|
Новонаименуваниот амбасадор на Кралството Шведска Ларс Валунд ги предаде акредитивните писма
|
|
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новонаименуваниот амбасадор на Кралството Шведска во Република Македонија Н.Е. г-дин Ларс Валунд.
Новонаименуваниот амбасадор на Шведска истакна дека односите меѓу двете земји се одлични и сеопфатни и дека за време на неговиот мандат ќе направи се што е во негова моќ за натамошно зајакнување на односите и продлабочување на соработката. Повеќе граѓани од Македонија живеат во Шведска и даваат значаен придонес во нашето општество. Во мојот мандат ќе работам на продлабочување на нашите односи во делот на културата и стопанството, рече шведскиот амбасадор. Амбасадорот Валунд подвлече дека шведската поддршка за Македонија е силна уште од самите почетоци и додаде дека доказ за тоа е шведскиот суштински придонес во мировната мисија на ОН, УНПРЕДЕП во 90-те години. Шведска е силен поддржувач на македонските интеграции во евро-атлантските заедници. Шведска смета дека е од суштинско значење Македонија да ги почне преговорите со ЕУ за членство што е можно поскоро кога ќе бидат исполнети условите за тоа, изјави амбасадорот Валунд и додаде дека проширувањето на ЕУ е клучно за реформите и модернизација на општествата во Југоисточна Европа како и за обезбедување и зачувување на стабилноста во овој регион.
Претседателот Иванов посакувајќи му искрено добредојде и успешно водење на оваа високо ценета мисија на амбасадорот Валунд, изрази задоволство од досегашниот развој на односите на пријателство меѓу двете земји и истакна дека Република Македонија е целосно посветена на натамошниот развој на односите и соработката со Кралството Шведска. Уверен сум дека Шведска, како влијателен член на Европската Унија која ја поддржува политиката на "отворени врати" и во иднина ќе ја помага Република Македонија во нејзините напори за интеграција во европското семејство, како што го направи тоа за време на минатогодишното претседавање, рече Претседателот Иванов. Македонскиот претседател подвлече дека за Република Македонија процесот на евро и евроатлантска интеграција, преставуваше и претставува еден од клучните интегрирачки фактори и двигател на реформските процеси, поради што ужива апсолутен политички, етнички и социјален консензус. Прогресот на Република Македонија во тој процес, беше препознат и признат од страна на Европската Комисија, потенцираше претседателот Иванов и нагласи дека отпочнувањето на пристапните преговори за Република Македонија, не само што ќе го потврди кредибилитетот на Унијата и ќе има дополнителен мотивирачки ефект во Република Македонија, туку ќе има и позитивни импликации на стабилноста и просперитетот на целиот регион.
|