Честитка до граѓаните од исламска вероисповед по повод верскиот празник Курбан-бајрам
Среда, 24 Октомври 2012   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод верскиот празник Курбан-бајрам упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, реис ул улема Сулејман ефенди Реџепи.

Почитуван реис ул улема Сулејман ефенди Реџепи,
Дозволете ми Вам, лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Македонија да им упатам срдечни честитки по повод големиот исламски празник Курбан-бајрам.

Најискрено посакувам Курбан-бајрам да го поминете во добро здравје, радост, среќа и хармонија.

Курбан-бајрам е празник на солидарноста и заедништвото, празник кој ги потенцира сите човечки доблести и празник на кој им се подава рака на сите помалку имотни на кои им е потребна материјална поткрепа. Токму во таква атмосфера на меѓусебна почит и дарежливост нека помине и годинешново празнување.

Убеден сум дека Исламската верска заедница и натаму ревносно ќе продолжи да учествува во градењето на доверба и разбирање помеѓу различните религии и етникуми во Република Македонија и ќе придонесе во остварувањето на нашата заедничка визија модерна, развиена и просперитетна Република Македонија.

Нека Ви е честит Курбан-бајрам.

Со почит,
Д-р Ѓорге Иванов


  Back<<Назад