|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, испрати писмо со сочувство до г. Реџеп Таип Ердоган, Претседател на Република Турција, по повод терористичките напади во Суруч, Република Турција.
Почитуван господине Претседателе,
Со длабока тага и чувство на огорченост ја примив веста за терористичките напади во Суруч, Република Турција, и искрено жалам за загубените животи од овој злосторнички акт.
Во овие тажни моменти за Вас, за граѓаните на Вашата земја и за семејствата на настраданите и повредените, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од мое, лично, име да Ви упатам изрази на длабоко сочувство. Сакам да Ве уверам дека мислите на македонските граѓани се со Вас и со пријателскиот турски народ.
Господине Претседателе, овој грозоморен чин, како и впрочем сите кукавички акти на тероризмот, чии жртви се недолжни луѓе, нема да не поколеба во истрајноста на зачувување на споделените човечки и цивилизациски вредности и придобивки. Напротив, овој брутален терористички напад уште еднаш го покажа значењето на универзалните вредности кои се промовирани од страна на Република Македонија во рамките на Алијансата на цивилизациите.
Видовме дека тероризмот нема ниту одредена религија, ниту националност. За жал, тероризмот е глобална закана која бара глобална соработка и заемна поддршка, без каков било вид на предрасуди.
Ве молам, господине Претседателе, изразите на сочувство да ги пренесете до семејствата на трагично настраданите.
д-р Ѓорге Иванов
|