Проштална средба со амбасадорот на Република Австрија во Република Македонија, Н.Е. Томас Михаел Баер
Вторник, 21 Јули 2015   

ambasador_baerПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална средба го прими амбасадорот на Република Австрија во Република Македонија, Н.Е. Томас Михаел Баер.

На средбата, двајцата соговорници изразија задоволство од ‎одличните билатерални односи меѓу двете земји, кои ги карактеризира континуиран политички дијалог и динамична соработка во повеќе области од заемен интерес.

Во тој контекст, претседателот Иванов истакна дека бројните средби и контакти со неговиот австриски колега, претседателот Фишер, само го потврдуваат искреното пријателство и позитивниот развој на односите меѓу Македонија и Австрија.

Македонскиот претседател, изрази благодарност за отворената и силна поддршка од страна на Република Австрија за највисоките стратешки цели на Република Македонија, членството во ЕУ и НАТО.

„Граѓаните на Република Македонија во Австрија го гледаат најголемиот и најпринципијалниот поддржувач на европската интеграција на Република Македонија, и поради овој факт, како и поради економските врски и австриските инвестиции, вашата држава ужива голем углед во Република Македонија", истакна претседателот Иванов.

Австрискиот амбасадор Баер, се заблагодари за укажаното гостопримство во текот на неговиот мандат, изразувајќи задоволство од вршењето на дипломатската должност во земјава. Тој додаде дека Австрија ќе продолжи да ги поддржува евро-атлантските аспирации на Република Македонија, и дека неговата земја ќе продолжи да ги негува пријателството и соработката со Република Македонија.

По постигнатиот политички договор, во пресрет на Виенската конференција во август, амбасадорт Баер, истакна дека заминува со оптимизам за евроатлантската перспектива на Република Македонија, и со позитивни искуства и голема почит за моделот на меѓуетнички соживот кој се практикува во Македонија.

На средбата, претседателот Иванов изрази задоволство од досегашната соработка со амбасадорот Баер, посакувајќи му успех во натамошната кариера.

  Back<<Назад