Претседателот Иванов оствари средба со министрите за надворешни работи на Р. Литванија и Романија
Понеделник, 07 Октомври 2013   

ministri3Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими министерот за надворешни работи на Република Литванија, г. Линас Линкевичиус и министерот за надворешни работи на Романија, г. Титус Корлацеан.

На средбата беа разменети мислења за европската перспектива на Република Македонија, за актуелните состојби во земјава и регионот, и беше потврден интересот за натамошно унапредување на билатералните односи и соработката на Република Македонија со Република Литванија и Романија. Претседателот Иванов изрази задоволство од честите средби и нивото на политичкиот дијалог со двете земји и ја поздрави успешната соработката на двете министерства со министерството за надворешни работи на Република Македонија.

Во контекст на евроинтеграциите, претседателот Иванов се заблагодари за досегашната поддршка од Република Литванија и Романија и изрази очекување дека Република Македонија ќе добие позитивен извештај од Европската комисија и повторување на препораката за почеток на пристапни преговори за членство во Европската унија.

ministri1„Статус кво состојбата не е опција, и не носи ништо добро, напротив ги забавува сите тие процеси и ги продлабочува јазовите. Очекуваме во декември конечно да се деблокира интеграцијата на Република Македонија, бараме позитивниот пример на паралелно движње во интеграциите и надминувањето на билатералните разлики да биде применлив и за нас и очекуваме поддршка од сите пријатели во Европската унија" рече на средбата претседателот Иванов.

На средбата, македонскиот претседател ги запозна соговорниците со најновите случувања во процесот на разговорите за надминување на прашањето за името, истакнувајќи дека Република Македонија останува посветена и конструктивна со цел изнаоѓање на компромисно решение.

Министрите за надворешни работи на Република Литванија и Романија ги поздравија напорите кои Република Македонија ги вложува во реформскиот процес и исполнување на стандардите за членство во Европската унија и се согласија дека земјава заслужува да добие датум за почеток на преговори. Во таа насока, министерот Линкевичиус и министерот Корлацеан за заложија за натамошна поддршка од Литванија и Романија со цел надминување на предизвиците и заокружување на евроинтеграцискиот процес на Република Македонија.

ministri2

  Back<<Назад