Чистењето на почвата околу ОХИС е проблем што налага поскоро решавање – Средба со Заменикот генерален директор на УНИДО
Четврток, 08 Ноември 2012   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска го прими г. Таизо Нишикава, Заменикот генерален директор на УНИДО – Организацијата на Обединетите нации за индустриски развој.

Г-динот Нишикава го запозна претседателот Иванов со активностите на организацијата, како и со резултатите од досегашната соработка со Република Македонија.

Шефот на државата изрази целосна поддршка за отворањето на Одделение за пречистување на електрични генератори во фабриката „Раде Кончар” во Скопје, кое е веќе во оперативна фаза.

Г-динот Нишикава го информираше Претседателот и за другите проекти кои се во план на имплементација, со особен акцент на проектот за чистење на техничкиот отпад и деконтаминација на почвата околу фабриката „ОХИС“. Овој проект, кој ќе биде спроведен преку кофинансисрање од страна на Република Македонија и Глобалниот еколошки фонд, е единствен од ваков карактер и ќе биде пример и за останатите замји кои ќе аплицираат за финансиска поддршка на слични проекти.

Во рамките на мисијата на Заменикот генерален директор на УНИДО е и одржувањето на Форумот за менаџирање на отпадите, на кој беа демонстрирани предностите од новите технологиите за деконтаминација на почвата и отпадот во фабриката „ОХИС”.

Во тој контекст, претседателот Иванов нагласи дека тоа е прашање од исклучително значење за Република Македонија и проблем кој налага што поскоро решавање, и изрази подготвеност лично да се вклучи и да помогне во тој процес до мера која ќе биде соодветна и од корист за целиот проект. Македонскиот претседател ги поздрави напорите и подготвеноста на УНИДО за тесна соработка и помош на Владата на Република Македонија за справување со ова прашање, како и успешноста на досегашните реализирани проекти.

Соговорниците се согласија дека одржливиот индустриски развој во согласност со воспоставените еколошки стандарди е од приоритетно значење, и се заложија за интензивирање на соработката во иднина. Претседателот најави дека во наредната прилика кога ќе престојува во Виена, со задоволство ќе го посети седиштето на УНИДО.

Република Македонија повеќе од 25 години е помеѓу земјите во светот кои покажаа особен успех и напредок во имплементацијата на Меѓународните конвенции во областа на заштита на животна средина, поконкретно заштитата на озонската обвивка и безбедно управување со хемикалиите.


  Back<<Назад