|
Претседателот Иванов упати честитка по повод 22 Ноември - Денот на албанската азбука
|
|
Четврток, 21 Ноември 2013
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во пресрет на Денот на албанската азбука - 22 Ноември, денеска прими ученици од ОУ „Братство Миѓени" - Тетово, ОУ „Дитуриа" - Липково, ОУ „25 Мај " - Гази Баба и од OУ „Дитуриа" - Сарај.
По повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати и честитка до припадниците на албанската етничка заедница.
Почитувани сограѓани,
Одбележувајќи го Денот на албанската азбука во Република Македонија ја потврдуваме заедничката заложба за почитување и за унапредување на етничката и културната разноликост и духовното богатство во земјава.
Азбуката и јазикот се основните елементи на националното идентификување, на културните особености и разлики, но истовремено тие се и обврска за заедничко меѓусебно разбирање, толеранција и соживот. Албанскиот јазик е нераскинлив дел од јазичното и од културното богатство на Република Македонија. Негувањето на традицијата и културата придонесува за просперитетна иднина и за благосостојба на сите граѓани. Почитувањето на етничката и културната коегзистенција е наш аманет со кој се гордееме. Во Република Македонија се негуваат етничките, националните, верските и културните разлики. Тоа е, всушност, и формулата на посебноста и суштината на универзалните вредности кои ги градиме со векови и кои се столб на иднината.
Создавањето заедничка иднина е возможно само со почитување и со разбирање на различностите. Затоа сме горди на етничкиот и на јазичниот диверзитет. Затоа славејќи го Денот на албанската азбука заеднички го прославуваме и сплотувањето и зближувањето на двете култури кои опстојувале заедно со векови.
Во оваа пригода сакам да упатам порака до сите граѓани на Република Македонија дека моделот за иднината започнува со почитувањето на сите заедници во земјата, со зацврстувањето и со унапредувањето на меѓучовечките односи, толеранцијата и соживотот кои нè прават посилни во справувањето со предизвиците и нè обврзуваат да ја почитуваме разноликоста и важноста на јазикот и традицијата.
д-р Ѓорге Иванов
|