Средба со првиот потпретседател на Владата и министер за надворешни работи на Република Србија Н.Е. г. Ивица Дачиќ
Понеделник, 15 Септември 2014   

dacik_PRMПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со првиот потпретседател на Владата и министер за надворешни работи на Република Србија Н.Е. г. Ивица Дачиќ, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

На средбата беа разменети мислења и информации за натамошно продлабочување на билатералните односи и соработката меѓу двете држави, како и за состојбите во регионот, регионалната соработка и евроинтеграциските процеси на двете земји. Двајцата соговорници констатираа дека политичките односи се на исклучително високо ниво, а потврда за добрата билатерална комуникација е континуитетот на средби на официјални претставници од двете држави.

Поздравувајќи ја досегашната соработка на владино ниво и одржаната заедничка седница на двете Влади, претседателот Иванов оцени дека ваквата соработка е посебно значајна за севкупните пријателски односи меѓу двете земји. Фокусот на соработката во наредниот период треба да биде на јакнење на економските врски, балансирање на трговската размена, промовирање на заемни инвестиции, подобрување на комуникацијата меѓу бизнис заедниците и ангажман на двете држави во олеснување на ваквите приоритети, со проекти во патната, железничката и енергетската инфраструктура, нагласи претседателот Иванов.

Министерот Дачиќ ја искажа подготвеноста на Република Србија за градење и унапредување на добрососедските односи, во функција на безбедност, стабилност и просперитет на регионот, за соработката во рамките на регионалните иницијативи, и на мултилатерален план. Република Србија и Република Македонија имаат заеднички интерес за соработка во бројни сфери, и целосно се согласувам со она што треба да претставува централен фокус на нашата соработка за наредниот период, истакна министерот Дачиќ.

Македонскиот претседател дополни дека мостови во соработката се и Македонците во Србија и Србите во Македонија, чиј статус претставува пример во регионот, за почитување на јазичните и националните разноликости.

  Back<<Назад