|
Претседателот на Република Македонија денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Перу, Н.Е.г. Хозе Антоние Ароспиде Бусто и акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Кралството Белгија, Н.Е. г-ѓа Аник ван Калстер.
На церемониите при предавањето на акредитивните писма, претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за новата функција и им посака успех во вршењето на амбасадорската должност и во нивните идни ангажмани.
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Перу, претседателот Иванов изрази интерес за продлабочување на соработка на билатерален и на мултилатерален план.
„И покрај регионалната припадност на две различни географски целини, длабоко сум убеден дека постои заемен интерес кај владите и на двете пријателски држави, за натамошно вложување заеднички напори за унапредување на односите и соработката во сите области од заемен интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план,” истакна македонскиот претседател во поздравниот говор.
„Ќе го дадам својот максимум за продлабочување и проширување на севкупните односите меѓу нашите две земји, вклучувајќи го политичкиот дијалог, економско-трговските односи, научно-техничката соработка, како и односите во сферата на културата,” истакна амбасадорот Ароспиде Бусто, пренесувајќи поздрави од претседателот на Република Перу, г. Омалта Хумала.
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Кралството Белгија, г-ѓа Аник ван Калстер, двајцата соговорници го потврдија интересот за континуирано унапредување на меѓусебните односи и за интензивирање на соработката, особено во сферата на економијата. Воедно, претседателот Иванов ја истакна потребата за поддршка од Кралството Белгија на претстојниот декемвриски Совет со цел одредување на датум за почеток на пристапни преговори за членство во ЕУ.
„Република Македонија денес е држава која ги исполни сите критериуми за членство во Алијансата, а подготвени сме да ги отпочнеме пристапните преговори со Европската унија. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам за сета досегашна поддршка од Вашата земја, а особено за поддршката на евроатлантските аспирации на Република Македонија. Се надевам дека таквата поддршка нема да изостане во претстојниот исклучително значаен период за Република Македонија,” истакна претседателот Иванов во обраќањето по повод предавањето на акредитивните писма.
Амбасадорот на Кралството Белегија потенцираше дека нејзината земја особено го цени напорот на претседателот Иванов за градење на мирно и хармонично општество базирано на инклузивен демократски модел на интеграција без асимилација и истакна дека Белгија останува на ставот дека иднината на Балканот е во Европската унија.
„Иако веруваме дека билатералниот спор не треба да влијае на пристапните преговори и воопшто на интеграцискиот процес, сепак ги повикуваме двете страни на дијалог со цел изнаоѓање на конструктивно и взаемно прифатливо решение, рече во обраќањето амбасадорот Аник ван Калстер.
|