Средба со д-р Нуман Куртулмуш, заменик претседател на Владата на Република Турција
Среда, 08 Октомври 2014   

1Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска во Стар Дојран оствари средба со д-р Нуман Куртулмуш, заменик претседател на Владата на Република Турција.

Претседателот Иванов и вицепремиерот Куртулмуш констатираа одлични билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Турција и искажаа подготвеност за натамошно интензивирање на соработката во сите области од взаемен интерес.

„Република Македонија и Република Турција имаат односи на стратешко партнерство и Република Турција е еден од најзначајните и најгласните промотори на интеграцијата на Република Македонија во НАТО. Поддршката од Република Турција е секогаш добредојдена и високо ја цениме", рече претседателот Иванов.

На средбата беше истакнат взаемен интерес за поинтензивна економска соработка, и беа разгледани можностите за инвестиции во повеќе области.

Претседателот Иванов и вицепремиерот Куртулмуш разменија мислења и за можностите во областа на туризмот, културата, образованието и други области од взаемен интерес.

Македонскиот претседател искажа благодарност за поддршката од Владата на Република Турција и Турската агенција за соработка и координација – ТИКА преку реализацијата на бројни проекти во Република Македонија. Претседателот Иванов изрази посебна благодарност за поддршката за отворање на првиот Ургентен центар на Универзитетската клиника за детски болести во Република Македонија, што се спроведе под покровителство на неговата сопруга, г-ѓа Маја Иванова, како и за отворањето на Спомен-куќата на семејството на Кемал Ататурк во с. Коџаџик. Беа разгледани можностите за реализација на други проекти во наредниот период.

По средбата, претседателот Иванов и вицепремиерот Куртулмуш, заедно со претставници на ТИКА, присуствуваа на отворањето на обновениот плоштад во селото Дедели, општина Валандово.


  Back<<Назад