Секретаријатот на здравствената мрежа за земјите од ЈИЕ со седиште во Скопје - средба со Регионалниот директор на СЗО за Европа
Четврток, 07 Март 2013   

Претседателот на Република Македонија, д–р Ѓорге Иванов денес оствари средба со Регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа, Зузана Јакаб. 

Македонскиот претседател ја поздрави одлуката седиштето на Секретаријатот на здравствената мрежа за земјите од Југоисточна Европа да биде токму во Скопје и изрази очекување дека во иднина оваа мрежа ќе придонесе во јакнење на здравствените системи во сите десет земји од Југоисточна Европа кои ја чинат мрежата, и ќе помогне во воспоставување на подлабока соработка во однос на развојот на јавното здравство и  реализација на проекти од заеднички интерес.

Претседателот Иванов, посочи дека ова е уште една потврда дека Република Македонија не е само учесник туку и активно и конструктивно придонесува во регионалните иницијативи. Здравствената мрежа на ЈИЕ, истакна македонскиот претседател, очекува да биде позитивен пример на соработка и во другите региони во Европа.

На средбата, соговорниците разменија мислења и информации за функционирањето на здравствениот систем во Република Македонија, за континуираните реформи и заложби за подобрување на системот на јавното здравје, како  и за можностите за продлабочување на регионална соработка на овој план.

Одлуката за седиштето  на Секретаријатот е донесена врз основа на кандидатурата на Република Македонија и со согласност на сите десет земји од Југоисточна Европа, членки на здравствената мрежа.

  Back<<Назад