Претседателот Иванов упати честитка до Барак Обама по повод реизборот за Претседател на САД
Среда, 07 Ноември 2012   

По повод реизборот на г. Барак Обама за претседател на Соединетите Американски Држави, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, ја упати следната честитка:

Почитуван господине Претседател,

Дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое име, да Ви упатам срдечни честитки по повод Вашиот реизбор за претседател на Соединетите Американски Држави, како и да Ви посакам натамошен успех во извршувањето на оваа одговорна функција.

Во оваа свечена пригода би сакал да изразам очекување дека заедно ќе продолжиме да придонесуваме за натамошно продлабочување на пријателството и партнерството меѓу нашите две држави. Сакам да Ве уверам господине Претседателе, дека Република Македонија, како докажан пријател и партнер на Вашата голема нација, ќе продолжи да ги поддржува американските напори за мир изграден врз ветувањето за слобода и човечко достоинство во светот.

Ја користам оваа можност, господине Претседателе, да Ви се заблагодарам за континуираната поддршка за исполнување на нашите највисоки стратешки цели – членството во НАТО и во Европската унија. Уверен сум дека во периодот што следи нашето стратешко партнерство ќе биде унапредено и збогатено, за што уште еднаш Ви ја искажувам нашата целосна подготвеност.

Со искрени желби за Ваша натамошна успешна работа, лична среќа и добро здравје, Ви ги упатувам, господине Претседателе, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов


  Back<<Назад