|
Проштална средба со амбасадорот на Република Индија во Република Македонија, Н.Е. г. Дивиаб Манчанда
|
|
Понеделник, 18 Август 2014
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална средба го прими амбасадорот на Република Индија во Република Македонија, Н.Е. г. Дивиаб Манчанда
Македонскиот претседател, изрази благодарност за досегашниот придонес и личен ангажман на амбасадорот г. Манчанда, во унапредување на билатералните односи и интензивирање на соработката меѓу двете земји во сите сфери од заеднички интерес.
На средбата беше изразено заемно задоволство што односите меѓу Република Македонија и Република Индија се развиваат во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и заемното почитување.
"Политичкиот дијалог на владино и парламентарно ниво, последниве години го доби посакуваниот интензитет, унапредувањето на правната рамка исто така, што се поволни претпоставки за натамошно продлабочување на билатералната соработка во сферата на економијата, културата и образованието, но исто така и за мултилатералната соработка. На тој план Република Македонија е целосно подготвена", истакна претседателот Иванов.
Амбасадорот на Република Индија, г. Манчанда, се заблагодари за укажаното гостопримство во текот на неговиот мандат и изрази задоволство од вршењето на дипломатската должност во земјава.
Заблагодарувајќи се за досегашниот ангажман и добрата соработка, претседателот Иванов на амбасадорот г. Манчанда му посака успех во натамошната работа, изразувајќи очекување дека конструктивната соработка ќе продолжи и со следниот амбасадор на Република Индија во Република Македонија.
|