Честитка по повод 11 Октомври - Денот на вооруженото востание во Република Македонија
Понеделник, 11 Октомври 2010   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод 11 Октомври - Денот на вооруженото востание во Република Македонија упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

Почитувани граѓани,

Денеска со особена гордост го прославуваме денот на народното востание 11 Октомври. Пред 69 години кревајќи се против фашистичката оска на злото преку вооружено востание македонските граѓани уште еднаш ги потврдија своите слободарски традиции. Кревајќи се против фашизмот македонските борци застанаа рамо до рамо со сиот правдољубив и демократски свет. Благодарение на 11 Октомври и на долгата и макотрпна борба која следеше се удрија темелите на независна Македонија што беше потврдено и со Првото Заседание на АСНОМ.

Прославата на 11 октомври е уште една можност да се присетиме и да им се заблагодариме на сите херои од генерациите пред нас, кои без колебање ги дале своите животи за граѓаните на Република Македонија денес да живеат слободно и да можат да ја градат својата иднина и својот просперитет.

Припомнувајќи си на борбата во минатото и слободарските традиции токму на овој празник потсетуваме дека Македонија, била, е и секогаш ќе биде на страната на прогресот, демократијата и слободата. Оттука нашето членство и припадноста во НАТО и Европската Унија е сосема природно и заслужено.

Почитувани граѓани, Ви го честитам празникот.
За многу години демократска, слободна и суверена Република Македонија!

д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад