| Честитка по повод 23 октомври - Ден на македонската револуционерна борба | |
|
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод одбележувањето на државниот празник 23 октомври - Ден на македонската револуционерна борба упати честитка до граѓаните на Република Македонија. Почитувани граѓани, Денес со особена гордост и голема радост го прославуваме Денот на македонската револуционерна борба, одбележувајќи ја 117 годишнината од формирањето на македонската револуционерна организација со која започна организираната борба на македонскиот народ за слобода и создавање на своја независна држава. Визијата на шестемина дејци основачи на организацијата беше инспирирана од слободарските идеали на целокупниот народ и оттука формирањето на македонската револуционерна организација беше со радост дочекана низ цела Македонија. Македонската револуционерна борба беше прифатена од севкупното граѓанство и таа не разликуваше етничка припадност што впрочем беше прокламирано и во Крушевскиот манифест. Од формирањето на македонската револуционерна организација се до конечното ослободување и создавање на независна македонска држава се изоде долг и трнлив пат. Тој пат беше послан со страдање, крв и големо херојство. Саможртвата на генерации македонски херои остана аманет за идните генерации. Денес кога живееме во слободна и независна Македонија ја имаме обврската и аманетот кон нашите херои да продолжиме по патот на развојот и напредокот, создавајќи модерна и просперитетна држава, рамноправен дел од светското семејство на народите. Сплотени продолжуваме напред! д-р Ѓорге Иванов
|











