|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими членовите на владиниот тим за странски инвестиции.
На средбата присуствуваа заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, г. Владимир Пешевски, министрите без ресор задолжени за привлекување на странски инвестиции, г. Џери Наумоф, г. Горан Мицковски, г. Веле Самак и г. Фуркан Чако, и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, г. Виктор Мизо.
Соговорниците разменија идеи, мислења и иницијативи, со цел во рамките на дипломатските активности на претседателот Иванов да се засили економската агенда, односно да се координираат активностите и агендите на македонскиот претседател со активностите, агендите, потребите и приоритетите на владиниот економски тим.
Ресорните министри од Владата, пред македонскиот претседател ја претставија стратегијата за обезбедување зголемен прилив на странски директни инвестиции по земји, региони, и пазари, како и чекори од стратегиите за промоција на извозот на Република Македонија.
Во таа насока, беа одредени таргет - државите кои би требало да се посетат во наредниот период, со цел меѓусебно интензивирање на контактите и унапредување на правната рамка, создавање соодветни услови за потенцијалните инвеститори, како и услови за пласман на македонски производи.
Претседателот Иванов изрази подготвеност за поддршка и помош на владиниот тим во насока на воспоставување на контакти со одредени земји кои се потенцијални инвеститори во Република Македонија, обезбедување на информации за пристап до меѓународните пазари и олеснување на извозно ориентирани компании во наоѓање на странски деловни партери.
Македонскиот претседател информираше дека средба со иста цел ќе биде остварена и со претставниците на македонската бизнис заедница чии компании се извозно ориентирани со цел да ги слушне и нивните потреби и интереси, по што Кабинетот на Претседателот ќе пристапи во реализација на договореното, со подготовка на посети на држави кои се одредени како приоритетни.
Досегашна практика на претседателот Иванов е на маргините на сите негови официјални и работни посети на странски држави да се организираат бизнис форуми, на кои се презентираат бизнис можностите и поволностите за инвестирање во Република Македонија.
Согласно изборната програма, македонскиот претседател врши редовни консултации со претставниците на бизнис-заедницата и со релевантните министерства, за тоа каде може да се пласираат македонските производи во светот. Во насока на унапредување на македонската економија, при секоја службена и официјална посета во странство, како дел од делегацијата на претседателот Иванов, се селектираат и млади претприемачи, предложени од претпријатијата и стопанските комори.
|