|
Честитка по повод Меѓународниот ден на Бошњаците
|
|
Сабота, 27 Септември 2014
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците упати честитка до припадниците на Бошњачката етничка заедница во Република Македонија.
Почитувани сограѓани,
Во мое лично име и во името на сите граѓани на Република Македонија, би сакал најсрдечно да ви го честитам 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, и да ви посакам празникот да го минете во убаво расположение и добро здравје.
Нашата заедничка татковина Република Македонија, како врвен приоритет го има поставено негувањето на различните културни специфики и традиции и во неа има место за секоја етничка заедница. Во нашиот богат и единствен мултикултурен мозаик неизбришливо е приуството на Бошњачката заедница која со својата традиција и култура го збогатува нашето секојдневие и разноликост.
Дозволете уште еднаш токму на денот на Бошњаците да потврдам дека како држава остануваме посветени на развивањето и унапредувањето на бошњачката култура и традиција, со цврста определба за нивна натамошна промоција, негување и заштита.
Бошњаците како и другите етнички заедници секојдневно и безрезервно го даваат својот придонес во сите сфери на животот во Република Македонија со што придонесуваат за економски развој и благосостојба на државата. Да продолжиме и понатаму заедно да градиме хармонија, просперитет и благодет за нас и за нашите потомци.
Нека ви е честит големиот празник.
д-р Ѓорге Иванов
|