|
Средба со Претседателот на Државниот Збор на Република Словенија
|
|
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес (11 март) се сретна со Претседателот на Државниот Збор на Република Словенија д-р Павел Гантар. На средбата Претседателот Иванов изрази задоволство од посетата на д-р Гантар, која е уште една потврда за одличните односи и големото пријателство меѓу двете земји.
Република Македонија и Република Словенија имаат долгогодишна успешна соработка во многу области од заемен интерес, како и заемна поддршка на билатерален, регионален и мултилатерален план. Високото ниво во нашите односи се потврдува и со континуираниот политички дијалог меѓу двете земји, кој се карактеризира со чести средби на највисоко ниво, кои директно придонесуваат за поинтензивна соработка во сите области - изјави Претседателот Иванов на средбата.
Претседателот Иванов му се заблагодари на високиот гостин за сестраната, постојана и принципиелна поддршка од страна на Република Словенија во процесот на интеграција на Република Македонија во Европската Унија и во НАТО, како и за силната поддршка за процесот на визната либерализација. Притоа, Претседателот Иванов изрази особено задоволство од ангажманот на г-дин Зоран Талер, пратеник во Европскиот Парламент и известител за Република Македонија.
На средбата, Претседателот Иванов го запозна д-р Гантар со актуелностите во процесот кој се води под покровителство на Обединетите нации. Претседателот нагласи дека Република Македонија е таа која е најсилно заинтересирана за решение што е можно побргу. Претседателот Иванов изјави дека Македонија е подготвена за решение кое ќе биде во рамките на резолуциите на Обединетите нации.
Претседателот на Државниот Збор д-р Гантар изјави дека Република Словенија останува силен поддржувач на евро-атланските перспективи на Република Македонија. Република Словенија гледа на спорот околу името на Република Македонија како на билатерално прашање кое не смее да ги блокира интеграциските процеси на Македонија. Република Словенија како и досега ќе продолжи силно со поддршка за Република Македонија во тој контекст. Европската Унија треба да ја има предвид, да ја цени и да ја потврди улогата на Македонија во регионален план, како фактор на продуцирање на стабилност и прогрес во регионот – изјави на средбата д-р Гантар.
|