Честитки од претседателот Иванов по повод предавањето и преземањето на должноста Емир на Државата Катар
Среда, 26 Јуни 2013   

katar0Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод преземањето на должноста Емир на Државата Катар, упати писмо со честитки до Неговото Височество Шеик Тамим бин Хамад ал-Тани. Воедно, по повод предавањето на власта од страна на Неговото Височество Шеик Хамад бин Калифа ал-Тани на неговиот син, претседателот Иванов упати писмо до Шеик Хамад бин Калифа ал-Тани, во кое се заблагодарува за севкупниот досегашен придонес и за неговите заложби во унапредување на односите меѓу Државата Катар и Република Македонија.

Во продолжение се упатените писма од страна на Претседателот на Република Македонија до новиот Емир на Државата Катар, Неговото Височество Шеик Тамим бин Хамад ал-Тани, и до Неговото Височество Шеик Хамад бин Калифа ал-Тани.

Ваше Височество,
Шеик Тамим бин Хамад ал-Тани, Емир на Државата Катар

Ми претставува особена чест и големо задоволство, по повод преземањето на должноста Емир на Државата Катар, во име на граѓаните на Република Македонија, и во мое име, да Ви упатам срдечни честитки и најискрени желби за успешно извршување на одговорната должност.

Би сакал да ја искористам оваа свечена пригода, за да го поздравам континуираниот развој на односите и соработката меѓу нашите две пријателски земји. Истовремено, убеден сум дека со заемен ангажман ќе продолжиме да внесуваме нови содржини и форми на соработка, што дополнително ќе ги зацврстат нашите односи во годините што доаѓаат, за што ја искажувам нашата целосна подготвеност.

Во очекување дека наскоро ќе имаме можност за средба и размена на мислења по сите прашања од заемен интерес, уште еднаш Ви упатувам најискрени желби за Ваша успешна работа, добро здравје и лична среќа, како и за просперитет на пријателскиот катарски народ.

Ви ги упатувам, Ваше Височество, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

katar2


Ваше Височество,
Шеик Хамад бин Калифа ал-Тани

Дозволете ми, по повод Вашата одлука да ја предадете власта на Вашиот син, Шеик Тамим бин Хамад ал-Тани, да Ви честитам за Вашето истакнато лидерство, мудрост, континуирана заложба и посветеност за долгорочен развој и просперитет на Државата Катар и за благосостојба на нејзиниот народ. Уверен сум дека ќе продолжите да играте важна улога во многу сфери од општествениот живот на Вашата земја, исто како и досега.

Воедно, дозволете ми да упатам благодарност за Вашите заложби и за севкупниот придонес, кои во изминатиот период значително ги унапредија односите меѓу нашите две пријателски држави. Сеќавајќи се на нашите многубројни средби и срдечни разговори, ме радува што во Вас открив искрен пријател со кој слободно можам да кажам дека отворивме ново поглавје во нашите односи, како и перспективи за плодна соработка на сите полиња.

Верувам дека ќе воспоставиме идентични односи со Вашиот наследник, Шеик Тамим бин Хамад ал-Тани, и заеднички ќе работиме на јакнење на пријателството меѓу двете држави и на унапредување на соработката. На тој план, би сакал да ја искажам мојата целосна поддршка.

Со такво уверување, дозволете ми, Ваше Височество, да Ви посакам натамошен успех на личен и професионален план, добро здравје и да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад