Средба со министерот за надворешни работи на Романија, г. Титус Корлацеан
Среда, 03 Јули 2013   

romaniaMNR1Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими министерот за надворешни работи на Романија, Н.Е. г. Титус Корлацеан.

Двајцата соговорници констатираа дека односите меѓу двете земји ги карактеризира висок степен на пријателство, конструктивен и отворен политички дијалог.

Во тој контекст од македонска страна е изразен интересот за реализирање на возвратна официјална посета на Претседателот на Романија, Н.Е. г. Трајан Басеску на Република Македонија.

На средбата беа разменети мислења и информации во врска со можностите за натамошно продлабочување на билатералната соработка меѓу двете држави, во сите области од заемен интерес, а посебен акцент беше ставен на економската соработка.

romaniaMNR2„Имајќи ги предвид потенцијалите на двете држави, блискоста и традиционалното пријателство, ценам дека со заемен ангажман економската соработка и трговската размена во наредниот период може значително да се унапреди", истакна претседателот Иванов.

На средбата беше разговарано и за евроатланската интеграција на Република Македонија. Претседателот Иванов, по недонесувањето на одлука од Европскиот совет и по четири позитивни препораки да ни биде доделен датум за отпочнување на пристапните преговори, нагласи дека во околности, кога со години имаме блокада на интеграцијата, состојбата на status quo не носи ништо добро, туку напротив, создава фрустрации кај граѓаните и општеството, и можност за политизација на евроинтеграциите.

„И покрај сите блокади, земјата ќе продолжи со реформите за доброто на граѓаните. На нас е ние самите да работиме напорно на исполнувањето на стандардите и критериумите, самите да ја креираме и исполнуваме ЕУ агендата. Кога датумот ќе дојде ние ќе бидеме спремни", истакна претседателот Иванов.

Од својата страна, министерот Корлацеан истакна дека Романија целосно ја поддржува Република Македонија во поглед на евроатланските интеграции и сака да ја прошири и продлабочи севкупната соработка со Република Македонија.

„Тоа е и целта на мојата посета, да ја потврдам поддршката и да разговараме за можностите за продлабочена соработка", рече министерот Корлацеан на средбата со претседателот Иванов.

romaniaMNR3

  Back<<Назад