|
Претседателот Иванов упати сочувство до Претседателот на Руската Федерација, г. Владимир Путин
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати писмо со сочувство до Претседателот на Руската Федерација, г. Владимир Путин, по повод терористичкиот акт во Санкт Петерсбург.
Почитуван господине Претседателе,
Со длабока тага и чувство на огорченост ја примив веста за експлозијата во метро во Санкт Петерсбург, Руската Федерација, и искрено жалам за загубените животи од овој злосторнички акт.
Во овие тажни моменти за Вас, за граѓаните на Вашата земја и семејствата на настраданите, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од мое лично име да Ви упатам изрази на длабоко сочувство, а на повредените да им посакам брзо закрепнување. Сакам да Ве уверам дека мислите на македонските граѓани се со Вас и со пријателскиот руски народ.
Силно го осудувам ова насилство кое се случи во Санкт Петерсбург и искрено се надевам дека додека Руската Федерација поминува низ овие тешки моменти, целата меѓународна заедница ќе работи заедно во борбата против злото и во насока на интензивирање на постоечката соработка против тероризмот.
Ве молам, господине Претседателе, изразите на сочувство да ги пренесете до семејствата на трагично настраданите.
д-р Ѓорге Иванов
|