Предавање за наноматеријали и нанотехнологии во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија
Четврток, 11 Април 2013   

Денеска во Народната канцеларија во Скопје на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, се одржа предавање на тема „Во светот на наноматеријалите и нанотехнологиите“, организирано од Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје.

Наноматеријалите и нанотехнологиите, како нов тип на материјали и технологии кои претставуваат потенцијални области за изучување и инвестирање, пред присутните ги презентираше проф. д-р Анита Грозданов, продекан за наука на Технолошко-металуршкиот факултет и национално контакт лице за 7-та Рамковна програма за наноматеријали и производни технологии на Европската Комисија.

Голем број претставници на академската средина, бизнис-заедницата, претставници на државни институции, имаа можност да проследат преглед на карактеристиките на наноматеријалите и нанотехнологиите, нивната досегашна примена преку низа имплементирани проекти, како и да разменат мислења околу нивната потенцијална примена во различни области.

Во рамки на своите заложби за поддршка на науката, научните установи и младиот научен кадар, претседателот Иванов ја пренесува пораката дека за обезбедување раст на економијата, напредок на општеството и одржување чекор со светските развојни текови, на Република Македонија и се потребни едуцирани млади луѓе кои се подготвени да спроведуваат применливи научни истражувања. Предавањата од ваков тип, придонесуваат кон поттикнување на интересот на младите за изучување на новите материјали и технологии и активна работа во сферата на нивен развој и примена. Во таа насока, претседателот Иванов континуирано ја изразува својата поддршка за организирање на предавања кои ја збогатуваат техничката култура на младите и ги насочуваат кон нови технички достигнувања.

Во контекст на научното истражување на наноматеријалите, Министерството за образование и наука во соработка со Технолошко-металуршкиот факултет, го организира натпреварот на тема „Наноматеријали – Материјали на иднината“, во чија прва фаза учествувале 434 тимови од 45 средни училишта во државата. Селектираните најдобри тимови ќе учествуваат на Републичкиот натпревар "Наноматеријали - Материјали на иднината", кој ќе се одржи на 13 и 14 Април 2013 година во Струга.

  Back<<Назад