Средба со припадничките на АРМ од мисиите ИСАФ и АЛТЕА и видео-врска со контигентите на АРМ
Петок, 17 Август 2012   

Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, д-р Ѓорге Иванов, во пресрет на одбележувањето на 20-годишниот јубилеј од формирањето на АРМ, денеска ги прими клучниот персонал и припадничките на Армијата на Република Македонија, кои ја извршуваа својата должност во мисијата ИСАФ во Авганистан и во мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.

Заедно со нив и со Началникот на Генералштабот на АРМ, Генерал мајор Горанчо Котески, Претседателот преку видео-конференциска врска им го честита овој голем јубилеј и на припадниците на Армијата кои во моментов ја извршуваат должноста во мисиите во Кабул и во Сараево, посакувајќи им уште многу успеси во нивната војничка кариера и во остварувањето на задачите.

„Навистина сум особено горд што сум Врховен командант на Армија која учествува во најтешките мисии и задачи, и која постојано бележи значајни успеси. Македонската армија е темел на нашата независност и сувереност, а токму вие кои служите во меѓународните мировни мисии, сте најголемите амбасадори на Република Македонија, кои на терен ја потврдуваат посветеноста на нашата татковина кон идеалите за мир и демократија,“ истакна претседателот Иванов во разговорот со припадниците на АРМ.

Македонските мировници од Кабул и Сараево истакнаа дека за нив е големо задоволство и чест што Претседателот и Врховен командант лично ги исконтактира по овој повод, и ја искористија приликата да упатат честитки до сите свои колеги кои работат во Армијата на Република Македонија.

Припадничките на АРМ упатија благодарност до Претседателот за срдечните честитки, како и за тоа што го оствари своето ветување дадено на 8 март да ги повика на средба по завршувањето на нивниот ангажман во мисиите во Авганистан и Босна и Херцеговина во јули годинава, и нивното враќање дома. Тие нагласија дека за нив е огромна чест што во пресрет на одбележувањето на овој голем јубилеј – 20 години од основањето на Армијата на Република Македонија, имаа прилика да се сретнат со претседателот Иванов.


  Back<<Назад