Претседателот Иванов се сретна со Претседателот на Парламентарното Собрание на Советот на Европа Мевлут Чавушоглу
Петок, 21 Мај 2010   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, г-дин Мевлут Чавушоглу. Централна тема на разговорот беше претстојното претседавање со Комитетот на Министри на Советот на Европа, за кое двајцата соговорници изразија уверување дека Македонија ќе ги вложи сите напори за успешно и продуктивно претседавање со Советот.
Претседателот Иванов подвлече дека јакнењето на заштитата на човековите права е прв приоритет на македонското претседавање со Советот на Европа, и потенцираше дека е неопходно унапредување и консолидирање на системот на човековите права на национално и европско ниво.
Претседателот Иванов нагласи дека во Македонија постои функционален мултиетнички соживот и подвлече дека вториот приоритет на Македонското претседавање е да се промовира и унапреди интеграцијата на националните малцинства во европските општества.
Како трет приоритет, Претседателот Иванов го посочи овозможувањето на размена на мислења и искуства на младите од Југоисточна Европа и пошироко, со цел нивно учество во политичките процеси и демократските реформи во нивните општества, согласно принципите, вредностите и стандардите на Советот на Европа.
Претседателот на Парламентарното Собрание на Советот на Европа Чавушоглу го поздрави степенот на почитување, промоција и заштита на правата на малцинствата во Република Македонија, и притоа изрази уверување дека Република Македонија успешно ќе одговори на одговорната должност за време на своето претседавање и дека на планот на приоритетите на Македонија, како и на планот на реформските процеси во Советот на Европа ќе има успешна соработка.

  Back<<Назад