Честитка од претседателот Иванов по повод големиот христијански празник Богојавление - Водици
Сабота, 19 Јануари 2013   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати честитка до Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и до православните верници по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици.

Ваше Блаженство,

Имам особено задоволство и чест Вам и на членовите на светиот архиерејски Синод, на преподобното монаштво и свештенство, како и на сите православни верници, да Ви го честитам големиот христијански празник Богојавление – Водици и да Ви посакам да го поминете во добро здравје, радост и среќа.

Водици е празник кој нè потсетува на значењето на светата тајна на крштевањето како еден од столбовите на нашата вера. На овој голем празник да не ги заборавиме основите на нашето верување и да продолжиме со почитување и залагање за вистинските духовни вредности. Славејќи го Христовото крштевање да го прославуваме и нашето духовно раѓање и да ја потврдиме смислата на нашите животи.

На денот кога ги осветуваме нашите води, најискрено да посакаме во нашите срца да се вселат мирот, хармонијата и разбирањето, трпението и милосрдието. Инспирирани од овој голем празник и натаму ревносно да продолжиме да споделуваме со сите наши ближни и со сите наши сограѓани чекорејќи напред кон остварување на заедничките цели.

Нека ни е честит и вековит големиот христијански празник!

Д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад