Средба со г. Евангелос Венизелос, претседавач со Советот на ЕУ, заменик-претседател на Владата и Министер за надворешни работи на Република Грција
Четврток, 20 Февруари 2014   

venizelos01Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими претседавачот на Советот на Европската унија, министер за надворешни работи и заменик-претседател на Владата на Република Грција, г. Евангелос Венизелос.

На средбата беа разменети мислења и информации околу процесот на евроинтеграции на Република Македонија за време на грчкото претседавање со Европската унија.

Претседателот Иванов и посака на Република Грција успешно претседавање со Европската унија и изрази очекување дека како претседавачи ,и покрај фактот што не е во приоритетите, сепак ќе останат посветени на политиката на проширување.

Претседателот Иванов потенцираше дека Република Македонија бележи постојан напредок во клучните реформски области, што се потврдува и со петте последователни препораки за почеток на пристапните преговори, и дека клучна препрека за евро-интеграцискиот напредок и натаму останува прашањето за името.

Овозможувањето на паралелно движење на процесот за решавање на билатералното прашање и процесот на пристапни преговори за членство во ЕУ, кој се покажува како успешна и позитивна практика, доколку се примени во нашиот случај, ќе биде од корист не само за Република Македонија, туку и за Република Грција и за целиот регион, посочи македонскиот претседател.

„Решение за отвореното прашање е можно само со стриктно придржување до рамката во која се води процесот во ООН, со почитување на постоечките резолуции на Советот за безбедност, Времената спогодба, меѓународното право и пресудата од Хаг", му порача македонскиот претседател на министерот Венизелос, дополнувајќи дека навлегувањето во прашањата од сферата на идентитетот и човековото достоинство не е дел од рамката и не придонесува кон напорите за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение.

Претседателот Иванов истакна дека е потребно е да се следи примерот на двете општества, потребно e зголемување на меѓусебната доверба, што ќе се постигне преку почести контакти на сите нивоа.

„Не доликува на две европски соседни земји во 21 век да не комуницираат на највисоко политичко ниво. Меѓу нашите земји има огромни можности и потенцијали за соработка во сите сфери од заемен интерес", истакна Иванов и ја повтори отворената покана за посета на грчкиот претседател на Република Македонија.

Во контекст на билатералната соработка, македонскиот претседател го потврди интересот на Република Македонија за интензивирање на економската соработка и зајакнување на преку-граничната соработка, посочувајќи дека проширување на билатералната правна рамка за соработка ќе придонесе во унапредување и на политичките односи меѓу двете земји.

На средбата беа разменети мислења и информации околу актуелните случувања во регионот, односно околу европските перспективи на земјите од Западен Балкан.

venizelos02

  Back<<Назад