската Федерација во однос на почитувањето на уставното име на Република Македонија, чин кој особено се цени и од граѓаните на Република Македонија. Притоа, Претседателот Иванов го запозна Министерот Лавров со актуелностите во процесот на разговори со Република Грција и за позициите на Република Македонија.
 

  Back<<Назад