Средба со Ендру Шир, Претседател на Претставничкиот дом на Парламентот на Канада
Понеделник, 01 Септември 2014   

kanada1Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со Претседателот на Претставничкиот дом на Парламентот на Канада, Почесниот Ендру Шир, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

На средбата беше разговарано за натамошно јакнење на билатералните односи меѓу двете земји, за соработката на мултилатерален план, како и за состојбите во врска со членството на Република Македонија во НАТО.

Двајцата соговорници констатираа дека политичките односи на двете земји ги карактеризира позитивна развојна динамика без отворени прашања, континуиран политички дијалог и значајна соработка во повеќе области од заемен интерес.

Претседателот Иванов изрази задоволство од успешниот развоен тренд на односите меѓу двете пријателски земји и од плодниот политички дијалог, реафирмирајќи ја нашата подготвеност за зајакнување и продлабочување на политичките односи, и зголемување на соработката во сите полиња од заемен интерес.

Во однос на македонското членство во НАТО, претседателот Иванов се заблагодари за принципиелната поддршка од Канада, и побара поддршка и ангажман и на претстојниот НАТО Самит во Велс. Во контекст на тоа, македонскиот претседател го запозна соговорникот со импликациите од статус-кво состојбата во однос на нашите евроатлантски интеграции, како и за состојбата во разговорите за разликата околу името, кое претставува единствена пречка на нашиот евроатлантски пат.

На средбата, претседателот Иванов ја поздрави парламентарната соработката помеѓу двете држави, која бележи позитивен и успешен развој, за што голем придонес имаат Парламентарните групи за пријателство формирани во двата парламента.

Македонскиот претседател изрази очекување за унапредување на соработката во сферата на одбраната и економијата, и за зголемување на канадските инвестиции, при што ја истакната потребата од унапредување на договорната правна рамка помеѓу двете држави и што поскоро потпишување на конкретни договори, како и потребата од либерализација на канадскиот визен режим во однос на македонските граѓани.

Претседателот Иванов и спикерот на Претставничкиот дом, г. Шир ја реафирмираа подготвеноста за продлабочување на соработката, како на билатерален, така на мултилатерален план.
kanada2

  Back<<Назад