Честитка до припадниците на ромската заедница по повод Интернационалниот Ден на Ромите
Четврток, 08 Април 2010   

По повод Интернационалниот Ден на Ромите 8 април, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов ја испрати следната честитка до припадниците на ромската заедница во Република Македонија.

Почитувани,

Ми претставува особено задоволство на сите припадници на ромската заедница во Република Македонија да им го честитам интернационалниот ден на Ромите-8 ми Април.

8 ми Април е ден кој со гордост го прославува најголемато етничко малцинство во Европа и кој е убава можност да се афирмира историјата и културата на Ромите, но и нивната актуелна социо-економска положба во различните општества во светот.

Република Македонија се гордее со припадниците на ромската заедница кои се нераскинлив дел од Македонското општество и со степенот на права кои ги уживаат се пример за целиот свет. Имено во нашата земја Ромите имаат можност да се образуваат на својот мајчин јазик, да гласаат за своите партии и кандидати и да бидат претставени во сите институции на државата. Токму пред само два дена имавме можност да и го доделиме Орденот за заслуги за Македонија на кралицата на ромската музика Есма Реџепова-Теодосиевска. Тоа е признание за Есма и за сите припадници на ромската заедница и за нивниот придонес во градењето и претставувањето на Република Македонија.

Почитувани граѓани од ромската националност,

Ние нема да застанеме и да се задоволиме со она што досега е постигнато. Борбата за подобрување на социјалната и економска состојба на Ромите не смее да престане. Тое е перманентен процес кој изискува секојдневни активности и ангажмани. Ве уверувам дека во институцијата Претседател и во мојата личност имате посветен и верен подржувач на овој процес.

Нека е честит празникот.

  Back<<Назад