|
Проштална средба со финскиот амбасадор, Н.Е Тимо Рајакангас
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими на проштална средба амбасадорот на Република Финска, Н.Е Тимо Рајакангас.
На средбата беше изразено задоволство од унапредувањето на билатералните односи и пријателството меѓу Република Македонија и Република Финска. Во таа насока, претседателот Иванов изрази подготвеност за интензивирање на политичкиот дијалог меѓу двете земји, како и за проширување и зајакнување на соработката во областа на економијата, здравството, животната средина, образованието и културата.
Реафирмирајќи го членството на Република Македонија во Европската унија и НАТО како нејзини стратешки цели, изрази надеж дека Република Финска и понатаму ќе продолжи со поддршката во напорите за поместување на статус кво состојбата и деблокирање на македонските евроатлански интеграции.
На средбата беа разменети и мислења околу актуелни прашања од заеднички интерес за двете земји со посебен акцент на бегалската и мигрантската криза по мини-самитот во Брисел и имплементирањето на донесените заклучоци од истиот.
За ангажманот за унапредување и зајакнување на односите меѓу двете земји, претседателот Иванов на амбасадорот Рајакангас му изрази особена благодарност посакувајќи му понатамошен успех на личен и професионален план.
|