Честитка до г. Доналд Трамп по повод стапувањето на должноста Претседател на САД
Сабота, 21 Јануари 2017   

PRMportretПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати честитка до г. Доналд Трамп по повод стапувањето на должноста Претседател на Соединетите Американски Држави. 

Почитуван Претседател Трамп,
 

Ми претставува особена чест и задоволство да Ви го честитам стапувањето на должноста 45-ти Претседател на Соединетите Американски Држави и да Ви упатам најискрени желби за успешно извршување на високата и одговорна функција. Воедно, преземањето на должноста Ви го честитам и во името на сите граѓани на Република Македонија.
 

Дозволете ми, во оваа свечена пригода, да искажам надеж дека со заемен ангажман ќе дадеме личен придонес за интензивирање, продлабочување и зацврстување на стратегиското партнерство и пријателство меѓу Република Македонија и Соединентите Американски Држави, за што потврдувам дека постои особен интерес и подготвеност од Република Македонија. Длабоко сум уверен дека со Вашето лидерство Соединетите Американски Држави ќе продолжат по патот на прогресот. Но верувам дека Вашето лидерство e значајно и на глобален план, посебно сега кога светот се соочува со бројни предизвици и кога повеќе од било кога е неопходно единство, заемно почитување и искрена соработка. Високо ги почитуваме Вашите ставови и надворешно политички цели. Глобалниот поредок има потреба од јакнење на пријателството меѓу државите, без наметнување на интересите и со почитување на правото на избор на нациите во светот. Сакам да знаете дека во Република Македонија и во мене имате искрен пријател и поддржувач.  
 

Почитуван Претседател Трамп, со искрени желби за Ваше добро здравје, лична среќа и многу успеси во извршувањето на значајната и одговорна должност, Вам и на Вашето семејство, Ви упатувам изрази на највисока почит.
 

д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад