Враќањето на Тарчуловски чекор напред кон натамошно градење соживот - Претседателот Иванов го прими Јохан Тарчуловски
Петок, 12 Април 2013   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска - 12 април 2013 година го прими г. Јохан Тарчуловски.

Топло добредојде во Република Македонија на г. Тарчуловски, кој беше придружуван од неговата сопруга и нивните две деца, му посакаа претседателот Иванов заедно со својата сопруга, г-ѓа Маја Иванова.

На срдечната средба, претседателот Иванов посака никогаш повеќе никому да не му се случи она што го помина Јохан во изминатите осум години. Македонскиот претседател порача никогаш да не се повторат случувањата во нашата татковина од 2001 година. Треба да се фокусираме на иднината, порача претседателот Иванов, оценувајќи дека враќањето на Јохан Тарчуловски во Македонија треба да претставува чекор напред кон натамошното помирување и градење на соживотот во Македонија, онака како што отсекогаш се практикувало на овие простори во минатото.


Јохан Тарчуловски заблагодарувајќи се за приемот кај претседателот Иванов, и почестите што во негово име ги приреди Република Македонија, истакна дека му претставува огромна чест поканата за средба со претседателот Иванов, како и можноста да го посети Кабинетот на претседателот на Република Македонија. Пред средбата со претседателот Иванов, господинот Тарчуловски во вила „Водно" беше поздравен и од неговите поранешни колеги од Кабинетот на претседателот на Република Македонија. Јохан Тарчуловски беше член на обезбедувањето на поранешниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски.

  Back<<Назад