|
По повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија голем број шефови на држави од светот испратија честитки до претседателот Иванов. Ги пренесуваме пораките добиени до овој момент.
По повод националниот празник честитка упати претседателот на Соединетите Американски Држави, Н.Е. Барак Обама, во која се наведува дека 23-годишнината од независноста на Македонија е повод за одбележување на прогресот на вашата држава и обновување на посветеноста во споделувањето на заедничките демократски вредности. Американскиот народ ми се придружи во испраќањето најдобри желби до Вас и до граѓаните на Република Македонија, по повод одбележувањето на 8 Септември, денот на вашата независност. Соединетите американски држави ги ценат пријателството и соработката со Македонија и ќе продолжат да ја поддржуваат Македонија, на нејзиниот пат кон поголема интеграција во евроатлантската заедница, пишува во честитката на американскиот претседател Обама.
Претседателот на Сојузна Република Германија Н.Е. Јоахим Гаук, во својата честитка истакнува дека Германија и натаму останува наш силен поддржувач пријател и партнер. „Вашата земја одлучи да ги прифати предизвиците кои се поврзани со приближувањето кон евроатлантските структури. Патот кон европската интеграција, кој започна со Спогодбата за стабилизација и асоцијација и беше потврден со препораката на Европската комисија за започнување на пристапни преговори меѓу Европската Унија и Вашата земја, води преку решителен курс на реформи, особено во областите на правната држава и демократскиот плурализам. Вам, на македонската Влада и на граѓаните на Вашата земја Ви посакувам храброст, сила и сигурност за успешно да продолжите по овој пат како мултиетничко општество, се вели во честитката на германскиот претседател Гаук.
Во честитката од претседателот на Унгарија Н.Е. Јанош Адер, се наведува дека одличната соработка меѓу двете земји се унапредува постојано, врз основа на заеднички вредности. Неодамна имавме задоволство да ја прославиме 20 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи. Господин Претседателе, Ве уверувам дека Унгарија ќе остане посветена на натамошно унапредување на заемно корисните односи меѓу двете земји, стои во честитката на унгарскиот претседател Јанош, посакувајќи успешно и ефикасно надминување на сите предизвици со кои што се соочува Република Македонија на патот на евроатлантската интеграција.
Претседателот на Словачката Република Н.Е. Андреј Киска, во својата честитка изрази уверување дека билатералните односи меѓу Република Македонија и Словачката Република ќе продолжат да се развиваат успешно. „Нашите народи не се поврзани само преку традицијата на Кирил и Методиј, но исто така и преку заедничката иднина во европското семејство. Словачка ќе продолжи активно да ги поддржува напорите на Република Македонија за целосна интеграција во Европската Унија и НАТО, се вели во честитката на словачкиот претседател Киска.
Во честитката од генералниот гувернер на Канада Н.Е. Дејвид Џонстон, во името на канадскиот народ и во негово лично име се упатуваат желби за мир, среќа и просперитет. „Задоволство ми е да го констатирам постојаниот напредок во политичките и економските врски меѓу Канада и Македонија, и убеден сум дека овие односи ќе продолжат да се унапредуваат, во времето кога Вашата држава прави значен прогрес во реализацијата на Вашите евро-атлански аспирации. И посакавуам на Македонија постојан успех на ова поле", пишува во честитката на канадскиот генерален гувернер Џонстон.
Претседателот Иванов прими честитки и од Нејзиното Височество, Кралицата Елизабета II, Неговото Височество Вилем-Александар, Крал на Кралството Холандија, императорот на Јапонија Н.В. Акихито, претседателот на Арапската Република Египет Н.Е. Абдел Фатах ал-Сиси, како и од Кралот на Мароко Неговото Височество Мохамед VI со желби за среќа благосостојба и просперитет на граѓаните на Република Македонија.
|