|
Претседателот Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Монголија и на Република Белорусија
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Монголија, Н.Е. г. Дугержав Лкхамсурен и новоименуваниот амбасадор на Република Белорусија, Н.Е. г. Владимир Чушев.
Во поздравните говори претседателот Иванов на двајцата амбасадори им посака добредојде и успех во вршењето на амбасадорската должност.
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Монголија, со седиште во Софија, е реафирмиран интересот за интензивирање и зајакнување на соработката меѓу двете земји во сите области од заемен интерес, особено на економската.
„Од исклучително значење е двете страни да создадат правна рамка којашто ќе претставува нов поттик за градење на билатералната соработка, вклучително и во доменот на стопанската и трговската соработка", истакна претседателот Иванов на средбата со амбасадорот Лкхамсурен.
На средбата со амбасадорот Чушев, претседателот Иванов изрази уверување дека постојат можности за натамошно унапредување на билатералните односи и меѓусебната соработка со Република Белорусија во повеќе области од заемен интерес.
„Притоа, посебно би сакал да ја истакнам нашата желба за дооформување на нормативно-правната рамка за уредување на билатералните односи и соработка, како и нашиот интерес за јакнење на економската соработка", рече претседателот Иванов на средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Белорусија, со седиште во Белград.

|