|
Средба со делегација од Универзитетот за традиционална кинеска медицина
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска прими делегација од Универзитетот за традиционална кинеска медицина во Ченгду, провинција Сичуан од Народна Република Кина.
На средбата беа разменети мислења, околу пројавените иницијативи и проекти, кои беа разговарани при посетата на претседателот Иванов на Универзитетот за традиционална кинеска медицина во Ченгду, во однос на соработка со универзитети од Република Македонија, за примена и воведување на кинеската традиционална медицина во нашиот здравствен систем, како и обука и едукација на кадар.
Претседателот Иванов, изрази задоволство од можноста да го возврати гостопримството, кое му беше укажано при посетата на Универзитетот за традиционална кинеска медицина во Ченгду, во рамки на посетата на НР Кина минатиот октомври, на која се отворија вратите за нови можности за соработката во различни сфери од заемен интерес.
Заблагодарувајќи се за приемот, претставниците од Универзитетот за традиционална кинеска медицина, изразија надеж дека нивната посета ќе отвори едно ново поглавје во соработката меѓу двете земји на полето на образованието, здравството и медицината.

|