Работна посета на Министерството за надворешни работи на Република Македонија
Петок, 18 Јануари 2013   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го посети Министерството за надворешни работи на Република Македонија при што оствари работни средби со министерот за надворешни работи, Никола Попоски и со директорите во министерството.

Главна тема на средбите беше координација на активностите во рамките на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, каде што Република Македонија е земја-претседавач. Се разговараше за иницијативите кои Македонија ги предлага во рамките на ПСЈИЕ под мотото „Солидарноста во акција“ како, основањето на „Фонд на иднината“, предложен од Претседателот Иванов, за Меѓународната Конференција за земјотресно инжинерство под покровителство на Претседателот Иванов и за  отпочнувањето на подготовките за Самитот во јуни, во Охрид.

Принципот на инклузивност на сите земји од регионот во оваа Иницијатива, промоцијата и утврдувањето на регионалниот интерес за што поскора интеграција во  Европската Унија и афирмирањето на концептот за единствена прогресивна регионална меморија за добрососедство и соработка, како што нагласи Министерот  Попоски, се во структурата на настаните што се планирани во текот на 2013 година. Предвидените активности на експертско и политичко ниво, ќе го нагласат и зајакнат европскиот капацитет на регионот и ќе придонесат за афирмирање на улогата на Република Македонија во развивањето на добрососедски односи.

На средбата, министерот Попоски информираше и за предложените измени на Законот за надворешни работи, што се во собраниска процедура. Нагласи дека со новите измени се предвидува сеопфатна и активна подготовка на дипломатите кои заминуваат на мисија во странство, а крајната цел ќе биде креирање на ефикасна, будна и мотивирана македонска дипломатска служба.

Во разговорите стана збор и за активностите предвидени за годинава околу одбележувањето на дваесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатски односи на Република Македонија со дваесет и една земја, како и за иницијативата на Претседателот Иванов за доделување одликувања за заслужни странски амбасадори по завршување на нивниот мандат во Република Македонија.
alt

  Back<<Назад