Билатералните односи и политичкиот дијалог меѓу Македонија и Хрватска се одлични - средба со хрватскиот претседател
Понеделник, 04 Јуни 2012   

altПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во Загреб оствари билатерална средба со претседателот на Република Хрватска, д-р Иво Јосиповиќ.

Двајцата претседатели констатираа дека билатералните односи и политичкиот дијалог се одлични, и дека соработката меѓу двете држави во континуитет бележи позитивен развој.

Претседателот Иванов ја изрази благодарноста за поддршката на Република Хрватска за напорите и активностите што ги вложува Република Македонија за што поскорешно приклучување кон Северноатлантската алијанса и ЕУ, особено за хрватската поддршка искажана на Самитот на НАТО во Чикаго. Македонскиот претседател изрази надеж дека поддршката ќе продолжи, бидејќи Република Хрватска најдобро го разбира значењето на евроатлантските интеграции за земјите од регионот, и за неговата трајна стабилност. Претседателот Јосиповиќ истакна дека Република Македонија и натаму може да смета на безрезервна поддршка од Република Хрватска.

На средбата се разменија мислења и информации за состојбите во регионот и за регионалната соработка. Беше разгледана можноста за реализација на проектот Јадранско-јонска магистрала и нејзино поврзување со коридорот 10, и во тој контекст беше договорено интензивирање на контактите на овој план. Двајцата претседатели разменија информации за економските состојби во земјите.

  Back<<Назад